Колку пати овие години се расправаше за медиумите, се носеа закони, се менуваа улогите на регулаторните тела и пак – ништо. Новинарите се во маѓепсан круг повеќе од две децении
Насловот е од колумна која во „Утрински“ ја објавив пред нешто повеќе од три години. За жал, и денеска околу овие значајни прашања, без кои не може да се зборува за демократија кај нас, нема никакво подобрување, туку, напротив, тонеме како сами да сме си оковале олово на нозете. Додека ја пишувам колумната, четврток 26 ноември, во Клубот на пратениците (нема да ме изненади ако ова здание некој утре го прогласи за историски споменик во процесот на пропаѓањето на Македонија) се одржуваат разговори помеѓу „големата четворка“ околу остварувањето на договорот од Пржино во оние точки кои се однесуваат на медиумите, а особено на положбата на јавниот сервис МРТВ.
Веќе одомаќениот медијатор Питер Ванхауте, кој има големи шанси да стане легендарна личност во овој процес на нашето пропаѓање, оптимистички најави дека до денеска, 27 ноември, прашањето околу медиумите треба да биде завршено. И додека внатре во Клубот на пратениците „големата четворка“ не знам по кој пат расправа за положбата на медиумите, надвор Здружението на новинари на Македонија плус новинарскиот синдикат и зајакнати со Македонскиот институт за новинарство (науката) протестираат бидејќи не биле вклучени во овие преговори!? Во суштина, се разговара и преговара за неколку теми и тоа: независноста на Агенцијата за аудиовизуелни услуги, потоа за независноста на МРТВ, како и на МИА, а ќе се разговара и за подобрување на Законот за медиуми, сето тоа во функција на обезбедување фер и демократски избори. Повеќе