УНИКАТНА ДРЖАВА

Круна на таа наша „уникатност“ е сето она што се случуваше со ад хок Комисијата, која требаше да ги расчисти настаните од 24 декември

Полека, но сигурно Македонија и, секако, ние, граѓаните, стануваме „уникатна држава и општество“. Не поради природните убавини, рудните богатства или, пак, нашето културно и историско наследство, односно дека сме папокот на светот. Причината е во сегашноста, во она што се вели политичка култура и во однесувањето и потезите, како на политичките елити, така и на конкретни општествени субјекти.

Еве да одиме по ред. Деновиве ни се случи професионалните војници незадоволни од својот економски и социјален статус, а посебно загрижени (оправдано) што по завршувањето на договорот за активна служба, преку своите претставници се заканија дека ако државата не им ги уважи барањата тие ќе побараат да служат во армијата на Бугарија! Ниту малку не се сомневам дека голем дел од нивните барања се оправдани. Се сеќавам дека јавноста со симпатија го следеше нивниот штрајк, ако не се лажам пред три години, кога во став мирно протестираа пред Владата. Ама да се закануваш дека ќе одиш да служиш во Армија на соседна држава, е тоа не само што е уникатен пример барем за европските држави и армии, туку ги надминува сите морални и етички норми. Имено, да си професионален војник во националната армија не е исто што е и „платеник“ или како што ги викаат „кучиња на војната“, па се бориш за пари. Чудно, ама овој „настан“ помина релативно тивко како во медиумите, така и меѓу нашата „експертска јавност“. Ама тоа што ја прави целата работа „уникатна“ е фактот дека ниту актуелниот началник на Генералштабот, а ниту врховниот командант и претседател на државата барем јавно не реагираа иако се должни според Уставот. Можеби поголема прашина ќе се кренеше ако изјавеа дека ќе побараат да служат во Заштитниот корпус на Република Косово или, пак, кај нашиот јужен сосед.

Ама, како што вели народната мудрост, една ластовичка не ја прави пролетта, па затоа само овој случај, секако, не ја прави Македонија „уникатна“ држава. А кај нас вакви „уникатни“ ластовички колку што сакаш. Еве, на пример, со новите измени на Законот за основно и за средно образование во иднина нашите ученици ќе учат според програмите на Оксфорд. Е, сега многу ќе речат зошто сум против Оксфорд, една од најпознатите и најдобри светски образовни институции. Не сум против Оксфорд, уште помалку против квалитетни образовни и наставни програми. Но, начинот како ние го правиме тоа е навистина уникатен во својот дилетантизам. Нашиве планираат едноставно да направат (copy – paste) на оксфордскиот модел. На пример, во Словенија и во Хрватска (колку за информација, Љубљанскиот универзитет е единствен од регионот на листата меѓу првите петстотини универзитети во светот) образовните програми се подготвуваа 3-4 години со целосна вклученост на домашната стручна фела и, нормално, користејќи ги искуствата од други држави. И, секако, со една квалитетна и перманентна обука на педагошкиот кадар (наставници) кои требаа да го имплементираат усвоениот модел. Вака, кога веќе правиме copy – paste на оксфордскиот модел, се прашувам дали ќе увеземе и „даскали“ од Велика Британија.

И, секако, круна на таа наша „уникатност“ е сето она што се случуваше со ад хок Комисијата, која требаше да ги расчисти настаните од 24 декември. На еден од најголемите државници на дваесеттиот век, Винстон Черчил, му се припишува изјавата дека ако работите сакаш да ги забошотиш, е тогаш формирај комисија. Ама ние го надминавме ова. Прво, да не беа странците (ЕУ), Комисијата никогаш немаше да биде формирана, понатаму, да не беа странците, Комисијата никогаш немаше да ги донесе заклучоците и препораките и да не беа странците (ЕУ), Извештајот немаше да се потпише. Дотука, ајде да речеме, колку толку сме во рамките на онаа Черчилова дефиниција. Ама со онаа, најблаго речена, несреќна изјава дека за едната страна (владејачката) заклучоците се како „палома“ хартија (сите знаеме зошто служи), е богами младиот „автор“ на оваа изјава го надмина и стариот политички лисец Черчил. Нема да ме изненади дека сега во балканската политикантска практика нема да влезе токму оваа изјава, во смисла ако сакаш да ги забошотиш работите, формирај комисија, донеси заклучоци потпиши ги, а пота искористи ги како „палома“ хартија. Во суштина, ова покажува дека демократијата во овој пример не настапува како систем за решавање на конфликтот, туку како средство за исклучување, односно делегитимирање на позицијата на едната страна во конфликтот. И навистина се прашувам колку во ова воопшто има демократија. Во суштина, кај нас во изминативе дваесетина години, воопшто, и нема демократија сфатена според онаа основна дефиниција. Имено, ако изборите ги сфатиме како оној вистински конститутивен елемент на демократијата и на демократското владеење, кај нас работите се тотално спротивни. Победниците ги сметаат изборите како добиено право за целосна отуѓеност, независност и без механизми на каква било контрола на власта од граѓаните. Во суштина, граѓанинот и неговата улога во изборниот процес се сведува на некаков „пагански“ ритуал на само репродукција на политичките елити. И ајде сега речете дека ние барем во европски рамки не сме „уникатна“ држава…

ПО ТОПЛОТО ЛЕТО – ЖЕШКА ЕСЕН

И во најоптимистичката и во најцрната варијанта, настаните од 24 декември и Комисијата ќе бидат алатката, да не речам оружјето, со кое и во Собранието и, воопшто, во јавноста ќе се пресметуваат мнозинството и опозицијата

Неделава судот во Љубљана донесе пресуда со која се отфрла тужбата против неделникот „Младина“, поднесена од еден пратеник д-р Бранко Гримс (од партијата на Јанша), за навреда и нарушување на неговиот углед и честа. Да биде целата работа „подраматична“, и сопругата на пратеникот, исто така, се чувствувала навредена и доживеала психичка болка, па затоа и таа се приклучила на тужбеното барање. Така, овој брачен пар бара отштета од 120 илјади евра.
Кој е „гревот“ на „Младина“ кој богами според сумата за отштета е бајаги тежок? Имено, „Младина“ во својата сатирична рубрика објави фотографија на овој брачен пар заедно со нивните три деца снимена на една верско-политичка манифестација. И во препознатливиот стил на „Младина“, под фотографијата има коментар, цитирам: „Секој д-р Г не е д-р Гебелс“ и, секако, од архивите е објавена фотографија на Гебелс, неговата сопруга и децата, снимени на некоја нацистичка манифестација. Повеќе

СТОЧАРОТ БОРО

Како е можно од година на година да растат субвенциите, а секоја година да расте и увозот на земјоделски и прехранбени производи

Летните горештини ги преживувам на планината Јабланица, во селото Лакаица, на 1.300 метри надморска височина. Селото кое е само на 2 км од границата со Албанија, одамна е празно. Некогаш имаше само 12 куќи со околу сто жители, ама околу 2.500 овци, а секоја куќа имаше и по еден ѕевгар волови за орање, барем по еден коњ и по една крава за млеко за децата (млекото од овците се користеше за сирење). За жал тешките услови за живот, струјата дојде дури во 1981 година, а и денеска за да стигнете до него ви треба џип, си го стори своето.Во суштина Лакаица и жителите се жртви на онаа вулгарна логика на повоеното македонско партиско и државно водство, која се сведува на паролата „индустријализација плус електрификација и ете ти социјализам“. Логика која го уништи македонското село. Еве само еден податок. Според последниот попис на Кралството Југославија во предвечерието на Втората светска војна во Македонија имало над 3 милиони ситен добиток (овци и кози). Повеќе

ДЕМАГОГИЈА

Во изминативе две децении на сите парламентарни избори ни се нудеа еден куп убаво спакувани лаги и празни ветувања а ние како гласачи ги „лапнавме“ како битолски локум

И така неделава ни поминува со тропски температури и високо зрачење. Ама неделава во Скопје се вжешти и политичката сцена. Повод се исечените дрва кај хотел Бристол, бидејќи тука ќе се гради зграда во која ќе биде сместен Советот за радиодифузија. Надлежните, дрвјата ги исекле под закрила на ноќта и со полициско обезбедување. Па тоа не го сториле заради големите дневни температури и да ги заштитат работниците од жештината и високиот индекс на УВ зрачењето, туку кај нас тоа веќе станува фолклор демек да не се „возбудуваат“ граѓаните и да се избегнат протестите на луѓето кои живеат таму. И во духот на нашиот политички фолклор опозицијата и власта ова го искористија за уште една меѓусебна пресметка и обвинувања кои во суштина се на ниво на гола демагогија.
Повеќе

ПРЕСМЕТАНО САМОУБИСТВО НА СУДОТ

Откривање лажен заштитен сведок во високопрофилиран случај е професионална и морална обврска на секој новинар и медиум

Минатата недела по протестот на новинарите пред судот поради продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски, кој веќе трет месец е во истражниот затвор, судот одговори со соопштение на протестите. Во соопштението беше остро осуден протестот на новинарите кои не бараат ништо друго туку колегата Кежаровски да се брани од слобода. Новинарите и јавноста беа „подучени“ од судот дека протестите претставуваат притисок врз него и неговата самостојност и независност. Не’ подучија дека сите сме „еднакви“ пред законот и не може новинарите да бараат нешто повеќе за себе. Богами, фалеше уште формулацијата „класен непријател“, па соопштението да биде сто проценти во духот на класичните комунистички соопштенија од времето на Александар Ранковиќ.
Повеќе

pendarov2000@yahoo.com