QYTETARI ИВАНОВ

Во ДУИ велат дека нивната идеја за консензуален кандидат била дел од демократијата, а демократија било и да направиш се’ за изборите да пропаднат

Лидерот на ДУИ, господинот Али Ахмети, зборувајќи пред младите на ДУИ, најави дека ако втор пат биде избран за шеф на државата Ѓорге Иванов, за нив тој нема да има легитимитет како претседател. Со други зборови, за Ахмети и ДУИ Ѓорге Иванов, ако биде избран, ќе биде само граѓанинот (qytetari) Иванов. Причината за ова е позната. ВМРО-ДПМНЕ не ја прифати идејата на ДУИ за консензуален кандидат. Во почетокот на неделава портпаролот на ДУИ оваа изјава на Ахмети ја прошири на кој било од кандидатите што ќе биде избран за претседател. Во исто време најави дека ДУИ нема да ги бојкотира претседателските избори, ама ќе направи се’ за тие да пропаднат!? Навистина одамна не сум слушнал толку многу противречности, нелогичности, па дури и небулози од ДУИ, кои се сведуваат на евтина предизборна кампања.
Да одиме по ред: ДУИ сигурно знае дека консензуален кандидат не може да се има ако имаме непосредни претседателски избори. Да речеа заеднички кандидат со својот коалициски партнер, ќе можеше да се прифати како легитимна политичка определба. Понатаму, ДУИ вели дека нема да ги бојкотираат претседателските избори, туку ќе направат се’ за тие да пропаднат, а во овој момент не ја откривале својата тактика. Тактика нема, има само еден законски услов, а тоа е во вториот круг да излезат помалку од предвидениот цензус (40 проценти од избирачите). Можеби ДУИ, која е само дел од нашиот политички фолклор, ќе пронајде некаков „фолклорен“ тактички метод за да пропаднат претседателските избори. Верувам дека ДУИ, барајќи таква тактика, не користела воена стручна литература за тактика и стратегија. Како и да е, јас сум убеден дека на 27 април ќе имаме избран претседател на државата.

Во суштина, ваквиот став на ДУИ не е ништо ново или оригинално. За време на владата на СДСМ и ДУИ (2002-2006) СДСМ го оспоруваше легитимитетот на претседателот Трајковски и го имавме граѓанинот Борис Трајковски. Потоа, по трагичните настани, кога за претседател беше избран Бранко Црвенковски за претседател, ВМРО-ДПМНЕ го оспоруваше неговиот легитимитет и го викаше лицето Б.Ц.. А еве сега по 27 април ќе имаме qytetari Иванов. И зар ова не е уште еден доказ зошто Европа и светот гледаат на нас како на буре барут, односно зошто ние кои живееме во овој регион (политички именуван Западен Балкан) не’ ставаат во категоријата на неисториски народи. И едно површно објаснување за античките Македонци и античките Илири, неисториски народи се оние народи кои ништо не научиле од сопствената историја и затоа постојано ги повторуваат своите историски грешки.

Во таа „идилична“ фолклорна политичка реалност во која живееме, а која нашиве политички елити постојано ја надградуваат и прошируваат, се вклопи и институцијата конкурс. Владата, односно Министерството за надворешни работи распиша јавен конкурс за амбасадори што го нема никаде во светот! Потоа владејачката партија распиша конкурс за можен кандидат за претседател, иако се знаеше кој ќе биде уште пред конвенцијата. А, ете, сега СДСМ распишува конкурс за составување на партиските листи за можни идни пратеници. Објаснување? Демек, се’ е во духот на демократијата, велат во ДУИ за нивната идеја за консензуален кандидат, а кога тоа не помина, тогаш демократија е да направиш се’ за изборите да пропаднат. Демократија е и изборот на Иванов за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ од 1.300 делегати на конвенцијата, иако тие три дена пред тоа не знаеја дали Иванов ќе „конкурира“. Ама и тоа не беше доволно за демократијата, па затоа ВМРО-ДПМНЕ собраа и околу 64.000 потписи на граѓани.

И опозицијата да не биде ништо покуса во тие демократски процеси се реши да распише конкурс за можни идни пратеници. Дури и условите за конкурирање се познати, ама некоја навалица, колку што знам, нема. Ама чудно, ниту една од овие „големи партии“ не сака да слушне за изборен праг, не сака да слушне за таканаречени отворени листи. Демократија нели?

Посебно демократски ќе биде гласањето во седмата, осмата и деветтата изборна единица, односно во Европа, Африка, Америка, Азија и Австралија. Самиот факт дека во Австралија и Азија се пријавиле само 985 нашинци кои ќе гласаат на претседателските избори (познавачите велат дека овој број нема да се зголеми и за парламентарните), тогаш повторно пратеникот од овој дел на светот ќе биде избран со многу малку гласови. Дури и во Европа која има најмногу наши граѓани, се пријавиле само 5.925 додека во Америка се пријавиле 1.398 граѓани кои ќе гласаат. Значи нашата „дијаспора“ со 8.311 пријавени избирачи (не знаеме колку од нив ќе гласаат) ќе даде тројца пратеници. Ако се знае дека кај нас еден пратеник, во зависност од оѕивот, тежи помеѓу девет до десет илјади гласа, зборува за фарсата наречено гласање на дијаспората.

Првата половина од неделава помина во длабокоумни анализи дали ставот на ДУИ е сериозна закана за стабилноста на државата или е само политикантска изјава во функција на претстојните избори, што е многу поверојатно. Односно, се загрева политичката арена за „конечна“ пресметка со „непријателот“.

Во суштина сето ова зборува за истоштеноста на демократскиот и државотворен капацитет на актуелните политички елити, ако воопшто и го имале. Прашање е дали новите политички субјекти ќе понудат вистинска свежина во демократските процеси, во правната функционалност на државата и реален економски развој. Уште поважно е дали ние како граѓани ќе ја препознаеме таа „политичка свежина“ и трендови или во нашата веќе децениска апатија ќе останеме на ниво на добри и послушни партиски војници.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com