Macedonia, as an unsuccessful story goes on

Насловот Македонија како неуспешна сторија продолжува, во суштина го позајмив од познатиот глумец а кај нас помалку познат и како сликар и композитор Антони Хопкинс (Sir Philip Anthony Hopkins) кој има напишано композиција со наслов And The Waltz Goes On. Навистина е убаво чувство кога валцерот продолжува. Ама кога неуспешната сторија на проектот Македонија (по ново сега Северна) како самостојна држава еве се растегна на скоро три децении за нас обичните граѓани ова е и повеќе од фрустрирачки. Во овие три децении политичките елити државата во целост ја приватизираа како нивно чекмеџе а наместо правна држава и владеење на правото имаме договорно држава која функционира по принципот од онаа позната реклама „Скопско и се е можно“. Создадовме општество на тотално отуѓени граѓани со кои може најлесно да се манипулира. А се започна со оној хемафродитен референдум во далечната 1991 година, потоа прием во ОН дури во април 1993 под референцата ФИРОМ. Вакви „бисери“ на нашата неуспешна државотворна сторија до ден денес можам да набројувам уште илјадници но да се задржиме на сегашните најактуелни кои и во овие услови на пандемија од Корона вирусот, предизвикуваат интерес ама и политички бранувања. Се започна со одлуката на Брисел во март, Северна Македонија и Албанија да добијат датум (идно несвршено време) за започнување на преговорите. И тука почнува првата груба манипулација од страна на владата дека ова е уште една победа на надворешната политика во остварувањето на нашите стратешки определби но и внатрешните реформи кои ете така „успешно“ ги фура актуелната власт, односно Македонија е на прав пат. Ама реалноста е сосема друга. Оваа одлука на Брисел речено без дипломатски ракавици е најобична политичка (да не речам политиканска) одлука и е далеку од конкретен датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Кога ќе почнат (ако почнат) преговорите тие ќе се одвиваат според новата методологија која и во Брисел баш не ја имаат испеглано поточно разбрано во целост. Ваквиот наивен обид за манипулација нормално, го искористи опозицијата поточно ВМРО-ДПМНЕ и ја започна канонадата од аргументирани, помалку аргументирани но и фабрикувани обвинувања против власта. Типично за нашиот политички фолклор ниту власта поточно СДСМ не остана должен и така нашата неуспешна сторија си продолжува. Што би се рекло бензин на огнот додаде порталот МКД.мк кој прв дојде до информација и објави дека кога е донесена политичката одлуката за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија нашиот сосед Бугарија закачил на тој документ свои забелешки во кои стои дека Бугарија нема да прифати во документите на ЕУ да стои македонски јазик туку формулацијата официјален јазик на Северна Македонија. И политичката сцена зовре. Опозицијата и власта почнаа да се препукуваат со најгруби обвинувања во смисла кој е поголем патриот а кој е поголем лешинар. Власта како по обичај пред јавноста излезе прво се став дека такво нешто нема па потоа откако на сајтот на австрискаата влада излезегоа тие бугарски забелешки владата ретарираше демек да има ама тоа ништо незачи и дека ваквите ставови на Бугарија се спротивни на европските принципи и на договорот за пријателство што го потпишаа премирите Заев и Борисов и ја помина ратификацијата во двата парламенти. А да потсетам на две работи. Прво во овој „исторически“ договор како што го оцени премиерот Заев наместо македонски јазик јасно стои формулацијата официјален јазик на Република Македонија според Уставот на државата. И така Бугарија и „бугарскиот ни братски народ“ по незнам кој пат покажаа дека ние сме најромантичниот дел од нивната историја од кои тие нема да се откажат. Во меѓувреме видовме едно „бледо“ интервју со господинот Борис Борисов но за мене е многу по сигнификантно интервјуто се европратеникот Андреј Ковачев инаку член на партијата на Борисов. Цитирам „Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.“ И црешата на врвот на оваа бугарска романтична сторија која нас како Македонци може скапо да не чини е последната колумна на професорот Д-р Денко Малевски инаку прв Министер за надворешни работи во која вели цитирам „Зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден. Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ“.

Со ставот на оваа индивидуа не сум изненаден „Додека јас сум министер за надворешни работи Македонија нема еднострано да се отцепи од Југославија.“ Ова Малевски како министер во владата на Кљусев го кажа од Собраниската говорница. Патем го има на интернет. Но на интернет Малевски може да го најде и Ватрослав Облак Словенец роден во Цеље, филолог славист кој во 19 век поточно 1891 година од Виена доаѓа во Солун да го проучува македонскиот јазик и дијалекти. Во 1896 година посмртно излегува неговото дело Македонски студии (Macedonische Studien) во која Облак прави многу јасна разлика помеѓу македонскиот, и бугарскиот односно српскиот јазик.

И што да се рече на сета оваа сага на нашата државотворност. Колку да звучи болно и еретички ама како што ни тргнале работиве се прашувам дали одиме полека кон втор Букурешки договор (првиот беше 10 август1913) па и оваа територија со име Северна Македонија која само про-форма е суверена држава дефинитивно да се раздели.

п.с.  ако се замороивте од читањето или ви го расипав расположението овде можете да го слушнете  валцерот на Антони Хопкинс

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com