Pascha – Премин – Велигден

 

Овие три збора во суштина значат исто и го одбележуваат еден од најголемите и нај сакралните христијански празници, а тоа е воскресението на Исус. Настан кој за сите христијани претставува победа на животот врз смртта. Ние празникот го одбележавме малку по различно отколку во минатите години. Прво што паѓаше во очи за време на велигденските празници беше засиленото присуство на полицијата, борни коли специјалци, односно на моменти и човек се чувствуваше и малку нелагодно од толку оружје околу него. Но за жал тоа е реалноста во која живееме. Мора да се истакне дека годинава во цела Европа велигденските празници поминаа под засилено полициско обезбедување поради заканите кој доаѓаат од Исламската држава, а посебно по неодамнешниот терористички акт врз верските објекти на Коптите (христијани) во Египет.

Вториот настан кој некако беше цело време присутен барем во медиумите е интервјуто на онаа павлиха (словенечки израз за дворски шут) Иванов дадено за австрискиот весник, Wiener Zeitung“. Со ова интервју оваа персона која навистина е легален претседател на државата уште еднаш потврди дека нема ниту трошка легитимитет. Самото интервју по својата содржина нема ниту интелектуална ниту државничка димензија туку од почетокот па до крај провејува онаа позната фолклорна политичка (не) култура и секако балканскиот инает (не го давам мандатот на Заев) и авторитарност. Но да одиме по ред. Откако го објаснува принципот владата да ја состави победничката партија на македонците со победничката партија на Албанците со што оваа павлиха од државник и понатаму ја форсира етничката поделеност на македонското избирачко тело, Иванов „храбро“ изјавува дека коалицијата помеѓу Груевски и Ахмети била веќе договорена кога „некој“ се јавил по телефон и тогаш Ахмети ја откажал коалицијата со Груевски. На прашање на новинарот кој телефонирал оваа павлиха кој сака да се претстави и како некаков „спасител“ на унитарноста и на македонскиот народ одговара, „вие сте новинар истражете го ова“. Одговор кој покажува тврдокорен континуитет на „разумен компромис е разумен компромис вие како новинар тоа треба да го знаете а не јас да ви објаснувам“ Ама да се вратиме на најновиот „бисер“ на Иванов. Ако е тоа точно дека коалицијата Груевски – Ахмети била во целост договорена ама ете тој „таинствен“ телефонски разговор ја расипал (во Дебармало нашите баби и дедовци велеа „се тури Дебор“) тогаш оваа павлиха му заби „нож во грб“ на Груевски, а богами и на Ахмети. Имено дали тоа значи дека Груевски ја прифатил таканаречената „тиранска платформа“. Понатаму дали т Ахмети некако во стилот „извините нисам одавде“ се согласил да не се продолжил мандатот на СЈО. Понатаму Иванов тврдокорно изјавува дека нема да го даде мандатот на Заев и во пример ако заврши конституирањето на Собранието биде избран претседател на парламентот а со тоа официјализирано парламентарното мнозинство, односно исполнети условите за формирање на нова влада. Иванов оди дотаму да се заканува дека Заев еден ден заради криминал ќе заврши во затвор. Лично досега ама ниту една буква позитивно не сум рекол за господинот Заев ама принципот на презумција на невиноста мора да се почитува дури и од една павлиха која ете е претседател на државата. Како и да се поставува прашањето, еве да речеме во јуни се одржат нови парламентарни избори и повторно ВМРО-ДПМНЕ да не успее да состави влада. Дали и тогаш Иванов само од инает нема да го даде мандатот на СДСМ. Како и да е состојбите во Македонија благодарејќи на нашите лидери и државници а сите можеш да ги ставиш во категорија на балкански фолклорни автократи од ден на ден станува се посериозна и посериозна. Токму затоа сега доаѓа и Карл Билд искусен дипломат кои многу добро ги познава состојбите на Балканот. Според неговиот блог тој ќе се сретне со партиските лидери ама нема да се сретне со Иванов. Но лично не верувам дека Билд нешто ќе смени во позитивна смисла. Мислам дека Европа (Билд во суштина доаѓа како неформален претставник на Брисел) и понатаму е заинтересирана само за безбедноста и стабилноста во регионот, факт е дека Груевски и фамилијата заедно со Ахмети и неговото друштво во изминативе скоро десет години многу успешно ја обезбедуваа стабилноста како дома така и во регионот. Бомбите веќе ги заборавивме, а убеден сум дека Врховниот суд ќе донесе одлука со која материјалите од прислушувањата нема да можат да се користат како доказен материјал со што СЈО тешко ќе може нешто по сериозно да направи. А опозицијата односно СДСМ со двоецот Заев – Шекеринска (патем се прашувам кој на кого му е alter ego) се покажа дека во трката за власт се изгуби и во времето и во просторот. Сепак голем дел од вината ја носиме и ние како поединци и граѓани. Со други зборови сите заедно, граѓани, невладини организации, политички партии, едноставно ја немаме онаа потребна државотворна критична маса. Затоа еве веќе дваесет и шест години од крајот на бившата држава и крајот на еднопартискиот политички систем не можеме ниту како држава ниту како општество ниту како поединци да го направиме потребниот „Премин“ во нешто ново по квалитетно и поубаво. Е па нека ние Господ напомош

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com