Haus zur Miete-Куќа за издавање

Како може некој да го извалка името на Миле Јанакиески и тој да најави дека ќе тужи за клевета ако министерот потврдува дека ја издава куќата на германската фирма

И така студентскиот „маратон“ заврши. Пратениците го изгласа измените и дополнувањата на Законот за високо образование со кои се воведува т.н. „државен испит“, кој во иднина ќе се полага на рати. Првата по завршување на втората година од студиите, а втората во четврта година. Без овој испит (државен) диплома нема. Во колумната од 11 декември запишав (само два дена по првите студентски протести) дека станува збор за први автентични политички протести кои немаат ниту етнички, ниту верски, а најмалку партиски предзнак. Ова се потврди на вторите протести кои беа навистина многу помасовни на кои се вклучија и професорите, родители и граѓани кои ги поддржуваат барањата на студентите, но, за жал, не се создаде онаа критична маса која е потребна нештата да се променат. Сите го паметиме од она „историско збунување“ на професорите од Професорскиот пленум преку „неподготвеноста“ на ректорот на УКИМ, до еуфоричната поддршка на „реформите“ во високото образование од страна на „контрапленумашите“ меѓу кои главна е Тања Каракамишева, која на политичката сцена, ако се сеќавате, ја пласира Васил Тупурковски со неговата ДА (Демократска алтернатива). ДА заедно со својот лидер ги нема, ама Каракамишева во овој период, секако, научно се надградила, верувам и со импакт-фактор, а идеолошки бајаги еволуирала, па сега е една од најистурените и најжестоки „интелектуални“ ударни тупаници на владејачката партија. Своите интелектуални знаења и вештини сега ги стави на располагање во некои управни одбори.

Власта и овој пат победи на иста финта, успеа да ја подели академската јавност, која во суштина одамна е поделена, но сега таа поделба се манифестираше многу поинтензивно. Со фингирање на некаква јавна расправа и со збунети професори се создаде некаква перцепција за демократска атмосфера. Со овие „реформи“ ниту малку нема да се подобри високото образование, ама остануваа фактот дека по две децении првпат имаме нешто автентично и позитивно, без ситнопартиски интереси, а тоа е Студентскиот пленум. И во исто време ова е прв сериозен потег или ако саката политика на ВМРО-ДПМНЕ, која се перципира во јавноста како сериозна грешка.

Новата година започна многу вжештено. Ќе потсетам на некои настани и факти кoи не се директно поврзани со вжештена политичка сцена, но имаат нешто заедничко. Првиот е стар речиси една деценија. Ќе потсетам на една колумна на Радмила Шекеринска од времето кога беше вицепремиер, а се однесува на тоа што се вика објективна одговорност. Станува збор за министерка на Шведска, која како речиси сите министри во оваа држава немаат службено возило, па дошла на работа со такси и го платила со службена картичка. Иако по неколку дена ги вратила парите ова дошло во јавноста и министерката си даде оставка. Токму во тоа време кога е објавена колумната кај нас пукна афера со министерот за здравство, кој на некои министерки по повод 8 Март им купил ѓердани „сваровски“ платени со службена картичка. Министерот, навистина, кога пукна аферата ги врати парите, ама госпоѓа Шекеринска изгледа ја заборави својата колумна и не побара оставка од својот партиски колега. Министерот по изборите во 2006 година си ја „дувна“ од државата. И вториот настан е од странство, од лулката на парламентарната демократија Велика Британија. Со кривична пријава, а потоа и со пресуда со затворска казна, заврши пратеник кој до парламентот доставил договор за закуп на стан во Лондон, бидејќи тој бил од внатрешноста и за тоа побарал надомест што и му следува. Но подоцна е откриено дека фактички станот бил на негов животен партнер со кој тој живеел во вонбрачна заедница. Нашиве „пуританци“ ќе речат дека убаво му направиле. Арно ама, тој не бил осуден поради својата сексуална ориентација, туку поради незаконско користење на буџетски средства.

Следниот настан не е толку стар, се случи минатата година. Станува збор за тендер на Министерството за здравство кое го добила фирма чии сопственик е мајка на една позната новинарка од патриотски маштап, инаку уредник на еден дневен весник, а во истовреме и уредник во телевизијата која секогаш прва дознава. Мојот „омилен“ министер за здравство во првата реакција изјави дека се’ било транспарентно и во согласност со законот за јавни набавки. Откако аферата почна да се врти и во Собранието (пратенички прашања) „омилениот“ ми министер донесе одлука да го поништи тендерот со образложение дека се’ било во ред законски, но не било етички и морално. Е сега и ден денес не ми е јасно кој ја кршел етиката и моралот, новинарката, сопственичката на фирмата, која е мајка на новинарката или е некој трет. Но едно знам – во секоја нормална држава ако се случи нешто вакво, односно се кршат етички норми, тогаш лета и министерот кој објективно е одговорен.

И сега најновата афера со куќата на министерот Миле Јанакиески во Прилеп, која стана предмет на препукувања помеѓу власта и опозицијата. Таа обвинува дека Јанакиески ја издава куќата на странска (германска) фирма, која во Прилеп прави реконструкција на канализацијата. Во првата реакција на Јанакиески беше речено дека се’ е направено транспарентно според закон и дека ова е пријавено, а министерот плаќа и данок за ова. И така е – отворете ја имотната картичка на министерот, таму јасно стои дека за 700 евра издава куќа во Прилеп. Но веќе во втората изјава министерот Јанакиески се заплетка во сопствените изјави дека тој не знаел за каква фирма станува збор, дека тој на куќата залепил неколку листови формат А4 на кои пишувало дека куќата се издава. Само не кажа дали огласот бил на македонски или пишувало House for rent, односно Haus zur Miete, имајќи предвид дека куќата ја изнајмила германска фирма.

Барем да изјавеше дека куќата ја издал преку некоја агенција, вака излегува Германциве шетале по Прилеп и ете ја нашле куќата на министерот! Ама бидејки министерот нема да дозволи некој да му го валка името, тој ќе го раскине договорот со германската фирма, која работи на реконструкција на канализацијата во Прилеп, односно јавни работи.

И повторно неколку прашања. Како може некој да го извалка името на министерот Јанакиески ако нема ништо спорно во сето ова, а министерот тврди дека се’ е според законите. Понатаму, зошто Јанакиески сега го следи примерот на својот колега кој раскина еден законски добиен тендер од морални причини и сега и тој раскинува договор за закуп (повторно причините се заштита на морални вредности), па среде зима неговите „кираџии“ Германци ќе треба да шетаат по прилепските улици и да бараат куќи на која има залепено бели листови на кои пишува Haus zur Miete.

Ајде да ги погледнеме работите од друг агол. Што ако не се откриеја во јавноста овие афери. Ѓерданите „сваровски“ ќе си останеа како подарок платен со наши пари, добиениот тендер на фирмата, чии сопственик е мајка на позната новинарка, ќе си беше реализиран, Германците ќе си останеа во куќата на министерот и ќе немаше морални и етички дилеми и валкање на името на министерот. А министрите си остануваат во своите фотелји. Ама не е така. Има разлики. Прво, вакви афери во нормални демократски држави ги откриваат и ги пласираат во јавноста новинарите. Кај нас редовно тоа го „открива“ опозицијата. Зошто? Од прости и разбирливи причини. Вчера кога биле на власт го правеле истото што сега така вехементно го откриваат. И така дваесетина години. И уште една битна разлика која е важна за актуелната власт. Најчесто вакви „афери“ кај нас завршуваат на суд поради навреда и клевета (повторно морални причини) и по правило тужените редовно губат.

И да се вратам повторно на студентите. Со своите протести не го препречија воведувањето на државниот испит, но на сите ни покажа како во практика се реализираат размислувањата на Фром напишани пред речиси осумдесет години во неговото дело „Бегство од слободата“. Фром вели дека личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и’ се спротивставува на моќта. А таа непослушност во многу држави создава нови општествени и политички субјекти кои на демократски избори победуваат или стануваат сериозен политички субјект.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com