НА ЗРЕЛА ДЕМОКРАТИЈА НЕ И ТРЕБА БРИСЕЛ

Во Брисел ќе се разговара за враќањето на опозицијата во парламентот, а не (барем не директно) за аферата „Пуч“ и прислушувањето

Ете вака, директно в лице, на „нашите“ (власт и опозиција) им го плесна Елмар Брок кој претседава со Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент за време на расправата на тема „Развивање на политичката култура и унапредување на политичкиот дијалог кон одржлива демократија“ наменет за државите од Западен Балкан и Турција. А, барем, според она што можев да го следам во живо преку веб-страницата на Европскиот парламент „нашиве“ (секако, благодарение на состојбите кај нас) беа „ѕвезди“. Сите европратеници учесници во дискусиите имаа единствен став дека опструкцијата на парламентот не е демократија и затоа мора да престане, а опозицијата треба да се врати во парламентот. Односно сите кои имаат мандат треба да учествуваат во работата на парламентот и да си ја преземат одговорноста.
Мене лично посебен силен впечаток ми оставија завршните зборови на Брок. „Брисел не треба да биде судија за тоа како ќе се однесуваат позицијата и опозицијата во една од земјите-кандидати. Зрелите демократии немаат потреба од Брисел. Не се чувствувам многу добро ако треба да бидам медијатор меѓу Владата и опозицијата и не би требало да има потреба од тоа. Ама, ако сметате дека можеме да помогнеме, тоа ние ќе го сториме, но не е најсоодветно. Демократијата е нешто што е во рацете на самата земја“. Иако сето ова го потврдува мојот став дека опозицијата направи катастрофална грешка кога одлучи да го бојкотира Собранието, што го верглам уште од самиот почеток на бојкотот, сепак зборовите на Брок не ја хранат мојата новинарска суета туку многу повеќе барем кај мене предизвикуваат тага, но и бес, зошто и по 24 години независност Македонија и како држава и како општество е на ова дереџе.

И тоа што навистина ме прави бесен е фактот дека и ова најново предупредување од страна на Европскиот парламент не допира до нашите политички елити. Веќе од Брисел госпоѓа Шекеринска се обидуваше типично балкански да го релативизира сето ова, а посебно зборовите на Елмар Брок, но и на другите европратеници, почнувајќи од она што го кажа известувачот за Македонија, Иво Вајгл, но и на другите. Богами фалеше Шекеринска само уште да рече дека европратениците не се доволно информирани за состојбите кај нас, па да биде работата „таман“, како што неодамна тоа го стори Груевски, одговарајќи му на еден германски пратеник, кој, ете се „дрзна“ да го коментира прислушувањето. Од друга страна Милошоски, кој беше еден од претставниците на мнозинството во Брисел, ублажено кажано, настапи многу поумерено и поконструктивно, што е и разбирливо, имајќи го предвид неговото меѓународно искуство. Но таа умереност и конструктивност, па ако сакате и државничка одговорност, ја немаме дома од страна на владејачката партија.

Како и да е, Европејците овој пат на самото место уште еднаш видоа со кого си имаат работа. Во суштина (барем јас така ги гледам работите) сето ова што на почетокот на неделава се случуваше во Брисел е можеби завршна проверка за европската тројка Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит кои идната недела во Брисел ќе ги седнат на преговарачка маса ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. И веднаш да разјасниме. Во Брисел ќе се разговара за враќањето на опозицијата во парламентот, а не (барем не директно) за аферата „Пуч“ и прислушувањето. Притоа, европската тројка во улога на олеснувач ќе се обиде да изнајде компромис или ако сакате вин-вин решение за враќање на опозицијата во парламентот. Едно да биде јасно. Европските институции ја признаваат легалноста и легитимноста на актуелната коалициска влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Односно, не ја прифаќаат тезата на СДСМ за нелегитимност на последните избори и затоа оваа влада треба да си оди. За ВМРО-ДПМНЕ не е прифатливо да се доведуваат во прашање изборите од 2014 година и затоа нема причина за некаква преодна техничка или концентрациона влада.

И сега европската тројка ќе се обиде помеѓу овие тотално спротивставени ставови да најде компромисно решение!? Иако би сакал да грешам, ама лично не сум оптимист дека европската тројка ќе успее да најде решение. Прво, досегашното искуство со посредувањето на ЕУ нема некои „блескави“ резултати. Но многу потежок е фактот дека и двете страни се вкопани во своите ровови. Имено, ако ја погледаме домашната сцена јасно се гледа оваа рововска позиција. Владата, односно ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврсто стои на ставот дека прислушувањето е дело на странска служба, дека Заев а преку него и целото водство на СДСМ се предавници и дека работат против државните интереси на Македонија и дека е потребна правна разрешница. Од друга страна, Заев на секоја прес-конференција на која пука нова бомба ја започнува со барањето Груевски и оваа Влада да си одат како услов за почеток на преговори. Сепак, мислам дека Владата е таа која би требала да создаде услови за дијалог, а не да ја свири постојано истата песна „Заев предавник“ и ќе има правна разрешница од која досега реално гледано нема ниту „п“.

Во која држава, власта ако има вистински докази ќе дозволи соработник на странска служба, па макар бил лидер на партија, да држи прес-конференции на кои презентира „креирани телефонски разговори“ кои сериозно ги обвинуваат највисоките носители на таа власт за редица тешки кривични дела! Во која држава по такво масовно прислушување, кое по нарачка на странска служба и за пари го правеле припадници на ДБК, Јавното обвинителство ќе се договара да ја признаат вината и преку ноќ се осудуваат на казна од само три години?! А на сето ова нема оставки од надлежниот министер и шефот на ДБК.

Вакви и слични правни и политички нелогичности, кои се можни само кај нас можам да редам уште, ама за жал кај нас барем кога станува збор за владеење на правото и за спроведување на контроверзни политики се’ се сведува на онаа позната реклама „Скопско и се’ е можно“.

Од друга страна, во духот на нашата фолклорна политичка култура почнуваат да се создаваат „групировки“ кои утре ако нешто се смени (што, како и во кој правец се тие промени не е битно) демек ете и тие имаат заслуга. Онака наивно се прашувам каде, на пример, беше досега некогашниот заменик-министер за здравство Владимир Лазаревик, кој сега не’ просветли дека тој ја пишувал програмата на ВМРО-ДПМНЕ за здравствената политика (онаа првична верзија од само 100 чекори). Досега од овој господин, барем јавно, јас немам слушната ништо, иако богами што се’ не се случуваше во здравството откако тој си замина.

Понатаму, во таа „групировка“ е и новиот Новинарски пленум. Самиот наслов добро ја отсликува нашата фолклорна политичка култура – имено, по Студентскиот пленум (кој да повторам на сите нам ни одржа лекција како се дефинираат артикулираат и остваруваат конкретни политички интереси) сега пленуми почнаа да никнуваат како печурки. Читајќи ги имињата на новинарите членови на овој „пленум“ повеќето од нив досега барем неколку пати ги смениле партиските дресови или барем наклонетост, додека, за жал, многу малку има колеги кои веруваат единствено во слободата на изразувањето и оние основни принципи на новинарскиот занает. Ако е целта на овој пленум да ја освои МРТВ и да ја „врати на граѓаните“ убеден сум дека тие добро знаат дека тоа не е возможно.

МТВ од осамостојувањето па до денес е само трансмисиски ремен на секоја актуелна власт, со тоа што госпоѓа Стошиќ од МРТВ, како јавен сервис, направи зомби додека актуелната власт на тој наследен зомби од јавен сервис му забоде глогов колец. А тоа да биде се’ во духот на нашиот фолклор, тоа го сторија со група новинари, кои барем до вчера припаѓаа на самонаречениот демократски табор. МТВ за да стане вистински јавен сервис потребно е многу повеќе од Новинарски пленум и окупирање на она што остана од зградата на МРТВ.

Од друга страна, патриотските новинари на чело со нивната „прва дама“ и „бесачот на слики“, сега отворено им се закануваат на сите оние кои не мислат како нив, па ете колегата Ерол Ризаов имаше „чест“ да биде прв на тој список.

И повторно да се вратам на зборовите на европскиот пратеник Елмар Брок. „Демократијата е нешто што е во рацете на самата земја“, а се’ додека ние како граѓани ова не го сфатиме политички елити, како што беше во изминативе 24 години и како што е сега, едноставно ќе манипулираат со нас и ќе ни ја кројат сегашноста и иднината според нивните интереси.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com