Mакедонското срце чука за Ердоган, ама малку и за пучистите  

 

Секако вест на неделава е дека нашите четири политички партии дефинитивно со помош на „вујче Сем“ и добро одиграна споредна улога на ЕУ се договорија околу отворените прашања со што се создава можност некаде во декември да се одржат кредибилни избори. Навистина неверојатно за една суверена држава е фактот дека деталите од договорот прво беа објавени на веб страната од амбасадата nа САД и канцеларијата на ЕУ и тоа на англиски а ние и како јавност ама и како држава ете моравме да ги симнуваме од таму. Мал детаљ кој многу зборува, а се плашам и да не се изгубиме во преводот имајки во предвид дека досега нашата четворка секој договор си го чита по свое.  Инаку по се изгледа во договорот нема ништо ново од она за што се зборуваше и шпекулираше во јавноста веќе подолго време. МВР ќе го добие опозицијата ама има ограничувања колку луѓе односно позиции ќе може да смени а мандатот му трае додека ДИК не ги објави официјалните резултати од изборите!? Избирачки список пречистен според методологијата за која се зборуваше. Односно ќе имаме избирачки список еден со ѕвездичка, друг без и така натаму. Медиумите! Повторно „утка“, ќе се формирало некое тело кое демек ќе контролирало како медиумите известуваат, а уредникот на МРТВ ќе го постави опозицијата!? Вакви и слични неболузи типични за нашата фолклорна политикантска реалност има уште ама најважно е дека некаде до 31 август четирите лидер ќе треба да оценат дали има услови за одржување на кредибилни избори и тогаш да се формира таа „изборна“ влада која ќе треба да ги организира и изведе изборите. Односно повторно на своевиден начин договорот зависи од волјата на овие четири јас би ги нарекол јавачи на нашата апокалипса.

И како што гледате оние од невладиниот сектор останаа надвор од процесот на преговори иако само еден ден пред договорот (вторникот 19 јули) имаа јавна расправа на која се фалеа дека тие го имаат решението за излез од кризата и затоа бараа така наречено петто столче. Ама еве од нив нема никакви реакции со што само потврдија како што забележува уважениот Арсим Зеколи дека „Невладиниот сектор е сведен на спрдачлива пародија на грст шминкерисани липицанери кои го монополизираа општествениот гнев и систематски истиот го умртвија преку форсирање на теми и тематики од нивниот тесноград хоризонт, проследено со потсмев и црвено-буржујска постмешливост кон отпишаните од општеството“.

И ако на сето ова го додадеме фактот дека нашата влада поточно Министерството за финансии успеа преку еврообврзницата да не задолжи за нови 450 милини евра и тоа со камата од 5,625 годишно што според министерството е многу добро имајќи ја предвид домашната политичка состојба која ја наметна СДСМ. Па така во рок од седум години ќе треба да вратиме поред главницата плус околу 175 милиони евра камата. Ашколсун бе наши. Година и пол не заебавате, а на крајот се заврши според онаа народната „тресла се гора родио се миш“

Ама да се вратам на насловот од колумната.

Многу од вас сигурно во насловот ќе го препознаете еден од „бисерите“ на нашиот ни неповторлив „сламнат председник“ упатено до Ердоган, навистина малку парафразирано од моја страна но содржински точен. Патем чоеков со цела свита соработници од кабинетот, плус, готвачи, келнери обезбедување и така натаму, својата државничка функција ја врши од позната Титова вила на охридскиот брег. Ама некој да се праша колку тоа чини?

Секако ќе прашате зошто го користам овој наслов. Имено кај нас веднаш откако дојде веста за обид за воен пуч во Турција, социјалните мрежи експлодираа од коментари уште вечерта на 15 јули кога војската пучистите излегоа на улиците во Истанбул и Анкара. Па потоа се приклучија и сите медиуми се извртија еден цел куп експерти дури и на една од телевизиите, воениот пуч беше тема не емисија од стилот на „Хајд парк“. Можеби ќе речете е па што има во тоа чудно, социјалните мрежи се за тоа, други ќе речат абе пет века бевме дел од Отоманската империја, останало во нашето историско паметење. Пеки, ама тоа што посебно ја покажува нашата би рекол забеганост е фактот дека во Турција сите политички субјекти беа единствени и го осудија обидот за воен удар, (колку е тоа искрено е друго прашање) додека кај нас и по ова прашање (issue) се поделивме. Власта и „патриотите“ за Ердоган, додека „демократите“ а со нив и опозицијата беа за пучистите. Па така заследивме и пост на пратеничката Лидија Димова „Честито ајде и на наша глава..“ Само без пукање молам…“ Патем оваа пратеничка е претседател на Националниот совет за Евроинтеграции во Собранието на РМ. Навистина ептен европски е да се поддржува воен пуч и тоа од пратеник.

Ама и со или без наша поддршка Ердоган си го остварува тоа што го имаше зацртано многу пред овој тотално аматерски обид на воен пуч. Не заборавете дека Турската армија досега има извршено неколку успешни воени удари и ја има соборено цивилната власт. Дали обидот за воен пуч е само вешта режија на Ердоган или навистина e само лошо планирана акција на одделни армиски структури е засега само предмет на шпекулации. Според мене најблиску до вистината е еврокомесарот Хан кои изјави дека Ердоган однапред имал список на неподобни луѓе во сите државни структури и сега ситуацијата ја користи да расчисти со нив. А не заборавете дека станува збор за околу седумдесет илјади луѓе. Од судии преку државни службеници во сите министерства па преку затворање на околу 110 генерали и адмирали, за да заврши со професори декани и ректори на државните универзитети. На пример ако во воениот пуч биле вмешани 110 генерали и адмирали Ердоган сигурно денеска немаше да биде претседател туку ќе беше во барем во затвор. Или како само два дена по обидот за воен удар веднаш беа разрешени околу три илјади судии. Во секој случај Ердоган оди во директна пресметка не само со оние кои тој ги смета како свои опоненти па дури и непријатели туку станува збор за пресметка со државотворната филозофија на Кемал Ататурк која се темели на национален секуларизам. Ердоган сака да ја замени со идеологизиран ислам, а преку тоа да воспостави личен автократски режим секако формално оправдан со нови промени на Уставот на Турција кои се за очекување. Како и да е треба да се очекува јакнење на моќта на Ердоган. Во тој контекст е и прогласувањето на вонредната состојба во Турција која ќе трае 3 месеци, период доволен да се заокружи чистката. Меѓународната заедница (читај Брисел и Вашингтон) тоа од прагматични побуди ќе го прифатат посебно ако со тоа Ердоган се вклопи во интересите на САД. Сепак долгорочно мислам дека Ердоган и неговиот режим нема да опстанат.

Ама дас го оставиме Ердоган и Турција и да се вратиме дома во нашата трагикомедија која ете веќе година и половина трае ама и по се изгледа ќе трае многу подолго од вонредната состојба која ја прогласи Ердоган.

Дома за жал по се изгледа партиите по не знам кој пат не изиграа. Нема ништо од процесот на демократизација внатре во партиите и со тоа да дојдат нови личности. Понатаму, повторно сме далеку од започнување на   парламентаризмот , со тоа демократизација на државата и општеството, како и процесот на владеење на правото и функционални државни институции. За жал од сето ова според најновиот договор нема ништо. Сега имаме одредени козметички поправки кои се во функција само на политичките елити и на нивниот воспоставен клиентелизам. Односно по се изгледа мир ќе имаме ама правда и правдина уште долго нема да ја помирисаме а камоли да ја консумираме

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com