Quo vadis ВМРО-ДПМНЕ?

 

Утре ВМРО-ДПМНЕ како партија слави 27 години од своето формирање. Не мислам да правам некаква историска ретроспектива на партијата но во овие 27 година навистина има голем придонес во она што денеска претставува Македонија како држава односно во македонското општество. Пред дваесет и седум години беше единствена партија во македонскиот политички простор која можеби повеќе интуитивно почувствува дека заедничката држава СФРЈ како федерација завршува. Токму затоа тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ беше единствениот политички субјект кој декларативно во својата програма се определи за самостојна и независна Македонија додека на пример СДСМ фураше платформа за некакво ново државно уредување на Југославија на конфедерален принцип на суверени шест републики. На првите плурални избори кај нас ВМРО-ДПМНЕ освојува најмногу пратенички места но дали поради политичката наивност на водството или пак така сакал некој „друг“ не успеваат да направат влада. На вторите парламентарни избори кои претставуваат најголема „изборона кражба“ ВМРО-ДПМНЕ после првиот круг се повлекува од изборниот процес и цели 4 години делува како вонпарламентарна партија. Одлука која се покажа како многу лоша пред сѐ за државата. На следните парламентарни избори во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со ДА на Тупурковски победува. Во овој мандатен период ни се случи воениот меѓуетнички конфликт, го добивме Охридскиот договора ама и период во кој во државата за прв и последен пат имавме слободен медиумски простор и слобода на изразувањето. Период во кој Македонија како прва држава во регионот го добива договорот за Стабилизација и Асоцијација со ЕУ. Во периодот 2002-2006 ВМРО-ДПМНЕ повторно е во опозиција. Љубчо Георгиевски се повлекува од лидерската позиција „доброволно“ по пријателски совет на меѓународниот фактор, и го мести младиот амбициозен „технократ“ Никола Груевски за лидер на партијата. Патем Георгиевски сам признава дека не го бидува за кадровска политика. Настаните потоа се познати. Се случува „Панорама“ и раскол во партијата. Притоа и до ден денес не е јасно улогата на СДСМ поточно Црвенковски кој лошо го оценува Груевски дека тој го нема политичкиот и лидерскиот капацитет на Георгиевски и ќе може лесно да го победи и на следните избори па затоа му помага во пресметката со Георгиевски. Но есапот дома и на политичкиот пазар никогаш не излегува. На изборите во 2006 ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски добива најмногу пратенички места ако добро се сеќавам 39, и заедно со НСДП, на Тито Петковски, социјалистите на Ѕинго, либералите на Андов и секако стариот партнер од албанскиот блок ДПА формира влада која ужива поддршка и од пратениците на Љубчо Георгиевски односно ВМРО-НП. Интересен е фактот дека во периодот 2006-2008 Македонија како држава напредува во позитивна насока по сите критериуми и параметри кои ги мери Фридом Хаус кога ја прави својата листа. Во 2008 год. се одржуваат првите предвремени избори на кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во која има десетина султан партии како и партии на малите етнички заедници освојува 63 пратенички места. Тогаш излезе на виделина дека е воспоставен принципот победникот во македонскиот блок ќе состави влада со победникот во албанскиот блок па така започнува таканаречената тендер коалиција. И од тука почнува процесот на класично авторитарно владеење. Процес кој доведе до целосна партизација на сите државни институции вклучувајки го како законодавниот дом така и судството. Во суштина Груевски и фамилијата едноставно ја заробија државата и државните институции. Меѓународната заедница секако дека во целиот овој период и те како беше свесна за тоа што се случува со демократијата и владеењето на правото слободата на медиумите и воопшто човековите права и слободи. Но, Груевски успеа да се наметне дека тој заедно со Ахмети се гаранти на стабилноста на државата а со тоа и стабилност на регионот. Ваквото „мижење“ на меѓународната заедница до сето тоа што го правеше Груевски траеше се до изборите во април 2014 година. Избори на кој победува Груевски и ВМРО-ДПМНЕ но подоцна ќе се покаже дека тоа е пирова победа. Да потсетам опозицијата на чело со СДСМ не ги призна резултатите од изборите и не влезе во парламентот. Меѓународната заедница дефинитивна сфати дека ако продолжи во името на стабилноста да ги жртвува демократските принципи на владеење дека таа стабилност нема уште долго да трае. Затоа  полека го менува својот став и поддршката на Груевски. На почетокот на февруари 2015 година Заев ја објавува првата бомба односно започна аферата со незаконското прислушување. Потоа ни се случува Пржино еден и Пржино два, се формира СЈО, а Груевски мора да се повлече од премиерската функција ама останува неформален хазаин (газда) во државата. Сетете се као тој како лидер на партија  се шета по државата а министрите од техничката влада му реферираат до каде ситигнал некој проект. Во суштина станува збор за очајнички потези кои покажуваат дека  Груевски се плаши да дојде до правна разрешница на сето она што го слушнавме во бомбите.   Па така доживеавме оној партиско-дворски шут Иванов како претседател на државата да ја донесе онаа срамна одлука за аболиција  за сите можни дела кои би произлегле од незаконското прислушување. Иванов потоа поради  протестите на граѓаните (Шарената револуција) но и меѓународната јавност мораше да ја повлече одлуката за аболиција. Од тогаш па до денес кога партијата слави 27 години од своето формирање, Груевски и фамилијата на најгруб начин ја користат партијата за да се спасат пред правната разрешница. Секако кулминации на оваа опасна игра за целата држава беа настаните од 27 април по насилството од страна на демек спонтаниот народ врз пратениците од парламентарното мнозинство. Кога и тоа не успеа сега во Собранието пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку најгруб балкански политички опортунизам зашеќерен со некаков лажен патриотизам и грижа за граѓанинот се обидуваат да ја блокираат работата на Собранието бидејќи токму преку Собранието може да започне процесот кој ја го нарекувам „дегруевизација“ на државата и државните институции. Факт е дека сега тивко се акумулира незадоволство и меѓу членството на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи се повеќе продира свеста дека не станува збор ниту за патриотизам ниту за зачувување на унитарниот карактер на државата туку Груевски и фамилијата сакаат преку партијата да ја спасат својата кожа. ВМРО-ДПМНЕ била и сѐ уште е сериозен политички субјект кој ужива голема поддршка од избирачкото тело на државата. Тоа што сега и треба на партијата е создавање на потребна критична маса која ќе може Груевски и фамилијата да ја испрати на политичкото буниште. И треба критична маса која со своите 51 пратеник ќе предложи во Собранието закон со кој мандатот на СЈО да биде неограничен односно сè додека не се заврши правната разрешница со целокупната афера со незаконското прислушување. Само така ВМРО-ДПМНЕ може да остане на политичката сцена како моќен политички субјект кој во секое време е подготвен преку изборниот процес да се соочи со своите политички опоненти. Во спротивно се сѐ плашам дека повторно ќе и се случи „Панорама“. Знам ќе речете хотелот Панорама го нема. Така е, ама сега имаме цел куп нови убави (барокни) хотели, некои и како дел од империјата на фамилијата.

Тодор Пендаров.

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com