OCCUPY WALL STREET, КАЈ НАС ЌЕ ГО ОКУПИРАМЕ СОБРАНИЕТО

Се покажа дека финансиските институции (банките, берзата) се единствената „терористичка“ организација која може да го сруши светот

И додека во арапскиот свет се случи „Јасмин Револуција“ која за жал од такво прозаично име се претвори во крвава војна која се уште трае, од финансискиот центар на светот (Њујорк) тргна една нова „револуција“ која како што стојат работите се прелева и во Европа.
На пример за 15-ти октомври се навестени демонстрации во Љубљана, Марибор, Копар. И за двете револуции имаат две заеднички карактеристики. Организирани се со помош на интернет технологијата, и на почетокот немаат некакво етаблирано водство. Причините секако се различни. Не може да се рече дека во САД нема почитување на човековите права и слободи односно владеењето на правото како што е во арапскиот свет. Односно не може да се рече дека Словенија не е социјална држава ако се има во предвид дека само 0,004 проценти од населението немаат здравствено осигурување а минималната плата е речиси 100 проценти поголема од просечната плата кај нас.
Сепак и двете „револуции“ преставуваат новост во политичкото организирање и секако внесуваат нова димензија во цивилното општество и во неговите побуди и иницијативи. Треба да се очекува и да влијаат врз политичката демократија. Како и во кој правец, барем засега е тешко да се претпостави.

Зошто да се „Окупира Вол Стрит“. Имајќи ја во предвид улогата на финансиската индустрија во создавањето на економската криза, логично беше и местото но и слоганот под кој се случуваат настаните во Њујорк но и ширум Соединетите Американски Држави. Фактички се покажа дека единствено финансиските институции (банките, берзата) се единствената „терористичка“ организација која можат да го срушат светот.

Само погледнете ја кризата во САД, Ирска, Португалија, за Грција да не зборувам. Основното прашање е зошто власта и воопшто политичките елити го дозволиле ова односно не превземаат, ајде да речеме „радикални методи“ ова да се спречи. На пример на сите им е познато дека политичките елити во САД најмногу се финансирани токму од Вол Стрит односно финансиските могули. Според некои податоци на пример администрацијата на Обама има добиено повеќе пари отколку Републиканците. Токму затоа ниту во САД а така е и во Европа и во целиот свет политичарите не се заинтересирани за некои коренити промени, симболички речено на Вол Стрит.

Од друга страна некои од најбогатите луѓе во светот јасно зборуваат дека се потребни реформи и даваат целосна поддршка на демонстрантите во Њујорк. За поддршката на Сорос веќе слушнавме и кај нас ама за мене многу посуштествена е поддршката и размислувањата на третиот најбогат човек во светот Ворен Буфет кој во своето писмо објавено во Њујорк Тајмс многу јасно и отворено пишува дека во Америка предолго ги „гали“ милионерите и тоа преку даночниот систем. Овој милионер тоа го објаснува многу едноставно а во исто време и многу силно. Во неговиот кабинет има вработено четириесет луѓе. Сите тие вработени, вклучувајќи ја и чистачката плаќаат повисок данок од него а тој е „тежок“ над 50 милијарди долари. Е ова нема логика вели Буфет.

Тоа што е интересно е дека набрзо после ова писмо на Буфет се јавија и многу европски милијардери. Меѓу нив и првиот човек на компанијата Ферари. Во Франција шеснаесет најбогати Французи (претежно првите луѓе на најголемите компании) упатија заедничко писмо до Саркози и бараат да се зголемат даноците на богатите. Иста така во Германија поголема група на „милионери“ како што самите велат конзервативци, од 2009 година се борат за зголемувањето на даноците за најбогатите слоеви. Од друга страна на пример ако погледнеме социјалдемократските влади во Европа носат радикални мерки на кратење на социјалните бенефити, продолжување на работниот век и така натаму. Е навистина светот е чуден!!.

А сега да се вратам на насловот. На 17-ти овој месец на редовната седница на Собранието на предлог на опозицијата на дневен ред е ставена точка посветена на сиромаштијата. Веќе во првата реченица од поднесената информација за оваа точка која ја подготви опозицијата, може со сигурност да се навести дека ќе стане збор за минимум дводневна расправа која ќе биде само препукнување и јалов обид на опозицијата да си го крева рејтингот.

Имено опозицијата веќе на самиот почеток за невработеноста во државата (31, 3 отсто) и воопшто за целокупната економско и социјална положба кај нас ја обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ која ете владее 5 години. Како пред тоа во Македонија да течеше мед и млеко би рекол народот. Нормално на ова „власта“ ќе возврати со податокот кога ние дојдовме невработеноста беше 37 проценти, економскиот пораст беше 1 процент, ние во светска криза бележиме пораст од скоро 5 проценти и така натаму. Вториот сет на препукнување ќе биде кој колку украл, како украл, па ќе слушнеме за становите на премиерот и бизнисите на фамилијата па во контра реплики за ТАТ и октоподот на Бранко, шверцот за време на ембаргото па за еден вработен од секое семејство…..

Беше некако логички да се очекува дека по изборите и квантитативниот пораст на опозицијата во Собранието да се одрази и во квалитетот ама барем засега ништо од тоа. Изгледа кај нашиве социјалдемократи дијалектиката не функционира. Зарем не беше подобро опозицијата да предложи точка на дневен ред за реформи во даночната политика и законодавство или како да се намали сивата економија и националниот спорт да се плаќа пола плата легално а пола „под маса“. Или кои се слабостите и недореченостите во социјалната политика, здравството и така натаму, кои ни се влечат 20 години.

И на крај од споменатата информација (можете уште сега да ја видите на веб страницата на Собранието) опозицијата како крунски доказ за лошото работење на “власта“ во овие 5 години го користи зголемувањето на бројот на „народните кујни“. Е нека ни е наздравје со ваква опозиција. Навистина не сакам ниту да помислам дека нашава опозиција поттикната од Јасмин револуцијата и најновата „Да го окупираме Вол Стрит“ сега сака кај нас да направи Октомвриска Револуција. За жал опозицијата кај нас со своето однесување и дејствување, наместо да нуди идеи и одговори решенија за состојбите, се’ повеќе станува само дел од нив.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com