Macedonia timeless

Верувам дека сè уште се сеќавате на рекламата која се вртеше и уште се врти на CNN со која актуелната Влада ја претстави Македонија на светската сцена. Колку „аир“ видовме од ова рекламирање е посебно прашање ама барем мене лично настаните кои неделава се случуваа едноставно ме асоцираат на овој слоган „Безвремена Македонија“ (Macedonia timeless). Имено сето ова што се случува на домашната политичката сцена навистина многу повеќе личи на нешто надвор од времето и просторот барем за Европа во која ете по некоја случајност и ние припаѓаме. Ајде да одиме по ред. Зарем не беше „безвремен“ потегот на ДУИ кога одеднаш демек ја напушта владата и ги повлекува сите свои министри? И веднаш булументата од „познатите“ аналитичари почна да прави анализи, ама одеднаш слушаме дека тоа не e излегување од коалицијата односно Владата туку освежување. И навистина господин Ахмети направи вистинско подмладување во Владата. Еден мој колега Албанец шеговито искоментира, абе станавме „бамбини партија“.

Во таа наша безвременост одлично се вклопи и техничкиот премиер на актуелната влада господин Димитриев. Од предложените кандидати за министри и заменици тој не го прифати предлогот на ДУИ за министер без ресор господин Арлинд Зекири и за заменик министер за одбрана господин Беким Максути. Арно ама во име на коалицијата која успешно функционира цели 8 години човеков мораше самиот да си ја повлече одлуката. И да биде целата оваа „шарада“ во духот на рекламата Macedonia timeless Димитриев кога пред пратениците даваше образложение за оваа „подмладување на Владата“ не најде за сходно да ги прочита имињата на новите министри и заедници туку ја употреби фразата „овие луѓе“. Ама тука не завршува процесот на „Безвремена Македонија“, На 6 април техничките министри во Владата на техничкиот премиер Димитриев од редовите на СДСМ (според договорот од Пржино) заедно со замениците министри од истата партија (да потсетам Тоа беа министерот за Внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за труд госпоѓа Ременски, плус тројца заменици министри) си дадоа оставки. Причина за ова беше одлуката на СДСМ да ги повлече своите претставници од владата како обид да се притисне пред се ВМРО-ДПМНЕ да прифати ново одложување на изборите. Арно ама од ова ништо. Техничкиот министер не ги достави оставките до Собранието а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски повикувајќи се на одлуката на Собранието од 23 февруари го распушти Собранието, со што и формално заврши овој ако не се лажам осмиот мандатен период. И веќе истата вечер СДСМ односно нивниот лидер Заев најави дека неговата партија заедно со коалициските партии нема да одат на избори закажани за 5 јуни со објаснување дека не се исполнети условите од договорот од Пржино, односно на 5 јуни не може да се одржат фер демократски и по ново (во духот на безвременоста) кредибилни избори. Странците (читај пред се Вашингтон и Брисел) изјавуваат дека навистина во моментов не се исполнете условите за „кредибилни“ демократски и фер избори, но до пети јуни има доволно време со целосен ангажман на сите институции и секако на политичките субјекти да се создадат услови за фер и демократски избори. Изјава со која и странците се вклопија во „македонската безвременост“. Ама до некаде и разбирлива. Имено странците (Вашингтон и Брисел официјално, а потпомогнати неофицијално од мачките на Ванхауте) сепак таа „македонска безвременост“ сакаат да ја задржа или ако милувате остварат во институционална рамка и затоа нема никогаш, барем не јавно да повикуваат решавањето на нашата криза да се случи надвор од институциите односно на улица бидејки тоа може да предизвика вистински безбедносни проблеми не само за Македонија туку и за регионов. А странците барем досега секогаш безбедноста и стабилноста на државата и регионов ја ставале многу повисоко отколку демократијата владеењето на правото слободата на изразувањето па дури и фер и демократски избори. Како и да е во моментов СДСМ е цврсто стои на ставот дека на 5 јуни тие нема да учествуваат на уште едни криминални избори и нема да дадат легитимитет на двоецот Груевски Ахмети. Сега засега е сигурно дека на избори одат Груевски со ВМРО-ДПМНЕ и Ахмети со ДУИ, а многу веројатно и ДПА. Оние неколку сателити пред на ВМРО-ДПМНЕ не ги есапам ниту за најобичен фолклорен декор. И сега прашањето е што ќе се случи на 5 јуни и што по пети јуни.

Едно е сигурно, политичката криза која ја живееме две години ќе остане и по пети јуни. СДСМ и двоецот Заев – Шекеринска сега повторно повикуваат на создавање на широк фронт против Груевски. Односно фронт кој ќе ја спаси Македонија од пропаст. Од друга страна Груевски и ВМРО-ДПМНЕ по распуштањето на парламентот со една класична балканска еуфорија веќе ја слават победата која ќе се случи на 5 јуни. Интересен е и фактот дека и Груевски повикува на широк фронт со веќе излитавената фраза (народот ќе одлучи) но во истовреме патетично изјавува дека ниту тој ниту Заев не се битни туку на коцка се става иднината на Македонија како држава ако СДСМ не излезе на избори на 5 јуни. За жал овие патетики на овие двајца балкански фолклорни лидери ме потсетија на една изјава на Милошевиќ дадена ако не се лажам кон крајот на 1991 или почетокот на 1992 дека Македонците ја изгубиле државата уште пред да ја формираат. И сега што. Дома секоја вечер на сите можни телевизии булумента на аналитичари експерти прават анализи во смисла што направивме и што треба да направиме, еве да ја парафразирам познатата мисла на Цепенков во неговата позната статија „За Македонските работи“. Груевски со „фамилијата“ многу полесно може да се прочита што ќе прави до 5 јуни и потоа. Имено пред странците ќе покажува конструктивност ќе прави одредени „ситни отстапки“ дури верувам дека малку ќе ги „заузда патриотските медиуми и патриотите новинари“ А по пети јуни и формирањето на новиот парламент а подоцна и новата влада секако со него на чело прв потез ќе биде укинувањето на СЈО. Мислам дека тука е неговата основна грешка. Односно што би рекол народот есапот дома и на пазар не е ист. Имено странците (читај америте) дури и да прифатат избори на 5 јуни дури и да ги признаат резултатите нема да дозволат укинувањето на СЈО. Причината не е во тоа дека тие ја фураат идејата за демократија, правна држава и ред други демократски стандарди, туку фактот дека тие се убедени дека Груевски и фамилијата се фактори кои не ја гарантираат стабилноста на државата, а богами не ги остваруваат ниту нивните стратешки интереси. Еве една утопистичка хипотеза ако Груевски заедно со фамилијата (овде не мислам на роднински врски) утре излезе и рече дека тие се повлекуваат од политиката секако за спас на Македонија, убеден сум дека задутре Заев ќе рече еве за спас на Македонија одиме на избори. И секако странците ќе речат дека горе долу исполнети се условите за кредибилни избори. Ама како што реков ова е утопија и нема да се случи. И што сега. Странците, во прв ред Вашингтон преку Амбасадорот Бејли со веќе познатата метода на морков и стап ќе се обидат повторно целата работа да ја стават во некакви институционални рамки. И во рамките на институциите да ја остварат нивната зацртана цел, да ги „пензионираат“ актуелните политички елити и да донесат „здрави сили“ кои државата ќе ја вратат на правиот колосек кој води ајде речено со патетика, на запад во подобра иднина на сите нас. Со други зборови Вашингтон и Брисел добро знаат и имаат пресметано дека сега и со помалку средства а и со помали „колатерални штети“ може да се среди не само Македонија туку целиот регион Западен Балкан.

Секако тоа нема да се случи до 5 јуни ниту пак на 6 јуни. Но едно сум убеден дека сепак ќе се случи. За жал ниту во СДСМ ниту во ВМРО-ДПМНЕ нема потребна критична маса која може да ја употребам терминологијата на комунизмот внатрешна партиска диференцијација.

Тоа што искрено не би сакал да се случи а што сепак е можно, Вашингтон и Брисел да оценат дека „институционално“ работите нема да можат да се решат и дека еден мал Мајдан односно Украинско сценарио и на нас ни е потребен. За да не се случи тоа одговорноста е наша на секој поединец како граѓанин. Па не со завземања на страна на Заев како месија кој ќе не одведе во ветената земја, или на Груевски како авторитарен татко кој сепак се грижи за нас и со еден телефонски повик ни ги решава проблемите. Нашата граѓанска определба треба да биде страната на демократија, страната на владеењето на правото и правната држава страната на почитувањето на индивидуалните и колективните човекови права и слободи. Ајде сите да се прашаме дали некаде длабоко во нас спие една таква искра на лична одговорност која токму сега е потребна да ја активираме и да покажеме дека како поединци но и како граѓани ја чувствуваме одговорноста за нашата сегашност но и за иднината. Односно да покажеме дека сепак сме созреале и дека и како народ сме ја надминале фазата во која само создаваме историја а од неа ништо не учиме. Такви народи и такви квази држави во минатото завршиле во историската ропотарница.

Тодор Пендаров

1 Comment

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Браво, бе Тодоре,
Нема што да додадам, комплетно се согласувам

pendarov2000@yahoo.com