Врати се Бранко

Како што тргнале работиве, особено околу аферата со фалсификуваните лични карти, се создава перцепција дека СДСМ фалсификувал лични карти, ама ВМРО-ДПМНЕ излегла поербап и во серија победува

Мојот „омилен“ министер за здравство, Никола Тодоров, неделава ја преживеа интерпелацијата. Верувам дека ниту еден читател на „Утрински“ не веруваше дека е можно интерпелацијата да помине. Самата собраниска седница, која како што е уредено со Деловникот траеше точно до полноќ, помина во оној типичен фолклорен западнобалкански манир. Мојот „омилен“ министер за здравство во своето експозе повеќе личеше како министер за градежништво, па така нè запозна колку покриви, санитарии и слични зафати се направени во амбуланти и болници и така натаму. Спомена колку нова медицинска опрема и технологија се купени, што е точно и е позитивно. Ама, за жал, не спомена, на пример, колку од закажаните прегледи преку „мој термин“ не се реализирани, колку доктори од јавното здравство си заминаа што по приватните болници, што надвор од државата. Она поради што секој министер во нормална држава, ако сам не си поднесе оставка ќе беше разрешен, се трагичните примери со малата Тамара, потоа родилката и нејзиното бебе од Гевгелија … Повеќе

Политички циркус, уште едно продолжение

По ударот со бомбите, по извештајот на Прибе, опозицијата, за жал, полека, но сигурно ги губи сите овие можности, па и првичната предност

По долги натегања, во смисла кој е експерт а кој не, а во заднината беше кој е поблиску до СДСМ, односно до ВМРО-ДПМНЕ, добивме нова Државна изборна комисија (ДИК). Брисел и Вашингтон, поточно, кога амбасадорите Орав и Бејли видоа дека преговорите околу ДИК заглавија во ситнопартиски интереси и дневна политика, повторно ги собраа лидерите на „големата четворка“ во веќе легендарниот Клуб на пратеници. И откако на „непослушните деца“ им удрија по една „чврга“ (што би рекле кај мене во Дебар Маало) овие веднаш се договорија за составот на ДИК. Но да биде сликата потполна, посебно да биде задоволена домашната публика поделена на „наши“ и „ваши“, комедијата продолжи во средата на собраниска седница на која и формално беше потврден составот на новата ДИК. Повеќе

ПОЛИТИЧКИ ЦИРКУС

Се има впечаток дека медијаторот Питер Ванхауте е единствениот кој на договорот од Пржино гледа како на документ што содржи цел куп обврски, кои ако се исполнат, корист ќе имаат граѓаните

Вчера кога ја пишував колумната (10 декември) светот го одбележуваше Денот на човековите права и слободи. Во 1948 година во ОН на 10 декември е усвоена Повелбата за човековите права и слободи кои со раѓањето му припаѓаат на секој човек. Зошто го споменувам ова. Кај нас, колку што видов во прегледот на настани кои го објавува МИА, само на Правниот факултет ќе се одржи конференција посветена на медиумите и човековите права, и толку. Значи кај нас кога станува збор за човековите права и слободи се’ се сведува на медиумите! Нема да зборувам за владеењето на правото, за правна држава, за еднаквост пред законот, ама да прашам каде е моето право да дишам чист воздух. И додека сите се задушуваме поради аерозагаденоста, а Тетово, Скопје, Кичево… се најзагадени градови во Европа, ние се занимаваме со веќе одамна поминатиот рок за избор на тројца „експерти“ со што дефинитивно ќе се формира Државната изборна комисија и таа да почне да работи според одредбите од договорот од Пржино за да може во април да се одржат фер, демократски и уште не знам какви избори! Повеќе

Топ тема 04.12.2015

Тема: „Првата прес конференција на СЈО и одложување на роковите од Пржино“.

Гости: Ѓорѓи Спасов, Сашо Клековски, Тодор Пендаров.

ДЕНОТ НА ДРВОТО-ЗАГУБЕНА ИДНИНА

Груевски купува време за себе и за „фамилијата“, затоа што е свесен дека според сите истражување ако има избори на 24 април, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи. Но таа победа за него ќе биде многу горчлива и со кратко траење

Ако не се лажам, неделава помина по шеснаесеттата по ред акција „Денот на дрвото – засадија својата иднина“. Велат дека овој пат биле засадени околу три милиони дрвца!? И ако ова го помножите со 16, тогаш доаѓаме до неверојатни речиси 100 милиони дрвца засадени досега. Ајде уште малку ваква весела математика. Од „Македонски шуми“ велат дека над 53 проценти од засадените дрвца се „фатиле“, што изнесува околу 50 милиони дрвца. Браво наши, ние богами со ова сме и на повисоко место од она на „Дуинг бизнис“.

Во суштина тоа е една убава идеја и акција, која не е нешто ново, барем не на овие простори. Власта, поточно актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ ја (зло)употребува како алатка за билдање на сопствениот рејтинг. Ајде да погледнеме на сето ова од друг агол. Прво, фактот дека оваа акција се прави сред недела и дека е „доброволно“ задолжителна, пред се’ за буџетарите и учениците, зборува дека е сепак наметната, а не нешто спонтано и свесно прифатена од страна на граѓаните. На пример, Словенците имаат редовни акции под мотото „Чиста Словенија“ и тие се одржуваат за време на викендот и нема да верувате одѕивот е огромен, рекордот е над 300 илјади граѓани што е 15 проценти од населението. Повеќе

Медиуми, новинари, ЗНМ, тапкање во место

Колку пати овие години се расправаше за медиумите, се носеа закони, се менуваа улогите на регулаторните тела и пак – ништо. Новинарите се во маѓепсан круг повеќе од две децении

Насловот е од колумна која во „Утрински“ ја објавив пред нешто повеќе од три години. За жал, и денеска околу овие значајни прашања, без кои не може да се зборува за демократија кај нас, нема никакво подобрување, туку, напротив, тонеме како сами да сме си оковале олово на нозете. Додека ја пишувам колумната, четврток 26 ноември, во Клубот на пратениците (нема да ме изненади ако ова здание некој утре го прогласи за историски споменик во процесот на пропаѓањето на Македонија) се одржуваат разговори помеѓу „големата четворка“ околу остварувањето на договорот од Пржино во оние точки кои се однесуваат на медиумите, а особено на положбата на јавниот сервис МРТВ.

Веќе одомаќениот медијатор Питер Ванхауте, кој има големи шанси да стане легендарна личност во овој процес на нашето пропаѓање, оптимистички најави дека до денеска, 27 ноември, прашањето околу медиумите треба да биде завршено. И додека внатре во Клубот на пратениците „големата четворка“ не знам по кој пат расправа за положбата на медиумите, надвор Здружението на новинари на Македонија плус новинарскиот синдикат и зајакнати со Македонскиот институт за новинарство (науката) протестираат бидејќи не биле вклучени во овие преговори!? Во суштина, се разговара и преговара за неколку теми и тоа: независноста на Агенцијата за аудиовизуелни услуги, потоа за независноста на МРТВ, како и на МИА, а ќе се разговара и за подобрување на Законот за медиуми, сето тоа во функција на обезбедување фер и демократски избори. Повеќе

МРТ и ЕТИЧКИОТ КОДЕКС

Замислете, во кодексот, меѓу другото, пишува дека новинарот кога подготвува прилог мора да ги слушне двете страни. Генијално, нели. Па тоа и бруцош на факултетот за новинарство мора да го знае

И додека за Европа и светот топ-тема се трагичните настани во Париз, борбата против тероризмот и ИСИС, кај нас топ-тема се децибелите од сирените на полициските автомобили кои го обезбедуваат новиот министер за внатрешни работи. Работата отиде дотаму, според информациите во „патриотските медиуми“ што граѓаните кои живеат околу МВР се жалат дека децибелите им пречат. Бизарно нели?! Понатаму во таа наша бизарност успеавме да воведеме и нови политикантски термини. Па, така, опозицијата и „демократските“ медиуми кога ќе го споменат Груевски ја додаваат придавката „премиер во заминување“ додека за патриотските медиуми и новинари, а секако и за власта, новите министри се само „технички“ функционери кои освен што имаат право да земаат министерска плата и да седат во министерскиот кабинет друго не можат да работат. Некој ќе рече, што сум се фатил за вакви бизарни работи. Повеќе

Замрзната препорака-изгубена иднина

Ако ги анализирате и двете изјави, на Груевски и на Заев, тие во суштина одлично кореспондираат, бидејќи целта е само една – власт и сите придобивки за владејачките елити

По неколку одлагања, што е преседан, Европската комисија го обелодени најновиот извештај за напредокот на Македонија. Ајде што во него нема речиси никаде каков било забележителен напредок, но овој пат ЕК препораката за преговори ни ја замрзна до април идната година. До изборите, институциите на ЕУ од нас очекуваат во целост да се реализираат сите забелешки и препораки од фамозниот извештај на Прибе, преку таканаречениот договор од Пржино и секако, со избори што ќе бидат според демократските стандарди.

Богами, многу задачи и можеби затоа еврокомесарот Хан, веќе другиот ден по објавувањето на извештајот од Брисел, ни испрати видеопорака во која јасно е речено дека Македонија се соочува со една од најголемите политички кризи и дека „главен предизвик за вашите лидери е да ги исполнат нивните заложби, спроведувајќи го нивниот договор со добра волја и посветувајќи се во целост на итните реформски приоритети, за да го подобрат владеењето на правото во вашата земја. Вашите лидери мора да ги стават интересот на земјата и иднината на нејзините граѓани во средиштето на нивната работа“. Убаво кажано, ама се прашувам дали актуелните политички лидери и нивните „фамилии“ сакаат и можат тоа што ни го препорачува Хан, а е и во извештајот, да го направат. Ако нашите политички лидери навистина водеа есап за интересите на државата и граѓаните, а не исклучиво за себе и своите „фамилии“, дали ќе бевме на ова дереџе? Повеќе

САМОИЗМАМАТА на СУДИИТЕ

Многу расправи за зависноста на судството. На првите луѓе во него сите им се виновни, само тие не. Да имаше барем една оставка и некој да покажеше дека се чувствува одговорен за пропаста во која се наоѓа судството

До каде оди нашата трагикомичност како држава и како општество, најдобро се гледа од неколку настани што се случија неделава, барем до пишувањето на колумнава. Во таа трагикомичност, односно немање ниту чувство ниту волја за она што се вика државотворност, убеден сум дека ќе се вклопат и настаните поврзани со преговорите на „големата четворка“, водени со помош на диригентското стапче на олеснувачот Ванхауте.
Да одиме по ред. Во вторникот во организација на МАНУ се одржа расправа посветена на правосудството, односно неговите реформи. Вакви „научни“ расправи се наслушавме по секој извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кои по правило најмногу забелешки има околу нашето „независно самостојно и стручно судство“. Ама од сите овие силни расправи нема ништо. Можеби сега мотивот за ваква расправа беше извештајот на Прибе или, пак, неодамнешната прослава по повод 70 години од формирањето на Врховниот суд!? Тоа што ме изненади е фактот дека на чело на масата покрај првиот човек на МАНУ, Владо Камбовски, седеа две дами. Едната амбасадорка на Германија, другата, ако не се лажам, амбасадорка на ОБСЕ. Некој ќе рече, па што има лошо во тоа. Се прашувам што бараат амбасадори на научни средби организирани од МАНУ како највисока научна институција. Барем за мене, ова е најблаго речено чудно! Повеќе

ДОМАШЕН НАДРЕАЛИЗАМ

По „низата победи“ ВМРО-ДПМНЕ го доведе општеството до таков степен на надреализам, што дури и Дали да беше жив, тешко ќе можел да го наслика

Судскиот совет се’ повеќе станува трагикомичен со своето папагалско повторување дека новинарите и медиумите вршат најголеми притисоци врз судството и судиите. Така, Судскиот совет ни го „разоткри“ одговорот зошто и кој е виновен што ние како држава сме на листата на „Фридом хаус“ на 125. место кога станува збор за слободата на изразувањето, владеењето на правото и демократијата. Односно во групата на делумно слободни држави во „симпатично“ друштво со цел куп „егзотични држави“, кои верувам многу од членовите на Судскиот совет не можат ниту на карта да ги најдат. За нивна информација, бидејќи не верувам дека ги читаат извештаите на „Фридом хаус“, дури нам толку блиското Белизе е пред нас и е во групата на слободни држави.

Секако, новинарите се „виновни“ зошто во сите „позитивни извештаи“ на Европската комисија судството, односно целата судска власт се апострофира како најпроблематична. Од партизираноста која се влече од осамостојувањето, преку влијанието на власта, па се’ до коруптивноста. Наскоро ќе дојде новиот извештај од ЕК и можам со голема сигурност да предвидам дека судската власт пак ќе биде оценета како една од „најслабите алки“. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com