ПРЕСУДА

Велес меѓу СФРЈ и Македонија – пресудата во велешкиот суд околу загадувањето е неверојатен апсурд

Можеби кога ќе го прочитате насловот ќе помислите дека еве уште еден „експерт“ сега ќе не’ дави со пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Не, почитувани читатели. И мене ми дојдоа преку глава „умните коментари“ и редицата дебатни емисии во кои се наредија сите некогашни министри за надворешни работи, па цела регимента на експерти па странци. Лично мислам дека најдобар коментар од стручен аспект за пресудата од Хаг е онаа на професорот д-р Десковски, додека од политички аспект на ексминистерот Милошовски.
Повеќе

19 МИСЛЕЊА ГРЕМО НАПРЕЈ ФАНТЈЕ

Додека кај нас коалициските преговори се вртат околу министерските места, во Словенија главната битка се води околу партиските програми

Големо изненадување – вака сите политички аналитичари, ПР-експерти и други познати фаци на словенечката политичка сцена ги оценуваат минатонеделните предвремени парламентарни избори во Словенија на кој победи градоначалникoт на Љубљана, Зоран Јанковиќ, и неговата партија Позитивна Словенија. Во суштина, најголем победник е телевизијата, изјави познатиот словенечки комуниколог Верчич (кој добро заработи за своите услуги и кај нас). И оваа констатација донекаде држи вода.

Предизборната кампања во Словенија не е онаква како што е кај нас. Нема големи митинзи и колони од автобуси што ги пренесуваат симпатизерите од една на друга локација, туку, пред се’, телевизиски дебати и соочувања на партиите, нивните лидери и нивните програми. Последните две ТВ-дебати Јанша ги одбегна и не се појави. Се претпоставува дека го направи тоа поради аферата со неговите станови во Љубљана, плус земјоделски имот, плус градежна парцела во еден од најатрактивните национални паркови во Словенија, а јавноста досега не знаеше за ова.

Според неофицијалните резултати, во идниот словенечки парламент Јанковиќ и неговата партија ќе имаат 28 пратенички места. Јанез Јанша и неговата партија ќе имаат 26 места. Во суштина, Јанша веќе по втор пат за влакно ги губи изборите. Едно е сигурно, словенечките граѓани гласаа за промени или подобро речено гласаа за влада која во својот мандат ќе обезбеди надминување на сегашните проблеми, а тоа е, пред се’, невработеноста која изнесува над 11 проценти.

Јанковиќ, кој за себе вели дека не е политичар, туку, пред се’, стопанственик, во програмата, а и во кампањата ветуваше две клучни работи. Економски развој – предвидува за четири години да обезбеди стапка на пораст на БДП од 4 проценти што нема да биде лесно ако се има предвид дека Словенија само 18 проценти од БДП го остварува дома додека 82 процента на странските пазари, пред се’, во ЕУ. Во исто време, Јанковиќ се зазема и за јакнење на социјалната димензија на државата. Тој планира даночна реформа, која поаѓа од принципот оние што имаат повеќе да плаќаат поголеми даноци. Понатаму, намалување на трошењето на државата и рационализација на бројот на министерства од сегашните 16 на само 11, додека намалувањето на администрацијата со темпо од 2 процента годишно, исто така, е дел од неговата програма.

Јанез Јанша во својата прва изјава, честитајќи му ја победата на Јанковиќ, изјави дека распределбата на гласовите и новиот состав на парламентот не даваат гаранција за стабилна влада што ќе издржи четири години, затоа, според него, „за жал, повторно ќе имаат предвремени избори“.

Тука е и првиот многу тврд орев кој Јанковиќ треба да го скрши и да направи стабилно парламентарно мнозинство и стабилна влада. Јанковиќ веќе имаше средба со лидерот на социјалдемократите, Борут Пахор, кој со десетмина пратеници е трета политичка партија во новиот парламент. По средбата, Пахор изјави дека тие како партија се’ уште не одлучиле дали ќе одат во владата на Јанковиќ, ама ќе го поддржат и како мандатар, а и сите негови реформи што ќе водат во надминување на кризата и развој на државата. Треба да се очекува дека социјалдемократите на Пахор ќе бидат дел од владината коалиција. Старите и се’ уште значајни авторитети од левицата на чело со Милан Кучан, секако, ќе поттурнат во таа насока.

За Јанковиќ ќе биде многу значајно во неговата влада да влезе Грегор Вирант, кој на изборите настапи како Граѓанска листа и освои осум пратенички места. Вирант, кој важи за еден од најголемите експерти за државната управа и кој во почетокот на кампањата се заземаше за класичен неолиберализам, продавање на сето она што е во сопственост на државата, при крајот ретерираше и се зазема и понатаму државата да остане сопственик во инфраструктурата, но и како акционер во големите словенечки фирми, како што е, на пример, „Крка“. За Вирант е многу битно да влезе во владината коалиција за да може да оствари барем дел од својата изборна програма. Во спротивно, како опозиција може да му се случи на идните избори да го снема.

Јанковиќ не крие дека, исто така, во владата сака да ја има и Словенечката народна партија, која има шест пратенички места, но и ДЕСУС, партија на пензионерите (исто така, има шестмина пратеници). Нејзиниот лидер досега се покажа како човек кој лесно ги менува страните.

Во Словенија во овие дваесет години на самостојност секогаш имало коалициски влади, без разлика кој е победник. Но, факт е дека секогаш имало тешки преговори околу составувањето на коалицијата. Додека кај нас фактички коалициските преговори се вртат околу министерските места, па потоа места за вториот ешалон, па за третиот и така натаму до последниот лепач на плакати, во Словенија главна битка се води околу партиските програми кои треба некако да се инкорпорираат во програмата на владата, а оттука се распределуваат и министерските места. Токму затоа нема да му биде лесно на Јанковиќ да состави влада која ќе има солидно парламентарно мнозинство.

Втора работа, која, исто така, е различна од кај нас, е фактот дека во Словенија според Уставот претседателот на државата предлага до парламентот кандидат за мандатар и речиси по правило тоа е победникот од изборите. За да станете мандатар, прво мора да поминете на гласање во парламентот, односно да добиете минимум 46 гласа. Ако помине тоа, тогаш сте мандатар, кој во одреден рок на парламентот му предлага состав на министри. Кандидатите за министрите прво одат на таканареченото сослушување пред надлежните парламентарни матичните тела, па ако таму се добие „пас“, тогаш на пленарна седница се гласа за целата листа.

Според уставот, Словенија има чист парламентарен систем. Некаде до божикните празници (декември) новиот парламент се очекува да биде конституиран, а некаде во втората половина на јануари и новата влада.

Новата влада на Словенија ја чека тешка работа и болни реформи. Ако е нешто позитивно, тоа е фактот дека јавноста, стопанските субјекти, а и сите политички субјекти се свесни дека во минатото Словенците и државата трошеле повеќе отколку што биле реалните можности. Понатаму, словенечкиот граѓанин е подготвен да прифати затегнување на ременот ако знае колку тоа ќе трае и кој е идниот бенефит и за него како граѓанин, но и за општеството во целост. Другите социјални партнери (синдикатот, стопанската комора), исто така, навестуваат дека ќе прифатат сериозни и болни реформи.

Затоа за очекување е дека релативниот победник на изборите во Словенија, Зоран Јанковиќ, ќе успее да состави стабилна влада без разлика на големата раздробеност на политичките сили во парламентот. Но, ако таа идна Влада за година или максимум две не покаже конкретни резултати, кои фигуративно речено ќе се почувствува на ременот на секој граѓанин, но и на општеството во целост, тогаш Јанша рече дека е голема веројатност да има повторно предвремени избори.

ЛУД И … ЗБУНЕТ

Министерот Ставрески со леснотија и аргументирано го брани предложениот буџет

Навистина се прашувам како Грција, која е позната само по производство на „фета“ и квалитетно маслиново масло и тука горе-долу завршува нејзиното индустриско производство гледано во поширок европски контекст, успеа да го доведе во прашање еврото, односно целокупната монетарна политика на Европската унија. И згора на тоа, Грците кој знае по кој пат во по новата историја ја покажаа својата итрина, така што сега Европа повторно ги спасува. Мене ова ми личи на онаа позната приказна (или виц) за лудиот кој го „онаквел“ збунетиот. Во овој пример збунетиот е Европа и тоа не за прв пат. Арно ама, ова е „внатрешно“ прашање на ЕУ, а Грција е нејзина полноправна членка така што јас немам право да го подучувам Брисел до кога ќе биде „збунет“.
Повеќе

ВО СЛОВЕНИЈА НЕ Е ВЕЌЕ ЗДОДЕВНО

По изборите на 4 декември, сигурно ќе биде рекомбинирана политичката сцена

На четврти декември, во Словенија ќе се одржат парламентарни избори. Избори кои со сигурност носат промени на власта, но тоа што е, исто така, новина е фактот дека по изборите политичката сцена и воопшто општествените состојби ќе бидат многу изменети.

За Словенија, која во изминативе 20 години секогаш имаше коалициски влади, ова се први вонредни избори. Навистина, на два пати, во различни мандатни периоди, со прегрупирање во парламентот, се сменија владите, но ова преставува новина за словенечките граѓани. Владата на премиерот Борут Пахор падна, затоа што не и’ помина на референдум за реформата на пензискиот систем. Интересен е фактот дека токму тие кои пред нешто повеќе од три години го донесоа Пахор и неговите социјалдемократи на власт (најголемите синдикати) и пензионерите кои партиципираа во власта, ја урнаа владата на Пахор.

Факт е дека зад актуелната политичка состојба стојат последиците од економската криза, која во Словенија се почувствува во поголема мера имајќи предвид дека 80 проценти од домашниот бруто-производ, кој во 2010 година изнесуваше 35,4 милијарди евра односно 17.331 евра по жител) го остварува преку извозот. Словенечкиот граѓанин кои од една страна има високо развиена свест за своите обврски кон државата и општеството во целост, во исто време очекува државата да ги оствари своите обврски за него. Со 500 евра најниска плата и со 1.000 евра просечна плата, со добро водена социјална политика и заштита, во Словенија се живееше барем досега „комотно“, дури и малку здодевно.

Како ќе се живее во иднина? Ова прашање сега си го поставува и просечниот словенечки граѓанин. Тој граѓанин очекува од политичките елити многу јасно, едноставно и без празни а нереални ветувања, да му се каже што го очекува по изборите. Словенечките избирачи се подготвени ако е потребно да прифатат да го затегнат ременот, ама сакаат да знаат за колку и колку долго тоа ќе трае, отколку да им се ветува дека по изборите ќе тече „мед и млеко“. Словенија во предизборието не ги познаваше оние наши изборни митинзи и долги колони автобуси во кои се превезуваат симпатизери од една на друга локација, создавајќи слика дека, ете, народот е со нас. Предизборието во Словенија, ако го гледаме од наш агол, е повеќе здодевно отколку интересно за да биде прва вест во информативните емисии или, пак, за насловна страница на весниците. Од друга страна, политичките дебати во електронските медиуми и соочувањето на политичката понуда беа редовно следени од граѓаните и имаат големо значење.

Тоа што е новина за овие вонредни избори е дека се појавуваат два сериозни нови политички субјекти, што ја разбранува политичката сцена. Бидејќи немаше време за формирање на партии и двата субјекта на изборите ќе настапат со таканаречени независни листи. Првата е на актуелниот градоначалник на Љубљана, познатиот Зоран Јанковиќ. Станува збор за политичка групација (најавено е дека ќе прерасне во партија) која ќе биде со централнолевичарска политичка опција. Зад Јанковиќ застана и Милан Кучан, првиот претседател на Словенија, кој ужива висок кредибилитет во словенечката јавност. Исто така, голем број познати интелектуалци, уметници и воопшто познати лица во Словенија му дадоа поддршка. Тоа што е карактеристично а се случува за прв пат, веќе неколку пратеници од социјалдемократите на премиерот Пахор најавија дека преминуваат кај Јанковиќ.

Вториот нов политички субјект е Грегор Вирнат. Во Словенија Вирнат е познат од 2004 година кога Јанез Јанша победи на изборите и тој го доби новоформираното Министерство за јавна администрација, иако формално никогаш не бил член на Словенечката демократска партија предводена од Јанша. Интересен е и фактот дека тој во сите анкети во тоа време беше оценет од јавноста како најуспешен министер. Во суштина, овие два нови политички субјекти, едниот лево а другиот десно од центарот, претставуваат сериозна закана како за левицата така и за десницата во Словенија, ако може воопшто да се зборува за ваква класична поделба.

Што со старите партии и политичари? Сите истражувања покажуваат (најновото е од 3 ноември) дека Јанша, Јанковиќ и Вирнат ќе бидат првите три партии со најмногу освоени гласови. Лично типувам дека Јанез Јанша ќе биде новиот премиер. Борут Пахор и неговите социјалдемократи не само што ќе ги загубат изборите, туку е прашање дали како опозиција ќе бидат значаен субјект во идниот парламент. Секако, најголем губитник на претстојните избори ќе биде партијата Зарес на Грегор Голобич, кој беше министер за образование во владата на Пахор. Анкетите покажуваат дека оваа партија е на граница на изборниот праг за влез во идниот парламент. Можеби во моментов сигурно влегуваат словенечките либерали на чело со шармантната Катарина Кресал. Аналитичари предвидуваат дека на овие избори малите партии имаат многу мали шанси да влезат во парламентот.

Иако формално предизборната кампања се’ уште не е започната, таа во Словенија добро се чувствува. Дури со некои потези и изјави на лидерите на политичките партии може да се навести дека таа ќе биде многу пожестока од досегашните. Односно во оваа наша некогашна братска република која себе си се дефинираше како дел од Средна Европа (во културна и во политичка смисла на зборот) сега како се враќа балканскиот политички менталитет и балканската политичка култура. Барем нема да биде здодевно како што беше досега, ми рече деновиве еден мој словенечки пријател.

(Авторот е државен службеник

и ги изразува своите лични ставови)

НОВАТА ХРВАТСКА ПРОЛЕТ

Едно е сигурно, по овие афери без разлика кој ќе ја освои власта во Хрватска, во иднина нема така лесно, во името на партијата, да прави криминал

На четврти декември, во Хрватска ќе се одржат парламентарни избори кои, со сигурност, носат промена на власта. Аналитичарите истакнуваат дека по изборите (без разлика кој ќе победи) политичката сцена и воопшто општествените состојби ќе бидат многу изменети. Но, да одиме по ред.
Владејачката ХДЗ е сигурен губитник, а коалицијата „Кукурику“, која ја предводат хрватските социјалдемократи на чело со Зоран Милановиќ, е победник. Тоа што ја карактеризира политичката сцена во Хрватска во овој предизборен период се корупциските афери во владејачката партија. Се’ почна со затворањето на бившиот премиер Иво Санадер против кого се подигнати неколку обвинувања, меѓу кои и за воено профитерство. Повеќе

ДОБРА ВЕСТ

Колку и да звучи болно, Грција со својата дипломатија е по вторпат победник во нашите евроатлантски определби

Една добра и две лоши вести – вака некако госпоѓа Шекеринска го сублимира извештајот на Европската комисија уште пред да влезе формално во собраниска процедура. Добрата вест е препораката да добиеме датум за почнување на преговорите, а лошите вести се дека во извештајот во целост е избришана придавката „македонски“, што е факт дури и кога станува збор за јазикот. Втората вест е дека Република Македонија назадува во реформите, и тоа на сите полиња!? И тргна лавината. Кулминацијата се одвива во Собранието каде што расправата по извештајот се’ уште трае додека го пишувам овој текст.
Повеќе

OCCUPY WALL STREET, КАЈ НАС ЌЕ ГО ОКУПИРАМЕ СОБРАНИЕТО

Се покажа дека финансиските институции (банките, берзата) се единствената „терористичка“ организација која може да го сруши светот

И додека во арапскиот свет се случи „Јасмин Револуција“ која за жал од такво прозаично име се претвори во крвава војна која се уште трае, од финансискиот центар на светот (Њујорк) тргна една нова „револуција“ која како што стојат работите се прелева и во Европа.
На пример за 15-ти октомври се навестени демонстрации во Љубљана, Марибор, Копар. И за двете револуции имаат две заеднички карактеристики. Организирани се со помош на интернет технологијата, и на почетокот немаат некакво етаблирано водство. Причините секако се различни. Не може да се рече дека во САД нема почитување на човековите права и слободи односно владеењето на правото како што е во арапскиот свет. Односно не може да се рече дека Словенија не е социјална држава ако се има во предвид дека само 0,004 проценти од населението немаат здравствено осигурување а минималната плата е речиси 100 проценти поголема од просечната плата кај нас. Повеќе

КАМПАЊСКА ДИПЛОМАТИЈА

Нема никакво оправдување зошто македонските пратеници не беа на сесијата во Стразбур

Вчера во Стразбур заврши есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ова е последна сесија за оваа година, по правило се одржуваат само четири кои траат по една работна седница. На оваа седница, меѓу другите точки, на дневен ред беше и состојбата во Западен Балкан со акцент на Србија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина. Од изборите и пописот во Албанија, немирите во северниот дел на Косово, и други кои негативно влијаат на стабилноста на Западен Балкан и неговата евроатланска перспектива. Уводничар за оваа точка беше шведскиот пратеник Вон Сидорф. За жал на сесијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа не присуствуваше македонската делегација од причини кои им се познати само на нејзините членови. Делегацијата ја сочинуваат тројца пратеници плус тројца нивни заменици, а ги избира Собранието од редовите на актуелните пратеници. Повеќе

ПОПИС СО БАЛКАНСКО ПОЛИТИКАНТСТВО?

И по 20 години независност, ЕУ не’ учи да прифатиме дека пописот не е дневна политика. Резил за сите нас

Пописот на населението, домаќинствата и за становите во прв ред е обемно статистичко истражување што се врши во сите држави во светот, а по правило се прави во одредени временски интервали, но не подолги од десет години. Веќе одамна пописот на населението е и обврска за секоја држава членка на Обединетите нации. Податоците од пописот собрани и обработени и, според меѓународно утврдена и прифатена методологија и критериуми, треба да се достават до ОН. Резултатите од пописот во секоја држава (нормална и уредена) се еден од основните столбови за креирање и за водење најразлични политики. Од демографијата преку образованието, вработувањето, социјалната политика, здравство, па ако сакате и инвестициски или други политики од сферата на економијата и економскиот развој. Повеќе

БАЛКАНСКИ СИНДРОМ

Скандалот во Брисел покажа колку новинарите се дисциплини-рани од политичарите

Во Словенија, спроти нејзиното осамостојување, еден многу познат новинар испрати писмо до сите медиуми и побара новинарите и медиумите да го покажат својот патриотизам и да не се осврнуваат многу на фактите и вистината. Новинарското здружение, медиумите и, воопшто, новинарската фела ова писмо и неговиот автор едноставно го растргнаа.
Во Словенија, веднаш по осамостојувањето, еден познат политичар незадоволен од тоа како новинарите известуваат од парламентот јавно им порача дека тоа е нивната „лебедова песна“. На ова словенечките новинари и медиуми одговорија со штрајк. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com