HISTORIA EST MAGISTRA VITAE

Дали некој слушнал или прочитал министер за финансии да се „фали“ со тоа што ја задолжил државата за 500 милиони евра

Замислете да може од историјата да се живее или да се продава или да се мачка на леб…! Е тогаш ние овде би живееле, како што вели народот „како бубрег во лој“, а Македонија би била Швајцарија на Балканите. Ние овде секојдневно произведуваме „историја“ и тоа толку многу што таа и да се мачка на леб нема да можеме да ја изедеме. Еве, на пример, според министерот за финансии Ставрески ние деновиве се задолживме за околу 500 милиони евра и тоа со „историски“ ниска камата. Се прашувам дали некој слушнал или прочитал министер за финансии да се „фали“ со тоа што ја задолжил државата за 500 милиони евра. Замислете и тоа станува збор за држава која по сите економски критериуми е на ниво на неразвиена и најсиромашна европска држава држава. Тоа го нема никаде освен кај нас. И ајде сега речете дека ова не заслужува да влезе во историјата. Но, за мене пострашно е што овие 500 милиони нов долг се влезени во иднината на нашите деца, внуци кои ќе ги плаќаат овие „историски достигнувања“.
Во рамките на таа продукција на историја е проектот „Скопје 2014“ со историски четиристотини милиони евра. И така градот доби цел куп споменици, меѓу кои централно место зазема „Воинот на коњ“, односно како што некои го именуваат „нашиот Аце“. Чудно, во проектот „Скопје 2014“ од една страна имаме антика, демек тоа бил по ново нашиот идентитет, а во исто време се изградија нови згради и тоа се’ во барок. Ама на овие хиперактивни создавачи на историја ни тоа не им беше доволно, па сега и на старите зданија почнаа да им ги менуваат фасадите во барок. Наивно се прашувам овие нашиве да не имаат дупка во своето познавање и разбирање на историјата, па така не’ шетаат од антика директно во барок и обратно.

И ако тука ги додадеме и галите на Вардар, плус плажите сосе палмите на Коце и новата фонтана која ќе се гради, е тогаш за жал доаѓаме до онаа позната мисла на Маркс дека „историјата прв пат се повторува како трагедија е вториот пат како фарса“. Ете затоа историјата не се мачка на леб, ниту можеме да ја извезуваме како домашен производ. Верувам дека многу од вас се сеќавате на старата латинска поговорка historia est magistra vitae (историјата е учителка на животот). За жал, ние овде оваа поговорка ниту сме ја научиле, а уште помалку разбрале. Затоа кај нас политичките елити штом ќе дојдат на власт се однесуваат како со нив да започнува историјата и светот, па се’ што било пред тоа едноставно се заборава и брише. И најчесто со оправдување дека тоа се реформи. Ајде сетете се колку реформи сме имале во образовниот систем, во здравството, во правосудството и така натаму.

Дека од историјата политичките елити ништо не научиле покажува сегашната состојба, поточно непризнавањето на изборните резултати од страна на СДСМ и нивниот бојкот на парламентот. Ова повторување на историјата сега како фарса за прв пат се случи на вторите парламентарни избори кога ВМРО-ДПМНЕ исто така не сакаше да ги признае резултати и не влезе во парламентот. Тогаш, ако се сеќавате, СДСМ ја направи најголемата партизација на судството, ако не се лажам тогаш во Собранието беа избрани над 500 судии. Но, дали тогаш политичките елити нешто научија? Очигледно не.

Актуелната власт во овие осум години на владеење успеа во целост да си го направи судството свое, иако тогаш навистина надвор од парламентот беше многу гласна (со право) за партизацијата на судството. Тогашната власт, а сегашната опозиција, ја прави истата грешка и со нејзиното бојкотирање на парламентот и’ дава простор на власта да прави што сака. Дури сегашната СДСМ го условува своето враќање со создавање на некаква си техничка влада, која, наводно, ќе подготвела нови фер и демократски избори. Лично мислам дека политички дијалог на нашево општество му недостасува фактички повеќе од две децении, ама колку да звучи грубо, сум против каква било техничка влада и нови избори. Зошто? Од многу проста причина. Убеден сум дека ако сега се попушти на ваквите глупави барања, иако се сакаат да се претстават како демократски, а не се, утре некој друг ќе го бара истото. Односно, да се вратам на Маркс, историјата ќе ни се повторува како фарса.

За вакви општества се карактеристични неколку константи. Прво, недостиг од вистинска демократија, а со тоа и нефункционирање на правната држава. Понатаму, многу широка контрола на медиумскиот простор, која најчесто се постигнува со лукративни методи, иако не се туѓи и други многу погруби. Тоа доведува до строга поделеност на наши и ваши, односно на патриоти и предавници, односно демократи и диктатори. Во вакви општества јавноста во суштина е тотално аполитична, но од друга страна ирационално се идентификува со владејачката структура. И за да го одржите ова, а со тоа и да ја зачувате власта, потребно ви е перманентно да „произведувате историја“, која ќе ја претставувате како успешни историски дострели. Иво Андриќ има напишано: „Долгогодишното лошо владеење со еден народ го извитоперува неговиот здрав разум што тој веќе не може да разликува добро од зло или сопствената корист од сопствената штета“. Одговорноста за ова е кај власта, ама кога и опозицијата по ист аршин продуцира историја, кога демек „експертската“, најчесто за триесетина сребреници, ја ставаат науката во корист на дневната политика и така натаму, тогаш таквите општества народи и држави завршуваат на историските гробишта. И за ова не’ учи историјата, ако се сака да се научи.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com