TO BE OR NOT TO BE

Оваа позната реченица од монологот на Хамлет за жал ја (зло)употребуваме и кога треба и кога не треба. Сепак мислам дека добро ја отсликува атмосферата во која се одвиваше целокупната предизборна кампања. Во македонскиот блок, власта и опозицијата персонализирани преку Груевски и Заев се обидуваат да се наметната како единствените и вистинските спасители. Во текот на овие дваесетина дена на кампања, (која ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во суштина ја водат веќе две години односно од пукањето на првата бомба на Заев) се наслушавме се и сешто. Под изборниот слоган „За подобра Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ ни нуди рајска градина. Односно се она што е убаво да се слуша, ама има една мала фалинка, а тоа е едно големо „ЌЕ“. Па така ќе има нови тениски терени, базени, патишта и железници, градинки и училишта, реновирање на постојните и градење на нови современи болници плус милиони евра во нови медицински апарати, субвенции за се и сешто, ама сепак најмногу во земјоделието вработување и странски инвестиции колку душа ти сака – ако нешто заборавив не е страшно бидејќи во изминатава декада се навикнавме на овие виртуелни ветувања и Потемкинови села. Ајде што се навикнавме туку како клен на дудинка се фаќаме на јадицата на власта која во овие десет години на владеење ја донесе Македонија на врвот на Дуинг бизнис ама и на европското дно на сиромаштија И за да се остварат овие ветувања потребно е и ние гласачите, осиромашени, апатични, и одамна изманипулирани да го дадеме тоа што ни остана, нашиот глас за да може во идниот парламент да се има 63 пратеници како услов за стабилна влада. Ако тоа ние гласачите не го направиме, е тука почнуваат црните сценарија и процесот на заплашување. Демек ако не се добијат тие 63 пратеници, или недај боже победи опозицијата на чело со Заев многу брзо Македонија ќе се федерализира, албанскиот јазик ќе стане втор службен јазик, а од тука па до целосно уништување на државата и на Македонскиот народ е само еден мал чекор! Затоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одеднаш како да се обидува да стане балкански Робеспиер односно Јакобинец. А бидејќи овде на Балканот никогаш сме немале гилотина Груевски се повика на Ќосето, професионалниот убиец ликвидатор чии споменик стои пред судската палата во Скопје. Која ли симболика за проектот „За подобра Македонија“!

Од друга страна, ако го занемариме канибализмот „ќе јадеме живи луѓе“ лидерот на опозицијата Заев исто така во својот проект „За живот во Македонија“ нуди невидена благосостојба. Од минимална плата шеснаесет илјади до просечна плата од триесет и кусур илјади со што ќе можеме да си го наполниме фрижидерот и да не јадеме конзерви, да си ги плаќаме сметките и уште многу шарени шеќершиња кој ќе ни го направат животот во Македонија многу убав. За разлика од Груевски, Заев зборува и за враќање на демократијата владеењето на правото и правната држава која реално никогаш не сме ја имале во права смисла на зборот, но факт е дека актуелната власт во изминативе десет години во целост ја замени со партиските интереси наметнувајќи од една страна клиентелизам а од друга страна страв и казни. А сето тоа само за лукративните интереси на фамилијата. Навистина Заев и СДСМ со бомбите успеа  да го разбие тој страв наметнат од фамилијата, но за жал не успеа иако имаше можност преку Пржино 1 и Пржино 2 да создаде услови за дефинитивно заминување од сцената на „фамилијата“ мислам прво политичко а потоа и правно. Убаво звучи кога Заев и СДСМ денеска зборуваат за демократија владеење на правото и правната држава, кога се вели дека ќе има конфискација на незаконски стекнатиот имот и пари што дома што по светот. Но останува некое горко чувство дека сепак актуелното водство на СДСМ не се многу кадарни тој процес да го започнат вистински. Понатаму Заев кој неколкупати докажа дека има побрз јазик од мисла, со изјава околу албанскиот јазик самиот создаде материјал за спин докторите на ВМРО-ДПМНЕ да ја развијат тезата за предавникот Заев а со него и  партијата. Чиста глупост и лага ама добро се продава.

Во албанскиот блок горе долу слична состојба. ДУИ и понатаму иако е солидно начнат сепак се доживува како заштитник на интересите на албанските сограѓани. Сега во албанскиот политички блок хит понуда е двојазичноста односно албанскиот јазик како втор службен јазик. Прашањето е легитимно, ама зошто не се постави кога Охридскиот договор се преточуваше во Уставот а подоцна во законите меѓу кои и Законот за употреба на јазиците. А патем да го потсетам ДУИ дека со нивни гласови во Собранието се избра член на Комисијата за заштита од дискриминација кој е албанофоб на што пред гласањето предупреди и почитуваниот Рафис Алити. Или да ги прашам лидерите на сите албански политички партии дали ако Берово е двојазична општина Тетово ќе биде чист град и тетовчани ќе дишат почист воздух, а младите Албанци нема својата среќа да си ја бараат надвор од државата. Како и да е повторно и во едниот и во другиот етнички кампус политичарите повторно играат на националните а на моменти и националистички чувства што покажува дека сепак ништо не сме научиле од нашата понова историја.

Во овој предизборен циклус медиумите притиснати од одредбите на договорот од Пржино 2 со мали козметички поправки успеаа демек да воведат минимално почитување на новинарски стандарди. Но за жал и овој пат изостанаа оние вистински дебати на кои ќе се соочуваат аргументите и програмите на политичките партии. Нормално соочување на лидерите на партиите не доаѓа предвид. Но затоа митинзите и долгите автобуски колони кои го расшетуваат членството и поддржувачите од едно место во друго си останаа како и во минатото заштитен знак на предизборната атмосфера. Сето ова покажува на кое ниво е политичката култура во нашето општество, која лидерите посебно „големата четворка“ знаат типично балкански да ја користат исклучиво во своја корис. И сега да се вратиме на насловот и на основните политички пораки „За подобра Македонија“ (ВМРО-ДПМНЕ) и „За живот во Македонија“ (СДСМ) И нормално се прашуваме со кои ќе не биде или нема да не биде? Некој ќе рече па ќе дојдат нови генерации млади образовани луѓе. Е па според резултатите од тестирањето по јазична писменост, математика и природни науки за 2015 година, објавени деновиве македонските ученици се на дното. Полоши од нашите средношколци се косовсите Ќе не биде нели? Само гласајте за…..

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com