23 ГОДИНИ ТАПКАЊЕ ВО МЕСТО

Откако почна дисолуција на СФРЈ, секогаш ни беше виновен некој друг. Сега министерот за надворешни работи дава плачливи изјави зошто немало да не’ примат во НАТО ни во септември

Како по обичај, повторно заборавивме дека на 25 јуни пред 23 години (1991) со одлука на словенечкиот парламент за осамостојувањето на Словенија и формално започна дисолуцијата на некогашна СФРЈ, односно процесот на осамостојувањето на некогашните републики. Дисолуцијата се надевам дека е завршена со осамостојувањето и меѓународното признавање на Косово како самостојна и суверена држава. Процесот, за жал, беше крвав, со најгруби кршења на човековите права, военото право, па затоа се’ уште работи посебниот Меѓународен суд во Хаг за воени злосторства на просторот на некогашна Југославија. Причината за ваков крвав расплет беше само една: идејата за големи и етничко чисти национални држави која ја застапуваа тогашните лидери на новонастанатите држави (пред се’, Милошевиќ и Туѓман). За жал, уште тогаш се покажа дека кај нас, поточно кај тогашните политички елити, ја нема онаа потребна критична државотворна маса која можеше и дома и пред меѓународната заедница јасно да ги артикулира интересите за самостојна и независна држава. Словенците во 1990 година имаа повеќепартиски избори. Во декември истата година имаа референдум за самостојност на кое имаше едно и јасно прашање – дали сте за самостојна суверена држава. Речиси 90 проценти од излезените граѓани гласаа „за“ и по шест месеци тоа „за“ беше реализирано. Ние со некакви платформи јалово се обидувавме да го спасиме тоа што не’ се спасуваше, (СФРЈ), а дури по девет месеци (септември 1991) имавме референдум со едно хермафродитско прашање – ем самостојност ама и некакво државотворно поврзување со другите!? Имавме и „романтичари“, па едни зборуваа за некаква Беломорска Македонија и конгреси во Солун.. Како и да е, што би рекол народот „денот се познава по зората“ – ние веднаш покажавме колку (не) не’ бидува.

Европа тогаш беше ЕЗ (Европска заедница) и ги гледаше своите интереси. На почетокот, наводно, беше против дисолуцијата на СФРЈ. Доаѓаа т.н. тројки од Брисел и на Бриони се водеа јалови разговори. Бидејќи тогаш како дописник на МРТ од Словенија ги следев во живо сите овие настани, посебно се сеќавам на европската тројка составена од министрите на Холандија, Португалија и Луксембург. Холанѓанецот (Ханс ван дер Брук) повеќе го интересираше морето и плажите на Бриони, па на секоја пауза од разговорите со претставниците на ју-републиките и федерацијата одеше на пливање. Се сеќавам на Португалецот кому му беше поставено прашање зошто Европа не понуди пари (и придружено членство на СФРЈ), па можеби републичките лидери тоа ќе го прифатат. „Нудиме се’ и сешто, ама тие прво сакаат самостојност и сувереност, па потоа се’ друго“, резигнирано одговори португалскиот министер за надворешни работи.

Европа и САД откако политички не успеаја да ја „зачуваат“ СФРЈ формираа посебна експертска комисија на чело со францускиот уставен судија Робер Бадинтер, која требаше да даде правна рамка на самиот процес на дисолуција. Заклучоците се познати, СФРЈ како федерална држава веќе не функционира, а комисијата поаѓајќи од фактичката состојба утврди и предлага единствено Словенија и Македонија да бидат признати, бидејќи ги исполнуваат условите и функционираат како самостојни и суверени држави. Ние не знаевме или можеби некои не сакаа овој значаен меѓународен државотворен факт и документ да го искористиме и дозволивме Грција, за жал, со еден друг Французин (Митеран) да го блокира нашето признавање, затоа што било спорно нашето уставно име. Како да беше вчера, се сеќавам на зборовите на Митеран на Самитот на ЕУ во Лисабон: „Македонија не претставува ниту воена ниту каква било опасност за Грција, ама ние мораме да бидеме солидарни и да ги почитуваме чувствата на нашите грчки пријатели и затоа мораме да бидеме единствени со нив…“ (Нешто слично сега слушаме од ЕУ и НАТО).

Иако во тоа време многу повеќе држави на ЕУ беа против Грција ние не успеавме врз заклучоците на Бадинтеровата комисија да обезбедиме меѓународно признавање од страна на европските држави членки на ЕУ, но затоа Хрватите успеаја благодарејќи му на Берлин и на секогаш дискретниот, а моќен Ватикан да бидат признати. Подоцна (преку ОН) ни беше наметната референцата ФИРОМ. И така 23 години. Период во кој нашите политички елити кога се на власт се удираат во гради како работите ни одат добро, секако, во корист на граѓаните. А граѓаните токму поради таа корист и убав живот дома, речиси половина милион се отселија во овие 23 години, барајќи само нормален живот. И повторно ни е виновен некој друг. Еве го слушам нашиот министер за надворешни работи, кој во Брисел учествуваше на подготвителниот состанок на НАТО за самитот во септември, како со резигнација и разочарување ни строши цел куп срцепарателни изјави за непринципиелноста на меѓународната заедница!

Аман, зарем самитот во Букурешт беше принципиелен во однос до Македонија, зарем неодамнешната изјава на Расмусен овде во Скопје беше принципиелна. Ако како министер досега не научи дека во меѓународните односи нема принципиелност туку пред се’ и над се’ интереси, тогаш барај си чаре надвор од МНР. Ама затоа другите министри се отепаа од фалење. Економијата заздравува, рејтингот според „Дуинг бизнис“ ни е „топ“. Рејтингот на „Фридом хаус“ не се ни споменува, бидејќи таму полека но сигурно патуваме кон дното. Ама затоа министерката за внатрешни работи се пофали за најновиот успех на полицијата која заедно со другите надлежни служби затвориле 24 складишта на огревно дрво. Буџетот го збогатиле за 400 илјади евра со казни и заплениле околу 500.000 м3 огревно дрво. Замислете, тоа е успех за нашиве. А некој да се праша како е можно нешто вака да се случи во која било функционална држава во која владее правото, а институциите си ја работат својата работа.

За моменталната политичка состојба, за демократијата кај нас која реално гледано 23 години се врти во круг, не треба да ја споменувам. На крајот на историјата е демократија, вели познатиот Фукујама. Некои велат првите сто години се тешки, а потоа и нам ќе ни тргне…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com