Нон-пејперот на Јанша

Неделава западно балканската јавност но делумно и Европските институции и администрација ја разбранува таканаречениот нон-пејпер на актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша, а се однесува на некакво заокружување на процесот на дисолуција (распаѓање) на некогашна СФРЈ. Да објасниме прво што е нон пејпер документ. По правило тоа е документ кој нема потпис и нема глава значи формално не се знае кој го напишал, каде е напишан, понатаму не се доставува по редовен дипломатски пат односно канали туку оди што би рекле под маса. Конкретно овој документ (патем го објави словенечкиот портал „Нецензурирано“) се претпоставува дека е пишуван во Будимпешта а кабинетот на Јанша е и поштарот кој го доставува до Брисел, секако „под маса“. Инаку зад овој документ стојат Унгарија, Словенија, Хрватска, Грција, Кипар и Бугарија.
Што предвидува овој „фантомски документ“??
Во него акцент е ставен на две работи. На самиот почеток се објаснува дека со распаѓањето на СфРЈ остана нерешено националното прашањето на Србите, Албанците и Хрватите. Ова и те како ја ограничува европската перспектива на Западен Балакан и полноправно членство на државите од овој регион. Затоа авторите предлагаат две работи. Прво, здружување на Косово со Албанија. Авторите (според моето разбирање) во право се кога велат дека над 95 насто од граѓаните на Косово е за здружување со Албанија. Понатаму факт е дека и сега само формално постои граница помеѓу Приштина и Тирана. И сега доаѓаме до „тврдиот орев „а тоа се Србите на Косово. Документот не предвидува поделба на Косово туку за Србите предвидува широка автономија нешто слично како што во Италија има статус Јужен Тирол односно Трентино-Алто Адиѓе.
Што се однесува до Босна и Херцеговина документот предвидува Република Српска да се здружи со Србија секако под услов Србија да прифати здружување на Косово со Албанија.
Документот предвидува сегашните хрватски кантони да се приклучат кон Хрватска или како преодна фаза и Хрватите во БиХ да добијат статус сличен на Јужен Тирол што е помалку веројатно. Со ова се истакнува во документот Бошњаците ќе можат сами и одговорно да решаваат за својата перспектива во рамките на ЕУ или пак надвор од неа.
Авторите на документот предупредуваат дека ако не се најде решение за овие прашања треба да се очекува радикализација на состојбите во регионот пред сè заради продорот на радикалниот ислам но и улогата на Турција.
И сега што со Македонија. Домашните медиуми поголем дел од нив недоквакани и овој пат ја утнаа работата. Во Документот никаде не се споменува промена на границите на Северна Македонија (се мисли на западниот дел) потоа промена на границите на Црна Гора или на Србија се мисли на Прешевската долина. Напротив порталот кој го објави документот истакнува дека неодамна во некој македонски портал била објавена карта во која дел од Македонија Црна Гора и Србија (Прешевска долина) се приклучуваат кон Косово односно Албанија. Вакво нешто во споменатиот нон пејпер нема пишува словенечкиот портал Нецензурирано. Напротив во документот се поддржува европската перспектива на овие три држави и на Албанија. И уште нешто во документот никаде не се споменува враќањето на Груевски од Будимпешта.
Едно е факт овој нон пејпер е обид да се отвори пандорината кутија во регионот. Во суштина авторите на овој фантомски документ не се ниту малку оригинални. Сетете се само на Меморандумот на Српската академија на науките и уметноста од осумдесетите година на минатиот век врз кој Слободан Милошевиќ дојде на власт. За жал вакви и слични документи и размислувања кружат во „подземјето“ на меѓународната заедница. Дека ова е точно се гледа и од писмото на американскиот државен секретар Антони Блинкен во март годинава а упатено до членовите на претседателството на БиХ во кое многу јасно ја исклучува можноста за отпочнување на разговори за радикално менување на Дејтонскиот договор.
Инаку во самиот нон пејпер се истакнува дека во оваа фаза сето ова мора да се работи максимално тивко па дури тогаш кога мнозинството од оние кои носат одлуки ова го прифати тогаш и формално да започнат преговори.
За жал како и во многу работи досега нашата дипломатија ама везе нема што се случува во регионот, или можеби знае ама како гуска во магла не знае каде да лета. Така беше и 1991 година. Ќе потсетам на еден факт во март 1991 год. (Југославија уште постоеше) претседателите на Србија и Словенија Милошевиќ и Кучан по заедничкиот состанок во официјалното соопштение запишаа. Србија го признава самостојниот пат на Словенија, а Словенија го признава правото на самоопределување на српскиот народ. Ние во тоа време ја фуравме платформата Глигоров Изетбеговиќ за спас на Југославија. Е па токму на ова право на самоопределување во БиХ војната однесе над сто илјади жртви претежно цивилно население.
Ние на Балканот за жал сме таканаречени неисториски народи. Односно народи кои создаваат историја но не учат од неа, затоа и историските грешки ни се повторуваат.

pendarov2000@yahoo.com