НЕКОИ ПРАШАЊА ЗАСЛУЖУВААТ ОДГОВОР

Амбасадорите кај нас го напуштија дипломатскиот јазик, па Бејли и Алтхаузер побараа оставки за разрешување на сегашната криза. Груевски на ова одговори со партиски конгрес

На 7 ноември 2004 година во Македонија се одржа референдум на кој граѓаните одлучуваа дали се против новата територијална организација на локалната самоуправа, односно дали се за Законот за територијална поделба на Република Македонија. Тоа беше време кога СДСМ беше на власт (ги имаше сите три челни позиции во државата) – претседател на државата беше Бранко Црвенковски, на чело на Собранието беше покојниот Љупчо Јордановски, а премиер Хари Костов. Иницијатор за референдумот беше Тодор Петров со неговиот Светски македонски конгрес, но беше јасно дека зад референдумот стои опозицијата.
Одѕивот на референдумот беше околу 27 отсто, односно од 1 милион и 709 илјади гласачи на референдумот излегоа 436.202 граѓани, од кои 409. 886 гласале против новата територијална поделба, но бидејќи одѕивот беше под 50 проценти, референдумот не успеа. Нормално, тогашната влада со сета своја ароганција (како што беа сите, вклучувајќи ја и актуелната) преку слоганот „Некои прашања не заслужуваат одговор“ водеше отворена и жестока кампања против референдумот, односно повикуваше на бојкот. Албанците, исто така, ги следеа директивите на ДУИ, но и на албанската опозиција и’ го бојкотираа референдумот. Повеќе

ТЕРОРИСТИЧКА УЈДУРМА

Однесувањето на власта, која кај сите кои не мислат како што таа сака, гледа предавници, антидржавни елементи, странски платеници… води кон создавање реални услови за граѓански немири

Најновите бомби на Заев од (средата) уште еднаш ја покажаа сета беда која владее во македонскиот информативен простор. Ако тука ја додадеме и неодамнешната трибина посветена на МРТВ како јавен сервис, во целост се заокружува сликата како актуелната политичка врхушка има воспоставено целосна контрола не само врз МРТВ туку и врз поголемиот број електронски и печатени медиуми. Во суштина, сегашните властодршци би се рекло до префекција го довеле процесот на контрола врз медиумите, процес кој започна од самото осамостојување.
Методите се добро познати, многу пари за газдите на медиумите кои во овие 24 години на самостојност повеќе пати ги сменија партиските дресови. Нешто „ситно“ (во однос на газдите) добива одбрана група на новинари- уредници, а потоа следи цела булумента „новинари“ и новинари кои заради гола егзистенција црното по нарачка, поточно по наредба, ќе го направат бело и обратно, при тоа најгрубо кршејки ги основните новинарски етички и професионални принципи. Повеќе

ТЕШКО Е ДА СЕ ПРИФАТИ АМНЕСТИЈА

Бидејќи нашите политички елити немаат вистински државотворен капацитет да ја решат кризата, нам ни се потребни странците кои на крајот ќе пресечат

Во Брисел заврши втората рунда преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со медијација на парламентарната тројка на Европскиот парламент, Вајгл, Ховит и Кукан. Во Скопје од вчера престојува висок претставник на Стејт департманот, Хојт Ји, кој по се’ изгледа има повеќе шанси од европската тројка нашиве суетни и полни со себе партиски и државни лидери да ги натера, сепак, преку компромис да изнајдат решение за сегашната навистина тешка политичка криза.

Секако, тоа не значи дека работата е завршена. Фактот дека во средата во Брисел, сепак, се договорија преговорите да продолжат, покажува дека со „помош“ на странскиот фактор (читај – малку морков, ама е можно да заигра подебела ластегарка) има се’ уште простор за преговори кои би довеле до решение на сегашната длабока политичка криза. За жал, сето ова уште еднаш покажува дека ние не знаеме да учиме од историјата, па затоа историјата ни се повторува. Повеќе

КРИВО ЗАСАДЕНО-КРИВО ЌЕ РАСТЕ

Кога во Словенија беше откриена коруптивната афера „Патрија“ за набавка на борбени возила, во која беше вмешан и експремиерот Јанез Јанша, никој не помисли да спомне дека ќе се нарушат добрите односи со Финска

Овој месец на 27 април се навршува една година од осмите парламентарни избори и веќе една година ние живееме со бојкот на Собранието од страна на опозицијата. И како ова да не ни е доста четири месеци живееме со „бомбите“ на Заев, односно со масовното прислушување. Според СДСМ и нивниот лидер, тоа го правела Владата со единствена цел да ја задржи власта и сите оние бенефити и привилигии, односно незаконско богатење на релативно тесен круг луѓе од врвот на сметака на граѓаните. Според владата, поточно ВМРО-ДПМНЕ, прислушувањето го правела странска служба заедно со осумничените од аферата „Пуч“, меѓу кои е и Заев, кој сега со тие „незаконски и креирани материјали“ ја урива државата, го урива тешко стекнатото пријателство со Кина и со Израел изразено преку „дисконт“ на цената за автопатите и израелски „донации“ за полицијата.
Кога во Словенија од страна на новинарите беше откриена и објавена познатата афера „Патрија“ (набавка на борбени возила од Финска за словенечката армија) никој не рече дека тоа е издавање на државна тајна, уште помалку дека се рушат пријателските односи со Финска. Уште помалку беше спомената донација или дисконт, туку се зборуваше за мито. Епилогот беше затворска казна за експремиерот Јанез Јанша поради примање мито. Повеќе

ПОЛИТИЧКА СУИЦИДНОСТ

Груевски го „испушти возот“, веднаш по првата „бомба“ на Заев прислушувањето да го реши прво политички со оставки на министерот за внатрешни работи и првиот човек на ДБК. Сега е веќе доцна

„Оставката на Љупчо Зиков од претседателската позиција на Алијансата за позитивна Македонија, предизвика потреси не само на македонската, туку и на светската политичка сцена. Уште синоќа со пораки за сериозна загриженост се јавија претседателот на САД, Барак Обама, рускиот претседател Владимир Путин, како и германската канцеларка Ангела Меркел. Тројцата синоќа оствариле меѓусебни разговори во кои се согласиле дека оставката не е во интерес на светското разбирање и соработка и поставиле за своја мисија враќање на Зиков на лидерската позиција“. Ете вака познатата „Коза Ностра“ со своето остро сатирично перо ја искоментира оставката на Љупчо Зиков. Богами точно.
Бидејќи ова „човече“, за кого господин Гошев во една емисија со право рече дека преживува само како „крлеж“ залепен на некои од домашните бизнисмени, со своите провинциски политички манири (одлично опишани во комедиите на Бранислав Нушиќ) сега се обидува изборната хаварија на Алијансата, а исто така (барем како што објавија некои портали) и финансиската катастрофа да ја препише на Владо Бучковски. Ама од вакво „човече“, кое е типичен производ на нашата бескрајна транзиција, сето ова не треба да не’ изненадува, а богами не заслужува и поголемо внимание. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com