3 – 6 – 9, плус 10 пратенички групи!?

 Некој ќе рече каква е оваа весела математика односно каков е овој бизарен ако веќе не сакам да признаам дека е можеби и глупав наслов. Но таа бизарност или глупавост (определете се што сте) произлегува од две реалности. Првата е, планот на владата кој неодамна ни го претстави премиерот Заев, а вториот дел од насловот во суштина е апсурдното однесување на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.

Но да одиме по ред. Првиот дел од насловот 3-6-9 како што ни објасни премиерот Заев во суштина овие бројки претставуваат рокови поточно месеци на динамика до кога ќе треба да се завршат некои реформи кои водат пред сѐ кон остварувањето на нашата стратешка определба евроатлантските интеграции. Нема однапред да ја оценувам ниту програмата ниту планираната динамика. Но би сакал да се осврнам на некои на прв поглед надворешни појави на новата власт. Самата прес конференција помина класично во стилот на претходната власт или подобро речено на „фамилијата“. Имено во владиниот прес центар пред михрофониете и камерите се „нацрта“ Зоран Заев а зад неговиот грб уште пола влада сите насмеани и со „позитивна енергија“. Зарем ова не е исто како што беа пресс конференциите на „хазаинот“ (газда) Груевски? Или последната, наменета за ребалансот на буџетот каде што „грбот му го чуваше“ министерот за финансии. По правило за вакви теми како што се буџет, ребаланс на буџет, состојби во државната каса прес конференции имаа актуелниот министер за финансии а не премиерите, освен ако не станува збор за некои сосема нови политики или програми на Владата. Навистина се прашувам толку ли им „сече“ умот на владините спин доктори и на премиерот на Заев ако се има предвид дека во тимот има цел куп новинари „демократи“ понатаму „експерти“ за комуникации, со цел куп цертификати добиени по најразлични „шнел курсеви“ пардон воркшопови (workshop). Ако не друго барем првиот задолжен за оваа работа патем со ранг на министер, Робер Поповски или во новинарските кругови познат како (X: 0) од Канал 5, потоа господинот Бојаровски (во истите кругови познат како Коко) виделе некаде во демократска Европа прес конференции на премиери, а одзади како „појачање“ стојат други министри! И кога веќе го споменав новинарскиот еснаф се забележува дека многу „познати новинарски фаци“ отидоа во државни или кабинетски службеници. Ништо страшно ама се сеќавам како пред 11 години ваквата миграција од страна на „демократските медиуми“ беше дочекано на нож. Ајде уште малку да останеме кај новинарите. Деновиве повторно се актуализира прашањето за реформи во медиумскиот простор, и нормално измени или ако е потребно и нов Закон односно закони, секако со помош на нашите „странски пријатели“ И така познатиот Ванхојте и неговите „симпатични мачки“ повторно се кај нас и по се изгледа ќе ја „оправаат медиумската сфера“ по не знам кој пат. Се сеќавам како беше кога се донесуваше сегашната законска регулатива. Имаше цел куп странски, и домашни „експерти“ се организираа јавни расправи воркшопови и слично. На крајот дојде онаа позната дама од ОБСЕ Дуња Мијатовиќ (или така нешто) се сретна со сите и на крајот со Груевски и свечено ни изјави дека предложениот закон е добар односно европски и се тој се усвои во Собранието. Алоооо мајстори не е до законската регулатива туку од една страна од имплементацијата на законите (тука сме навистина шампиони како да не ги имплементираме) ама и до свеста на сите субјекти кои на овој или оној начин се вклучени во медиумскиот простор. Секако во мисли ги имам пред сѐ новинарите и уредниците и во нивната подготвеност да ги почитуваат новинарските стандарди, и на крајот ама секако најважни, газдите на медиумите кои како сончогледи се вртат кон „сонцето“ односно власта. Но да се вратам на премиерот Заев и неговото практикување на власта, кое за жал во многу нешта барем мене ме потсетува на бившата. Сетете се дека Груевски на почеток се фалеше дека ќе донесе странци (јавен обвинител, директор на МРТ министри) Тогаш напишав колумна во Фокус во која прашав како е можно кај нас да има „квалитетни“ луѓе за министри, за премиер а да нема квалитетни кадри кои ќе можат да водат системи како што тогаш беше МРТ а еве сега се зборува дека премиерот ќе ни донесе „експерт од Србија“ кои патем според српските медиуми е најблаго речено контраверзна личност. Станува збор за „експерт“ кој ќе ја доведе во ред државната енергетска компанија ЕЛЕМ, или експерт кој ќе треба компанијата да ја продаде?! И интересно медиумите пред сѐ оние кои барем до вчера се прогласуваа како „демократски“ кои ги почитуваат професионалните стандарди сега сите потези на премиерот а со тоа и на владата ги прогласуваат за „генијални“. Односно како да започнува процес кои ние „децата на комунизмот“ го викавме создавање на култ на личност. Аман, дури и Маршалот декларативно осудуваше создавање на култ на личност

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ таму култот на хазаинот (газда) и на фамилијата сѐ уште ја држат во свои раце партијата. Во суштина од декември партиското членство пратеничката група и секако симпатизерите и гласачите се впрегнати во одбрана на Груевски и фамилијата. Одбрана која во суштина претставува класично политичко самоубиство на партијата кое ќе се види веќе на локалните избори. На пример најновата „фолклорна политичка финта“ ВМРО-ДПМНЕ да формира десет пратенички групи го покажува од една страна сиот очај на Груевски и фамилијата но во истовреме ја покажува се уште големат моќ која тој ја има во партијата. Не сакам да навлегувам во прашањето дали е можно вакво нешто според Деловникот. Имено собраниската администрација има стручен капацитет ова да го објасни од формално правен и деловнички аспект, но едно знам со сигурност. Европскиот парламентаризам во својот историски развој не познава пример кога една партија прави 10 пратенички групи со цел преку опструкција на Собранието да се спаси лидерот и „фамилијата“ од правната разрешница околу веќе познатите обвиненија од СЈО. Навистина се прашувам дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не се свесни каде води сето ова. Ама во таа одбрана на фамилијата има и на моменти и бизарни и комични изјави и потези. Токму таква е секако изјавата на Гордана Јанкуловска која го обвини министерот Оливер Спасовски дека го партизирал МВР и на челни позиции поставува „свои луѓе“. Лично верувам дека актуелниот министер го нема тој капацитет да го партизира министерството како што го имаше Јанкуловска, која од МВР направи изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, или која со доза на цинизам се фалеше како човечињата (од Пустец) се држат за рака и дисциплинирано одат да гласаат…Ова не треба да се заборави

https://www.youtube.com/watch?v=cSBgXBw2xYg

Тодор Пендаров

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com