„SHAME“ – СРАМОТА

Наместо Владата да го испраќа законот за медиуми во Собранието, треба да организира јавна расправа која треба да трае неколку месеци, а потоа, ако е потребно, нека се пишува и нов закон

Локалните избори завршија. ВМРО-ДПМНЕ за „влакно“ не стана апсолутен победник. ДУИ се покажа како одличен „туроператор“ и со помош на десетици чартер-лета ги донесе своите гласачи од разни европски дестинации. Кичево „го дадовме“, а Струга „не ја освоиме“. Како граѓанин, пред се’, а и како етнички Македонец, се прашувам од кого го браневме Кичево и од кога не успеавме да ја освоиме Струга. За жал, вакви јавно поставени прашања и дилеми не слушнав од моите сограѓани Албанци од кого треба да се брани Струга и да се освојува Кичево. Сепак, не сакам изјавата на портпаролот на ДУИ, дека сега Албанците од Струга до Липково (Кумановско) владеат со територијата, да ја разберам како дел од идејата за „голема Албанија“.
Морам да потсетам на некои факти, стари скоро две децении. Под притисок на Грција, ама и со согласност на ЕУ и сите наши „големи и стратегиски“ пријатели, моравме да го смениме Уставот и од него да се избрише уставната категорија грижа за македонското малцинство. Уставна одредба која и денеска ја имаат речиси сите европски држави и тоа никому не му пречи. Навистина трагично е кога гледаш дека македонското малцинство (во Албанија) и, воопшто, нашата дијаспора (македонската и албанската) за политичките елити има само една употребна вредност – нивниот глас на парламентарни, а еве сега и на локални избори. И да не заборавам… нивните девизни дознаки врз кои се темелат нашите девизни резерви…

Веднаш по завршувањето на вториот круг, со своето присуство не’ почести еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, секако, во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво. Да не беше Филе и неговото „пријателско убедување“ на опозицијата, локалните избори ќе беа мирни, ама нема да беа „конкурентни“…(ја користам првичната формулацијата од оцената на ОБСЕ-ОДИХР). За жал, и овој пат со сиот наш „раскош“ пред еврокомесарот Филе му го покажавме нашиот фолклорен балкански менталитет, ниска политичка култура и, воопшто, непознавање на оние основни стандарди во комуникацијата со меѓународни институции и нивни претставници. Затоа не изненадува кога Филе, видно изнервиран, ни плесна Shame (срамота). Во духот на тој балкански менталитет, пред самото доаѓање на Филе, надлежното министерство го пушти во „јавноста“ толку долгоочекуваниот закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Не треба многу памет, па да се сфати дека со овој „наивен потег“ Владата сакаше да покаже дека таа, ете, ги исполнува своите обврски што произлегуваат од дијалогот на високо ниво и дека тоа ќе влезе во извештајот за напредокот на Македонија.

Ама не е така. Филе токму околу положбата на медиумите и слободата на изразувањето беше многу остар. А сега нешто повеќе за самиот закон. Прво што навистина лично ми пречи е надлежното Министерство за информатичко општество и администрација. Речиси во сите држави во Европа медиумите се под министерството за култура, бидејќи медиумите и нивната функција и задача се дел од културата сфатена во најширока смисла на зборот. Ама ние со многу наши „генијални“ решенија и потези сме единствени во Европа. Понатаму, во него е ставено се’ и сешто и затоа е екстремно долг, има 171 член. Европската практика е да се има посебен закон за медиуми кои ги одредува оние основни и, пред се’, општи принципи со кои се обезбедува независноста и слободата на медиумите и слободата на изразувањето, но и заштитата (ако сакате и преку казни) од злоупотреба на медиумите за постигнување одредени цели и интереси, без разлика дали станува збор за политички економски или какви било други.

Според таа европска практика во многу држави имаат посебен закон за јавниот сервис (кај нас со споменатиот закон сега и МРТ се става во тој кош). Имајќи го предвид технолошкиот развој, дигитализацијата и интернетот, европска практика е да се има и посебен закон за таканаречените „електронски медиуми“, во кој се и електронските портали, па се’ до кабелските оператори. Односно, европската практика покажува дека оваа проблематика е решена со три закони, од кои првиот (закон за медиуми) е некаква основа преку која се обезбедуваат принципите на слободата и независноста на медиумите, плуралноста на медиумскиот простор, правото на граѓаните да бидат навремено и објективно информирани, како и одговорноста на медиумите, но и на државата, институциите, па ако сакате и на носителите на функции, ако ги кршат или не ги почитуваат овие темелни принципи без кои не можеме да зборуваме за демократско општество и правна држава.

И уште една општа забелешка. Зошто Законот се подготвуваше толку таинствено без да се вклучат заинтересираните субјекти од ЗНМ (новинарите), Синдикатот, претставници на МРТ и другите електронски медиуми, стручната јавност и така натаму. Не знам зошто се напушти добрата практика кога се подготвуваше Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.

Ако направите компаративна анализа, законот во оној општ дел е „копи пејст“ од хрватскиот закон за медиуми, но и од други европски држави. Во првите реакции околу законот, тој е оценет негативно. На пример, се вели дека член 4 од законот е класична цензура. Не би се сложил од причина дека тие одредби ги има и во хрватскиот закон и во словенечкиот (и двете се држави-членки на ЕУ, а Словенија е во групата на целосно слободни држави според Фридом хаус). Гледано од формален аспект, во споменатиот член нема ништо што би рекле „неевропски“ или, пак, елементи на цензура. Проблемот е што кај нас имплементацијата на законите е класично балканска.

Понатаму, висината на казните. Ако ги погледнете законите во други држави, секаде има казни, а богами и таму тие се релативно високи. Исто така, највисоките казни и таму се по правило за издавачот на медиумот (по наше би се рекло, газда), потоа следуваат одговорните, односно главните уредници, а најниски се казните за новинарите. Ама во нашата „оригиналност“ токму против казните за издавачот имаме најмногу забелешки. На пример, во Хрватска највисоката казна е 1 милион куни (7,5 куни е едно евро), па сега пресметајте.

Тоа што за мене е најпроблематично во овој закон е агенцијата, која ќе треба да се формира и која ќе треба да го контролира целокупниот медиумски простор. Прво составот. Во агенцијата ќе има седум советници, од кои еден делегира ЗНМ, тројца ги предлага Комисијата за избор и именување на Собранието на Македонија и тројца членови предлага Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Јасно е дека во ваков состав ќе преовладуваат партиските интереси. Понатаму, мандатот на членовите е девет години, што е долг, а може и да се разбере дека актуелната власт сака долгорочно да обезбеди влијание. И тоа што не е експлицитно наведено, ама е јасна интенцијата, со оваа агенција треба да згасне Советот за радиодифузија. Во член 154 од законот кој ја уредува распределбата на радиодифузната такса јасно стои дека 6 проценти ќе добие агенцијата.

Ова е само еден многу мал дел од целиот закон за медиуми. Ако Владата навистина сака и пред домашната и пред европската јавност да покаже и да докаже дека ги почитува основните демократски принципи врз кои се темели ЕУ, тогаш законот наместо да го испраќа во Собранието, ќе треба да го стави на една добро организирана јавна расправа која нема да се сведе само на некакви еднодневни или викенд-работилници. Ако е потребно, таа расправа нека трае два-три месеци, па потоа врз основа на забелешките, ако е потребно, нека се пишува и нов закон. Тоа Брисел ќе го цени и вреднува многу повеќе отколку на законот да му се стави европско знаменце и мнозинството да го изгласа… Ете, јас повторно пишувам за некаква утопија.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com