The end, Fundi, Конец,

Или по наше „КРАЈ“. Секако се прашувате каков крај, чиј крај, зошто крај? Според мене после сето тоа што се случи во четвртокот во Собранието, дефинитивно започнува крајот на владеењето на Никола Груевски и фамилијата со државата. За жал тој почеток на крајот започна крваво со настаните во Собранието. Во суштина крвавите настани не изненадија. Груевски кој секогаш кога нешто драматично се случува во државата ги најавуваше скоро месец дена, повикувајќи го народот дека со седење дома пред телевизорот не може да се одбрани унитарното уредување на државата нејзина федерализација и цел куп други вешто смислени спинови со цел на создавање на страв и несигурност кај Македонците демек ќе мораме да учиме Албански, а ако не научиме 2-3 илјади евра казна! Како и да е настаните од минатиот четврток или подобро речено од декември минатата година од она што викаме правна држава и владение на правото и функционални институции кои работат според Уставот и законите создадовме некаков „зомби“ парадржавен систем. Не треба многу мудрост дека одговорен за ваквата состојба во државата и општеството, а таа одговорност секако ги опфаќа и настаните во Собранието од минатиот четврток, е актуелната „фамилија“ која сѐ уште владее со државата. Имено, стравот од фактичкото губење на власта а со тоа да се соочат со правна разрешница која произлегува од бомбите Груевски со ова што го направи минатиот четврток не само што долгорочно ја уништува сопствената партија (ВМРО-ДПМНЕ) туку ја доведува во прашање стабилноста на државата, а со тоа и на регионот. Речено народски, со ова што го прави Груевски и фамилијата многу побрзо ќе ја изгубиме државата отколку некакви „предавства на Заев“. Криејќи се како, секој автократ, зад некаков „виртуелен народ“ на Груевски око не му трепна тој „народ“ да го пушти да тепа пратеници. Секако во тоа сценарио на заштита на фамилијата голема улога има онаа павлиха Иванов (словенечки израз за дворски шут) кој сѐ уште е легален претседател на државата, за жал, легитимноста одамна ја изгуби. А да се потсетиме се започна со онаа аболиција на околу педесетина луѓе, (со ваква масовност се сакаше да се скрие главната цел, а тоа беше аболиција на Груевски и најблиските од фамилијата) па до одбивањето да го даде мандатот на Зоран Заев иако тој за разлика од Груевски донесе потписи од пратеници со кои обезбеди и докажа дека има парламентарно мнозинство. И замислете оваа павлиха која така храбро само пред 48 часа најавуваше дека нема време за високиот претставник на Стејт департманот Хојт Ји сега не само што се сретна со истиот тука бара од него и од САД да помогнат да се формира новата влада. Дали е потребно да се потсетува дека тој неодамна ги обвинуваше амбасадорите и меѓународната заедница дека се мешаат во внатрешните работи на државата, а сега бара САД да помогнат. И она што навистина е трагикомично, оваа павлиха се колнеше дека нема да го даде мандатот на Заев а сега ете има начин со помош на америте сепак Заев да го добие мандатот.

Како и да е треба да сме свесни дека ова е само почеток на крајот или ако сакате почеток на расплетот на состојбите кај нас. Прво треба да бидеме свесни дека Груевски и фамилијата и понатаму со сите сили ќе го блокираат овој процес. На пример уште по изборите во декември не беше тајна дека господин Талат Џафери ќе биде новиот претседател на парламент, ако дојде до коалиција помеѓу Груевски и Ахмети. Арно ама кога пропадна коалицијата помеѓу ВМРО-и ДУИ, (читај Груевски – Ахмети) после оној фамозен и мистериозен телефонски повик за Ахмети со … сега господин Џафери е неподобен, тој албански националист кој сака да ја федерализира Македонија. А беше добар министер за одбрана, во една од владите на Груевски нели?

И што сега? Мислам дека странците а пред сѐ Хојт Ји се свесни со кого си имаат работа и дека на политичарите кај нас не може многу да им се верува. Токму затоа, посебно американците (читај Хојт Ли) денеска и вчера во разговорите со „нашиве“ повеќе на маса мавтаа со стапот отколку со морковот. Од изјавата на Ли можеше многу јасно да се види дека САД го признаваат господин Талат Џафери за нов спикер. Понатаму очекуваат релативно брзо и мирно формирање на новата влада од страна на парламентарното мнозинство а САД како стратешки партнер и понатаму ќе ја поддржуваат Македонија во процесот на евроатлантските интеграции.  Изјава која секако е примена како ладен туш од страна на Груевски и фамилијата ама и од оние патриоти експерти и аналитичари кои очекуваа демек со доаѓањето на Трамп америте ќе застанат зад Груевски и фамилијата, односно завршува ерата на соросоидите кај нас. Ама ништо од ова. Патем дури и најголемиот пријател на Груевски унгарскиот премиер Орбан кој сакаше со закон да го забрани универзитетот на Сорос во Будимпешта под притисок на ЕУ а пред сѐ Алијансата на Народните партии мораше да го повлече законот, така да и во Унгарија „соросоидите“ остануваат.

Но да се вратиме дома. Секако се прашуваат пред сѐ патриотите зошто „америте“ се откажаа од Груевски. Одговорот е едноставен. Вашингтон оценил дека стабилноста на државата и регионот која ја обезбедуваше владеењето на Груевски и фамилијата, стабилност која досега одеше на сметка на демократијата, и владеењето на правото е веќе исцрпена. Односно без враќање на некаков нормален колосек што подразбира владеење на правото, почитување на парламентарната демократија, човековите права и слободи, стабилноста брзо ќе пукне. Затоа се надевам дека новата Влада и Заев веќе  ја научиле лекцијата дека само преку владеењето на правото може да се градат функционални институции и држава. Дека практицирањето на власта мора да се темели врз демократските принципи, а во тие рамки Собранието не смее да се сведе на гласачка машинерија. Дека опозицијата не е само политички конкурент тука со својата фактичка положба пред сѐ во парламентот дава и легитимитет на секоја влада. И на крајот државата не смее за едни да биде мајка и крава музара а за други маќеа и јалова крава. Па ова го мислам во сите сфери од економијата преку културата до образованието здравството и човековата околина.

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com