Macedonia, as an unsuccessful story goes on

Насловот Македонија како неуспешна сторија продолжува, во суштина го позајмив од познатиот глумец а кај нас помалку познат и како сликар и композитор Антони Хопкинс (Sir Philip Anthony Hopkins) кој има напишано композиција со наслов And The Waltz Goes On. Навистина е убаво чувство кога валцерот продолжува. Ама кога неуспешната сторија на проектот Македонија (по ново сега Северна) како самостојна држава еве се растегна на скоро три децении за нас обичните граѓани ова е и повеќе од фрустрирачки. Во овие три децении политичките елити државата во целост ја приватизираа како нивно чекмеџе а наместо правна држава и владеење на правото имаме договорно држава која функционира по принципот од онаа позната реклама „Скопско и се е можно“. Создадовме општество на тотално отуѓени граѓани со кои може најлесно да се манипулира. А се започна со оној хемафродитен референдум во далечната 1991 година, потоа прием во ОН дури во април 1993 под референцата ФИРОМ. Вакви „бисери“ на нашата неуспешна државотворна сторија до ден денес можам да набројувам уште илјадници но да се задржиме на сегашните најактуелни кои и во овие услови на пандемија од Корона вирусот, предизвикуваат интерес ама и политички бранувања. Се започна со одлуката на Брисел во март, Северна Македонија и Албанија да добијат датум (идно несвршено време) за започнување на преговорите. И тука почнува првата груба манипулација од страна на владата дека ова е уште една победа на надворешната политика во остварувањето на нашите стратешки определби но и внатрешните реформи кои ете така „успешно“ ги фура актуелната власт, односно Македонија е на прав пат. Ама реалноста е сосема друга. Оваа одлука на Брисел речено без дипломатски ракавици е најобична политичка (да не речам политиканска) одлука и е далеку од конкретен датум за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Кога ќе почнат (ако почнат) преговорите тие ќе се одвиваат според новата методологија која и во Брисел баш не ја имаат испеглано поточно разбрано во целост. Ваквиот наивен обид за манипулација нормално, го искористи опозицијата поточно ВМРО-ДПМНЕ и ја започна канонадата од аргументирани, помалку аргументирани но и фабрикувани обвинувања против власта. Типично за нашиот политички фолклор ниту власта поточно СДСМ не остана должен и така нашата неуспешна сторија си продолжува. Што би се рекло бензин на огнот додаде порталот МКД.мк кој прв дојде до информација и објави дека кога е донесена политичката одлуката за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија нашиот сосед Бугарија закачил на тој документ свои забелешки во кои стои дека Бугарија нема да прифати во документите на ЕУ да стои македонски јазик туку формулацијата официјален јазик на Северна Македонија. И политичката сцена зовре. Опозицијата и власта почнаа да се препукуваат со најгруби обвинувања во смисла кој е поголем патриот а кој е поголем лешинар. Власта како по обичај пред јавноста излезе прво се став дека такво нешто нема па потоа откако на сајтот на австрискаата влада излезегоа тие бугарски забелешки владата ретарираше демек да има ама тоа ништо незачи и дека ваквите ставови на Бугарија се спротивни на европските принципи и на договорот за пријателство што го потпишаа премирите Заев и Борисов и ја помина ратификацијата во двата парламенти. А да потсетам на две работи. Прво во овој „исторически“ договор како што го оцени премиерот Заев наместо македонски јазик јасно стои формулацијата официјален јазик на Република Македонија според Уставот на државата. И така Бугарија и „бугарскиот ни братски народ“ по незнам кој пат покажаа дека ние сме најромантичниот дел од нивната историја од кои тие нема да се откажат. Во меѓувреме видовме едно „бледо“ интервју со господинот Борис Борисов но за мене е многу по сигнификантно интервјуто се европратеникот Андреј Ковачев инаку член на партијата на Борисов. Цитирам „Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.“ И црешата на врвот на оваа бугарска романтична сторија која нас како Македонци може скапо да не чини е последната колумна на професорот Д-р Денко Малевски инаку прв Министер за надворешни работи во која вели цитирам „Зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден. Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ“.

Со ставот на оваа индивидуа не сум изненаден „Додека јас сум министер за надворешни работи Македонија нема еднострано да се отцепи од Југославија.“ Ова Малевски како министер во владата на Кљусев го кажа од Собраниската говорница. Патем го има на интернет. Но на интернет Малевски може да го најде и Ватрослав Облак Словенец роден во Цеље, филолог славист кој во 19 век поточно 1891 година од Виена доаѓа во Солун да го проучува македонскиот јазик и дијалекти. Во 1896 година посмртно излегува неговото дело Македонски студии (Macedonische Studien) во која Облак прави многу јасна разлика помеѓу македонскиот, и бугарскиот односно српскиот јазик.

И што да се рече на сета оваа сага на нашата државотворност. Колку да звучи болно и еретички ама како што ни тргнале работиве се прашувам дали одиме полека кон втор Букурешки договор (првиот беше 10 август1913) па и оваа територија со име Северна Македонија која само про-форма е суверена држава дефинитивно да се раздели.

п.с.  ако се замороивте од читањето или ви го расипав расположението овде можете да го слушнете  валцерот на Антони Хопкинс

ВМРО-ДПМНЕ – Груевизмот going on

 

Она што се случи на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово не беше изненадување туку предвидливо и очекувано. Со изборот на Христијан Мицковски за лидер-кукла на партијата, а Никола Груевски прогласен за почесен претседател е јасно дека Груевски и фамилијата и понатаму ја имаат заробено партијата,и тоа користејќи пред се две методи, Повеќе

Сто дена влада – 26 години континуитет

 

Можеби некој ќе рече што сум сакал да кажам со ваков наслов? Според моите „скромни“ разбирања на нештата во првите сто дена од новата Влада предводена од премиерот Зоран Заев покажа многу повеќе континуитет на нашата 26 годишна (не)успешна транзиција. Повеќе

Коњите ги изедоа, зарем не!

 

Постарите генерации сигурно ќе препознаат дека насловот во суштина е позајмен (ама малку модифициран), од насловот на култниот филм на Сидни  Полак „They Shoot Horses, Don’t They – Коњите ги убиваат, зарем не“ во кој главната улога ја играше Џејн Фонда. Е па според она што деновиве беше објавено „нашиве копуци“ по кафеани се гоштевале со коњски бифтеци бизонски шницли и ред други егзотични специјалитети од светската кулинарика. Ама како секој копук кој од опинци ќе скокне во „лаковане ципеле“ (Бранислав Нушиќ) барем според кафеанските сметки, покрај коњскиот бифтек и бизонскиот стек не можел и без пинџур а и малку мешана скара, а секако тоа сме го плаќале сите ние односно одело од службените картички поточно од буџетот. Вакви копуци, по правило што би рекле ние дебармалците „у џеб имаат кобра па се плашат да пружат „рука и да извадат сопствени пари“. Верувам дека сите не интересира како и кои ги трошеле нашите пари посебно кога станува збор за вакви и слични гозби, понатаму мерцедеси со масажери и екрани за да можат децата да гледаат цртани, или пак лед екрани од по пола милион евра. Добро би било актуелната влада наместо парцијално да не запознава со ваков според мене „вистински арамилак“ да ги истражи сите вакви арамилаци па тогаш да излезе со конкретни информации ама и какви се можностите за вакво нешто тие кои го направиле да одговараат. Вака парцијални или пак премислено во комуникацискиот тим на владата соопштенија, можат да се сфатат како солидна спин алатка да се пренасочи вниманието на јавноста и да се „купи време“. И така додека коњите и бизоните посебно во „демократските медиуми“ ама и некои бивши „патриотски“ чии газди на прв поглед срамежливо веќе по не знам кој пат ги менуваат „дресовите“ беа преџвакани повеќе пати, интересот на медиумите се префрли на меѓународната политика. Нема да верувате ама еден од „водечките демократски медиуми“ кој го уредува „најдемократскиот“ уредник само во неделата (23.7) објави цела низа од вести од посетата на Заев на БиХ. Па така разбравме како Заев се сретнал со својот домаќин премиерот на федералната влада. Па следна вест е Заев со претседавачот на претседателството ма БиХ, па со претседателот на парламентот на БиХ кој патем бил одушевен од Заев кој претставува нов ветер во регионот? Уххх ако продолжи вака богами бргу ќе ги стигне „Куририте“ на Груевски кои со години не давеа со вестите од патриотски маштап демек Груевски се сретна со овој, па со оној, па пресече лента на селски водовод, па фрли две три лопати на темелите на спортска сала, па го решаваше проблемот на земјоделците од Свирипичино… и сето тоа во 24 часа, Се тече се сѐ менува ама не кај нас, нека ми биде дозволено да ја парафразирам позната античка мисла на Хераклит (panta rei)

Сепак најголема прашина неделава предизвика нацрт договорот за добрососедство со Бугарија кој се најде и на затворена седница на собраниската комисија за надворешна политика.  Ајде на самиот почеток да расчистиме неколку работи. Прво дали ни треба договор за добрососедски односи со Бугарија? Одговорот е многу едноставен. ДА! Понатаму дали со тој договор ќе треба да доведе до „некаква заедничка историја и заедно да одбележуваме некои историски датуми. Бугарската страна посебно е заинтересирана за првиот Илинден. Моето скромно мислење е НЕ. Имено ајде да се потсетиме дека овој договор за добрососедство се темели врз декларацијата која со бугарската страна ја потпиша тогашниот премиер Љубчо Георгиевски. Да ги прашам „демокративе како тогаш се пишуваше за ова односно Љубчо беше прогласен за предавник и бугарофил!! Кога станува збор за заедничко славење на празниците такво нешто прв спомена Д-р Владо Бучковски како премиер. Мојата дребност и тогаш и сега е против такво нешто од причина што ние и Бугарите навистина имаме заеднички процеси во одредени историски периоди, ама немаме заедничка или иста историја. Интересно тогаш многу од демократските новинари и медиуми исто така беа против оваа идеја на Бучковски ама денеска голем дел од тие исти новинари го бранат договорот иако тој формално е државна тајна, односно новинарите и медиумите не го виделе. Сепак од некои изјави кои доаѓаат од Софија не соодветствуваат со изјавите кои ги дава премиерот Заев. Според Заев текстот на договорот сѐ уште е отворен, но министерката за надворешни работи на Бугарија беше децидна дека договорот е затворен односно е во фаза на „земи или остави“. Понатаму формулацијата околу јазикот исто така најблаго речено чудна. Имено според изјавите на премиерот во договорот ќе стои дека тој е потпишан на македонски и бугарски јазик кои според уставите на двете држави се официјални јазици на Македонија и Бугарија. Формулацијата Уставен официјален јазик во меѓународното право не постои. И кога сме кај јазикот ви предлагам да го отворите порталот Фактор и да го прочитате интервјуто со Д-р Мариа Андонова Пиргова политиколог и професор на Универзитетот во Софија која за себе вели дека е бугарка со потекло од Македонија. За оваа госпоѓа Македонскиот јазик е бугарски дијалект од кои по втората светска војна политички бил „создаден“ македонски јазик. Но таа лично ете „доброжелателно“ тоа го прифаќа и не и смета. За овој доктор на политички науки е иритирачки денеска да се зборува за признавање на јазик, потоа за национални малцинства, демек тоа не биле европски вредности, а таа лично како и актуелното бугарско водство сакаат Македонија да ја видат во ЕУ и НАТО. На ова што да се каже освен „Мерси доктор Пиргова“. Во секој случај скоро сум убеден дека договорот двајцата премиери Заев и Борисов ќе го потпишат. Ратификацијата ќе оди можеби по споро барем кај нас, но затоа хистеријата веќе сега започна. Кои ќе бидат ефектите позитивни и негативни ќе видиме иако сега засега сум воздржан. Имено и кога ја прифатиме референцата ФИРОМ ни се сервираше шарената лага дека тоа ќе трае кратко неколку месеци и дека нема да има никакви последици за државата. Ама тие неколку месеци се развлекоа на 26 години и сѐ уште траат, а последиците сите ги чувствуваме. Како што реков хистеријата веќе започна. На една страна актуелната власт заедно со поддржувачите и цел куп сончогледи и „упикувачи“, договорот го става на некакво судбоносно историско рамниште кое ќе не однесе во ЕУ и НАТО, што не е ниту од далеку така. Од друга страна пред сѐ опозицијата договорот го прогласи за национално предавство и продавање на идентитетот на македонскиот народ. Што според мене и тоа не е точно.  Притоа тоа го прави не од некои идеолошки, политички па ако сакате и национални побуди и интереси, туку и ова е само една алатка во одбраната на хазаинот Груевски и фамилијата. Односно ВМРО-ДПМНЕ го продолжува својот самоубиствен танц, а верувајте таа самоубиствена политика ќе се ефектуира веќе на следните локални избори, иако Груевски пред судот изјавува деке тој не мисли да бега од државата бидејќи се подготвува да се врати на власта. Изјава која покажува дека Груевски едноставно несака или не ја прифаќа реалноста. Е тоа е веќе прашање за друга научна дисциплина…

Тодор Пендаров

p.s. за полесно читање ја предлагам музика од споменатиот филм

3 – 6 – 9, плус 10 пратенички групи!?

 Некој ќе рече каква е оваа весела математика односно каков е овој бизарен ако веќе не сакам да признаам дека е можеби и глупав наслов. Но таа бизарност или глупавост (определете се што сте) произлегува од две реалности. Првата е, планот на владата кој неодамна ни го претстави премиерот Заев, а вториот дел од насловот во суштина е апсурдното однесување на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Повеќе

Quo vadis господине премиер?

 

Посетата на премиерот Зоран Заев во Бугарија како и неговите заеднички настапи со бугарскиот премиер Борис Борисов, повторно го актуализираа прашањето на одбележување односно славење на историски датуми и настани кои ете ни биле заеднички? Повеќе

Quo vadis ВМРО-ДПМНЕ?

 

Утре ВМРО-ДПМНЕ како партија слави 27 години од своето формирање. Не мислам да правам некаква историска ретроспектива на партијата но во овие 27 година навистина има голем придонес во она што денеска претставува Македонија како држава односно во македонското општество. Повеќе

Чекајќи на нова влада

 

Неделава завршува во знак на конгресот на СДСМ и изборот на старо новото раководство на чело со двоецот Заев – Шекеринска. Избор кој беше очекуван односно што било друго ќе беше вистинско изненадување и во спротивност на нашата фолклорна политичка култура. Повеќе

Ние сме лудаци

Верувам дека многу од вас се сеќаваат на оваа констатација на „кум Ставре“ екс министер за финансии (според мене најлош министер досега) изречена во една од „бомбите“ на Заев. Сега ќе се прашате што ми текнало баш сега на оваа изјава на Ставревски. Повеќе

Стапот има два краја

 

Дали неделава Иванов ќе го даде мандатот на Заев, дали претставниците на парламентарните партии во понеделник на координација кај новиот претседател на Собранието господин Талат Џафери ќе се договорат околу измените на изборниот законик и да постигнат договор кога ќе се одржат локалните избори и како до тогаш ќе функционира локалната самоуправа. Дали Јавното обвинителство на Зврлевски Повеќе

pendarov2000@yahoo.com