ДОМАШЕН НАДРЕАЛИЗАМ

По „низата победи“ ВМРО-ДПМНЕ го доведе општеството до таков степен на надреализам, што дури и Дали да беше жив, тешко ќе можел да го наслика

Судскиот совет се’ повеќе станува трагикомичен со своето папагалско повторување дека новинарите и медиумите вршат најголеми притисоци врз судството и судиите. Така, Судскиот совет ни го „разоткри“ одговорот зошто и кој е виновен што ние како држава сме на листата на „Фридом хаус“ на 125. место кога станува збор за слободата на изразувањето, владеењето на правото и демократијата. Односно во групата на делумно слободни држави во „симпатично“ друштво со цел куп „егзотични држави“, кои верувам многу од членовите на Судскиот совет не можат ниту на карта да ги најдат. За нивна информација, бидејќи не верувам дека ги читаат извештаите на „Фридом хаус“, дури нам толку блиското Белизе е пред нас и е во групата на слободни држави.

Секако, новинарите се „виновни“ зошто во сите „позитивни извештаи“ на Европската комисија судството, односно целата судска власт се апострофира како најпроблематична. Од партизираноста која се влече од осамостојувањето, преку влијанието на власта, па се’ до коруптивноста. Наскоро ќе дојде новиот извештај од ЕК и можам со голема сигурност да предвидам дека судската власт пак ќе биде оценета како една од „најслабите алки“. Повеќе

РАЗОЧАРАНИОТ ХАН

Треба да се очекува нашите „странски пријатели“ (Брисел и САД) во иднина се’ помалку да се однесуваат „пријателски“ кон главните актери, а пред се’ притисокот ќе биде врз Груевски

„Многу сум разочаран што не успеавме да изнајдеме решенија според претходните договори од јуни и јули годинава. Се’ уште има надеж да се најде решение и се надевам дека ќе биде препознаена сериозноста на ситуацијата.“ Вака во вторникот во раните утрински часови пред да замине од земјава еврокомесарот Хан ги коментираше дванаесетчасовните преговори околу исполнувањето на договорот од Пржино кои завршија без договор помеѓу „големата четворка“. Што сега?
Еврокомесарот Хан вели дека не може да предвиди, но потребни се „лидерство и одговорност за земјата и нејзината судбина“ и додаде: „Мислам дека се’ е можно. Ние не можеме да ја работиме работата на овдешните политичари“. И како секој дипломат, а посебно еврокомесар, Хан сепак „дотура“ и малку оптимизам и очекува лидерите на големата четворка, а пред се’ ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да се договорат во наредниве денови!? Повеќе

ПОЛИТЧКА ЛАВИНА

Ако навистина сакаше да го заштити интегритетот на републичкото јавно обвинителство во државава, Марко Зврлевски требаше веднаш по донесувањето на Законот за специјално обвинителство како израз на протест да си даде оставка, а не сега да се расфрла со политикантски изјави

Во минатата колумна напишав дека разликите околу изборниот законик, потоа избирачкиот список, како и за составот и функционирањето на ДИК , ќе ги „испеглаат“ странците (Брисел и САД). И тоа се случи, како што во средата изјави олеснувачот, белгискиот експерт Питер Ванхоуте постигнат е договор околу Изборниот закон, додавајќи дека една партија „разочарана“ поради непочитување на Законот за специјален обвинител ги напуштила преговорите. И „монтираната“ „креираната“ и уште не знам каква, политикантска лавина тргна. „Разочараните“ (СДСМ) изјавуваат дека поради кршењето на договорот од Пржино, а се однесува на случувањата со специјалниот јавен обвинител, се повлекуваат од преговорите на консултации во партијата! „Задоволните“ (читај ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) пред камерите се обидуваат да ја манифестираат своето задоволство и ајде да речеме, победа. Повеќе

УРНИСУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА

Со брзото пропаѓање на законот за бомбите, Али Ахмети не може да го запре процесот на раслојување во ДУИ и дека батеријата од мобилниот на Никола Груевски се’ повеќе се празни, а одвреме-навреме и тешко „фаќа мрежа“

Навистина се прашувам дали оние кои стојат зад Законот за забрана за поседување, обработка објавување… со еден збор „бомбите на Заев“ слушнале за Асанж и за Сноуден. Против нив во САД е отворена кривична постапка, ама никому во САД не му паѓа напамет да суди новинари или медиуми кои објавуваат и делови од материјалите на овие двајца најпознати „свиркачи“. И кај нас, посебно во „патриотските медиуми“, беа објавени многу материјали од „Викилис“.
Законот за бомбите на Заев, поднесен од пратениците Талат Џафери и Крсто Мукоски, преживеа едвај 36 часа „собраниска процедура“, а потоа предлагачите мораа да го повлечат. Наивно би било ако некој верува дека законот беше повлечен поради лавината оправдани критики кои доаѓаа од домашната јавност. И овој пат работата ја свршија странците, поточно центрите на моќ (Брисел и Вашингтон). Исто така, наивно би било да се верува дека овој закон „израснал на нивите“ на споменатите пратеници, туку е плод на најтесните политички елити на двете владејачки партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Причина е само една. Пред се’, лидерите на двете партии, заедно со нивните најблиски соработници, стравуваат дека во изборната кампања (ако воопшто имаме избори во април) СДСМ ќе ги користи веќе објавените бомби. Повеќе

СУДИИТЕ КАКО ДА НЕ ЖИВЕАТ ОВДЕ

Зошто ни Врховниот суд, ни Судскиот совет не реагираше на изјавата на судијката дека новинарите ги правеле најголемите притисоци врз судската власт

На кое дереџе е нашето судство најдобро покажува изјавата на судијката Илиевска, која деновиве, со сиот свој судиски авторитет, изјави дека најголеми притисоци врз независноста и самостојноста на судиите и судовите вршат медиумите и новинарите. Жално, ама и што да очекуваш од ова госпоѓа која го осуди Кежаровски, пресуда на која, еве да внесам и патетика, беше згрозена целокупната демократска јавност, како кај нас така и во Европа. Ако ја следиме логиката на „почитуваната госпоѓа судија“ може да се заклучи дека Република Македонија е единствената држава во светот во која новинарите и медиумите ги прават најголемите политички притисоци врз судиите, односно целокупната судска власт!?
Оваа „историска“ изјава на „почитуваната“ госпоѓа судијка, без разлика што не ја прифаќам, бидејќи нема аргументи почитувајќи ја онаа позната мисла на Волтер, ќе ја разберев како личен став. И како таков, едноставно, немаше да го коментирам. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com