Quo vadis господине премиер?

 

Посетата на премиерот Зоран Заев во Бугарија како и неговите заеднички настапи со бугарскиот премиер Борис Борисов, повторно го актуализираа прашањето на одбележување односно славење на историски датуми и настани кои ете ни биле заеднички? Притоа се мисли пред сѐ на Илинденското востание. Па така веќе е најавено од страна на премиерот Заев дека на втори август на Мечкин камен во Крушево пред споменикот на илинденците ќе се поклонат премиерите Заев и Борисов!! Демек некакво продолжение односно второ полувреме од заедничкото оддавање на почит пред споменикот на бугарскиот цар Самуил во Софија така пишува на споменикот). Е па сега дали цар Самуиол бил бугарски или Македонски цар им го препуштам на историчарите. Јас го учев како македонски ама исто така учевме дека на неговата круна која патем ја добива од римскиот папа пишувало бугарски император!! Нејсе, тука не завршуваат „успесите“ од средбата Заев-Борисов. Договорено е да се направи преглед на историските учебници (секако кај нас) и да се ревидираат оние ставови, написи и факти кои едноставно речено на другата страна не и се допаѓаат. Аман зарем сега ќе бришеме од учебниците дека за време на Втората светска војна Бугарија беше дел од фашистичката оска Рим-Берлин-Токио и дека окупираа делови од денешна Македонија потоа Србија и Грција. Или можеби да заборавиме на злосторството на младинците од Ваташа. Да ги заборавиме македонските Евреи кои трагично завршија во логорот Треблинка.

Во суштина сите овие прашање се претпоставувам дел од Договорот за Добрососедставо. Поради тврдиот став на бугарската страна околу македонскиот јазик, тие инсистираат на формулацијата јазик кој според уставот е официјален, ама никако да се спомене македонски јазик овој договор досега не го прифати ниту една македонска влада. Во суштина идејата за заедничко чествување на некои празници од историјата прв кај нас ја пласираше Бучковски како премиер. Тогаш скоро сите медиуми, новинари му се „сипаа“ на Бучковски, патем и мојата дребност. Исто така остри реакции имаше и од политичарите меѓу кои еден од поострите критики упати Тито Петковски. Како и да е тогаш фалеше Бучковски уште да го распнеме на крст. И види сега во рок на една деценија многу новинари медиуми и политичари „еволуирале по „по този въпрос“. Па така посетата на премиерот Заев и поклонувањето пред споменикот на бугарскиот Цар Самуил, заедно со Борисов и најавата дека бугарскиот премиер за Илинден ќе дојде на Мечкин камен и заедно со Заев ќе се поклонат пред споменикот на Илинденците, го прогласија како еден од најголемите дострели на македонската надворешна политика!! Ех што ти е еволуција, ама нашава како да оди во спротивен правец. По овие дострели на Заев, мислам не враќаат на она што при крајот на минатиот век го изјави во Стразбург тогашниот бугарскиот претседател Петар Стојанов дека Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја. Дури по оваа успешна државничка посета на Заев, стануваме и повеќе од „най романитичен част от българската история“ го потврдија и во партијата на господин Каракачанов (бугарското ВМРО) кој патем е министер за одбрана во владата на Борис Борисов. Од вториот човек на партијата стигна изјава дека Бугарија и Македонија немаат заедничка историја туку единствена историја. Е појасно од ова здравје. Некој ќе рече дека добрососедските односи денеска се европски принцип и дека историјата не смее да ги руши тие односи туку да не зближува. Точно ама ниту малку нема врска со европските принципи и стандарди, преправање на сопствената историја затоа што на некој сосед не му се допаѓа. Ајде речете им на Грците од својата историја да избришат дека Бугарија 1941 година окупирала дел од Грција или погледнете што пишува во грчките учебници по историја за Сан Стефанскиот мировен договор или за балканските војни или за првата и втората светска војна. Дали Италија би се дрзнала на Словенија да и предложи заеднички одбележување на анектирањето на словенечка приморје од страна на Италија по првата светска војна. Но да се вратиме на историската посета на нашиот премиер во Софија. Од Заев и од нашата делегација не слушнавме ниту збор за македонското малцинство во Бугарија кое некогаш до 1961 година според бугарските статистика броело над 178 илјади граѓани на Бугарија кои се чувствувале како Македонци. Кој е тоа европски стандард кога моравме од уставот да го бришеме членот со кој како држава се обврзавме да водиме грижа за македонското малцинство во соседското. Уставна категорија која ја имаат цел куп европски држави од Италија, Словенија, Хрватска, Унгарија па се до Шведска. Односно станува збор за наша неспособност ниту да ги артикулираме а уште помалку да ги оствариме нашите национални интереси иако тие не се надвор од европските и меѓународните принципи и стандарди. Мојот професор по политичка историја Д-р Стане Јужнич од Факултетот за општествени науки во Љубљана (патем таму имаат докторирано неколку познати имиња од македонската професорска и интелектуална сфера) ме научи дека вакви работи им се случува само на таканаречените неисториски народи, а ние Македонците сме во таа група. (Тоа се народи кои само продуцираат а не учат од сопствената историја и ги повторуваат историските грешки.) Инаку денеска билатералните соседски односи, колку се тие развиени по правило се мерат или отсликуваат преку економските односи, културната соработка, заеднички проекти на полето на екологијата безбедносни прашања, а најмалку врз поправање на историјата, и славење на заеднички празници. Патем на пример ниту во еден медиум не слушнав или прочитав колкава е економската размена со Бугарија, па затоа сам побарав податоци. Во минатата година трговската размена (извоз увоз) изнесува околу 504,6 милиони евра. Станува збор за класичен алаш-вериш односи, додека некои повисоки форми на економска соработка скоро  нема.  Ах да не заборавам господинот Бујар Османи кој беше дел од делегацијата најави дека сега од Бугарија ќе учиме како да ги користиме средствата од европските фондови бидејќи Бугарија има една од највисоките искористеност на европските фондови. Тоа е точно ама пред тоа би требало Европската комисија да ни наметне валутен борд како што направи во Бугарија бидејќи пред тоа парите завршуваа во приватни џебови. А богами мислам дека ние тука сме шампиони, а посебно претходната „фамилијарно тендерска“ влада. И кога веќе ја споменав бившата владејачка  структура најновото истражување на Прима Галуп покажува негативен тренд како на партијата ВМРО-ДПМНЕ така и на Никола Груевски како лидер. Во истовреме расте рејтингот на СДСМ и на Зоран Заев. Нормално сега клиентите на фамилијата ќе речат дека ова е наместено. Јас не мислам така од неколку причини. Прво социолошки гледано кога доаѓа до промена на власта новата влада секогаш започнува со ајде да речеме популарни мерки со кои го билда својот рејтинг, така е секаде и така е и во нашиот пример. Во истовреме се повеќе на виделина излегуваат цел куп виртуелни остварувања на бившата „фамилијарна“ влада. И на крајот ВМРО-ДПМНЕ со своите 51 пратеник наместо да се однесува како вистинска силна опозиција, тие се однесуваат крајно опортунистички односно како навредена невеста. Имен,о додека како партија не соберат доволно критична маса ама и храброст да расчистат со фамилијата, партијата ќе тоне. ВМРО-ДПМНЕ владееше десет година пред сѐ заради слабата опозиција која класично се однесуваше како салонски револуционери. Сега со опортунизмот кој ВМРО-ДПМНЕ ни го сервира секојдневно, со јаловото бранење на фамилијата навистина создаваат одлични услови СДСМ и двоецот Заев – Шекеринска да владеат долго. Уште еден доказ дека ние не учиме од историјата. И бидејќи цело време зборувам за историја за заеднички прослави чествувања и поклонување пред споменици на историски личности или настани, во целост го прифаќам ставот и предлогот на госпоѓа Софија Куновска. Кога за Илинден во Македонија ќе дојде бугарскиот премиер Борисов, Заев како домаќин да го однесе и двајцата да се поклонат пред споменикот на Блаже Коневски

p.s. и додека го читате овој можеби досаден текст предлагам убава музика

Тодор Пендаров

 

 

 

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com