ЧЕКАЈЌИ ГО ПОНЕДЕЛНИК

По 24 години од независноста, ние се’ уште сме со референцата БЈРМ, а Словенија и Хрватска веќе ги остварија своите стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО

Неделава, поточно во вторникот, Словенија го славеше својот ден на независноста. Пред 24 години словенечкиот парламент донесе одлука за осамостојување на Република Словенија. Одлуката се темелеше на волјата на граѓаните на Словенија изразена на референдум во декември 1990 година. Со тоа фактички започна дисолуцијата (распаѓањето) на Југославија, но започна и војната на просторот на некогашната заедничка држава, а последиците и траумите се присутни и денеска.
Кај нас одамна како да сме заборавиле на овие настани кои, сакале или не, се дел од нашата историја. Можеби нашиве политичари кои се изредија во овие 24 години како да се срамат од фактот дека во јуни 1991 година кај нас од референдум за осамостојување немаше ни „р“. А и кога го направивме на 8 септември, најблаго речено беше „хермафродитен“, бидејќи во суштина имаше две прашања во едно – демек за самостојност, а другото за некаква конфедерација со другите Ју-републики. Кај нас, во тоа време, ја немаше онаа потребна интелектуална и политичко-државотворна критична маса, за разлика од една Словенија и Хрватска. Повеќе

ОСУМСТОТИНИ ГОДИНИ ПОДОЦНА

Еднаш поради погрешната перцепција, еднаш поради заглавувањето во лифт, еднаш поради Грција, еднаш поради старата куртизана Европа, еднаш поради авторитарниот режим на Груевски, еднаш поради опозицијата – и ние се’ повеќе тонеме во калта

Неделава во Велика Британија беше свечено одбележана осумстогодишнината од донесувањето на Magna Carta (Магна карта), односно Големата повелба. Со тој документ се поставени темелите на она што денеска го именуваме како владеење на правото и еднаквост на сите пред законите, што спаѓа во корпусот на човековите права и слободи. Повелба со која се воспоставуваат темелите на парламентарната демократија и уставноста. Односно како што вели професорот Питер Сингер во колумната од средата во „Утрински“: „Магна карта била обид да се постават границите на политичката моќ…“ во тоа време на кралот, а денеска на извршната власт.
Според правните експерти, Магна карта не само што го надрасна своето време, туку остана „жива и свежа“ до денешно време, затоа што врз овој документ од средниот век се уредени основите на човековите права и слободи, судењето со порота или правото да нема држење во притвор (затвор) на неопределено време, без судење. Повеќе

ЕУ ЈА ИСПУШТИ МАКЕДОНИЈА

А каде со другите принципи врз кои се темели Европската унија? На Брисел не му е многу гајле колку имаме демократија, колку кај нас владее правото, како ни функционираат институциите, каде е тука солидарноста

Ако сакаме да бидеме нешто помеѓу бизарноста и евтин цинизам, тогаш може да се каже дека резултат од пропаднатите разговори во Брисел е откажаната посета на еврокомесарот Хан на Сараево и разочараноста на овој Австриец од недостиг на одговорност и лидерство кај нашиве. Како „сосед“ Хан би требало подобро да го познава балканскиот политикантски менталитет, па нема толку многу да се разочарува. И нормално, како и секој политичар, Хан патетично додава дека ние како граѓани заслужуваме повеќе демократија, владеење на правото и европска иднина.

Нашиве лидерски „цветки“, Груевски и Заев, не отстапувајќи ниту за милиметар од својот типичен балкански политикантски менталитет, веднаш почнаа со заемни обвинувања кој е виновен за пропаднатите преговори во Брисел. Премиерот Груевски во неговиот препознатлив популистички настап го обвинува лидерот на опозицијата дека се плаши од избори и од соочување со народот, бидејќи катастрофално ќе загубат и тој и неговата партија(СДСМ). Затоа, според Груевски, сега преку продлабочување на кризата која негативно влијае врз економијата, процесот на странски инвестиции и секако, вработувањето, Заев и СДСМ очекуваат нешто да добијат за себе. Во суштина, Груевски не рече ништо ново од она што досега го имаше повеќепати кажано. Оваа негова „теза“ тој надолго и нашироко ја објасни на митингот на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе

СЛОВЕНИЈА – НА СОНЧЕВАТА СТРАНА НА АЛПИТЕ

Смената на врвот на социјалдемократите отвори интересна дебата во државата

Оваа политичка фраза која се темели на географски факт (Словенија е на сончевата страна од Алпите) пред дваесетина години беше многу популарна во процесот на осамостојувањето на Словенија и нејзиното излегување од некогашната заедничка држава. Гледано географски, денеска Словенија во ништо не е сменета, ама затоа на политичката и на економската сцена има многу повеќе облачност, да не речам стушно време, а богами одвреме-навреме има и вистински бури. Една од нив, која се’ уште има голем одглас, е промената на врвот во Социјалдемократската партија на Словенија. Минатата недела на конгресот на словенечките социјалдемократи со тесен резултат (разликата беше само десетина гласа) изгуби досегашниот лидер на партијата Борут Пахор и на негово место е избран Игор Лукшич. Повеќе

ХАН ДОЈДЕ, СТРУЈАТА НИКАКО

Во некои села на планината Јабланица нема струја со денови. Колку овој проблем се вклопува во она што го викаме општи човекови права, односно функционирање на државата

Настаните кои се случија неделава и навестувањето дека во април до година ќе имаме нови, веќе не знам кои по ред, предвремени избори уште еднаш покажаа дека чувството за државотворност кај нашите политички елити (актуелни и бивши) одамна се изгубило во транзицијата која трае ли трае. Еврокомесарот Хан кој во вторникот повеќе од осум часа ги убедуваше „нашиве“ да ги прифатат предлозите на ЕК, периодот до април 2016 година, кога ќе имаме нови избори, го нарече „транзициски период“. Еврокомесарот Хан на нашиве балкански политички „мангупчиња“ им понуди, ако бидат добри, награда, европска перспектива на државата. Со други зборови, еврокомесарот Хан во вторникот, по се’ изгледа, цело време на маса имал „морков“ (читај, евроатлантска иднина на државата), ама откако му станало јасно со какви политички лидери си има работа, во финишот од преговорите го вклучи и американскиот амбасадор кај нас, Бејли. Американците во вакви ситуации на Балканот секогаш многу транспарентно на маса го ставаат пред се’ „стапот“. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com