СЕ’ Е ИСТО… САМО НЕГО ГО НЕМА

ВМРО-ДПМНЕ се перципира како партија со силна социјална програма, со високо чувство за социјална сигурност

Денеска на полноќ завршува изборната кампања, која, за жал, остана во рамките на нашиот политички фолклор кој го гледаме на сите досегашни избори, без разлика дали се тоа претседателски, парламентарни или локални. Само од 2006 година до денеска кај нас, ако не се лажам, се одржаа осум изборни циклуси (ги бројам и овие што ќе се одржат в недела) и тоа четири парламентарни, два претседателски и два локални, и ако сакам малку да бидам фолклорен, резултатот ме потсетува на онаа позната песна на нашата Тијана „Све је исто, само њега нема“.

Иако ние се декларираме и се фалиме како мултиетничко општество, во суштина сме класично биполарно етничко општество, во кое живееме паралелно, односно со многу мала инклузивност на сите нивоа и во сите сфери. Дваесетина години ние „кубуриме“ со избирачкиот список па така нонстоп вергламе за фантомски гласачи, за непостоечки адреси… Ако ги погледнете извештаите на меѓународните институции ОБСЕ/ОДИХР, Совет на Европа, Европска унија и други, во суштина сите се исти помалку или повеќе. Односно се зборува за некои „ситни“ нерегуларности на денот на изборите (до неодамна за странците беше хит фамилијарното гласање), за некакви недостатоци на изборниот закон, за небалансирано известување на медиумите и со заклучок дека изборите, сепак, биле според законот и регуларни и дека изборните резултати се легални и легитимни. И по ваков извештај, кога, наводно, меѓународната заедница му го потврдила легитимитетот на владеењето, победникот си ја продолжува истата песна. Така, и по дваесет години зборуваме за демократија, за човекови права и слободи, за партизирано судство и партизирана администрација за контролирани медиуми за корупција и слични општествени девијации.

ВМРО-ДПМНЕ, поточно неговите спин-доктори, одлично го оцениле и разбрале нивото на политичката култура на македонската јавност (изразито ниска) и преку таканаречениот „отчет“ (на ниво на партија, понатаму на ниво на локална самоуправа, отворени седници на Влада) од победата во 2006 година, па до денес водат континуирана изборна кампања. Заедно со „отчетот“, спин-докторите на владејачката партија „точно“ утврдиле дека ние како народ се палиме на антика, на некаква монументалност и „големина“, па затоа денес го имаме „Скопје 2014“ со сиот свој кичерај од споменикот на Аце, преку триумфалната порта, барокни згради на државни институции, врби и галии на Вардар… А бидејќи сиромаштијата и невработеноста, делумно од објективни причини, но, пред се’, од субјективни слабости, не е решена, оваа предизборна кампања обилува со најразлични социјални „пакети“ кои се нудат на избирачите.

Па, така, покрај еднократно плаќање сметки за струја, вода, кредити за најзагрозените семејства, сега се нудат по еден викенд бесплатен превоз за млади; бидејќи компјутерите „за секое дете“ веќе се технолошки надминати, сега Владата ќе дели таблети. За пензионерите покрај бањање и скијање, сега им се навестува и зголемување на пензиите, а нема да ме изненади ако наскоро не им се понуди и рафтинг и нуркање со подводна спелеологија, секако џабе. И сето ова нормално се плаќа од буџетот, демек имало пари, а тоа се наши пари. И токму благодарејќи на ваквото одлично спинување ВМРО-ДПМНЕ со голема комотност и без многу да го боли уво, владеењето со државата го идентификува со водење на партијата. Некој ќе рече дека тоа е историската матрица на ВМРО создадена од почетокот на 20 век. Лично мислам дека таа мисловна матрица ја наметна еднопартискиот систем, која кај нас се задржа и по паѓањето на Берлинскиот ѕид, само што актуелната владејачка партија ја донесе до совршенство.

Што се однесува до опозицијата, таа во овие 8 години откако седна во опозициските клупи (пардон, удобни фотелји кои обезбедуваат и многу удобна живејачка) никако да ја надмине својата „изгубена величина“. Во овие 8 години, за жал, не покажа дека е способна внатре да направи консолидација и ред, а камоли да ја освои власта. За мене најголем пораз на опозицијата нема да бидат овие парламентарни и претседателски избори, туку тоа се минатогодишните локални избори кога опозицијата имаше шанси да добие околу дваесетина градоначалници и со тоа да направи вистински исчекор кон освојување на власта. Ама со детското однесување одам не одам и со таканаречениот „Отпор“ доживеа в политички погреб. Познаваме долги владеење на одредени партии и лидери (социјалдемократите во Шведска, конзервативците на Тачер, демохристијаните на Кол, Меркел.) Станува збор за држави во кои демократијата, човековите права и слободи, слободата на медиумите, професионална администрација, независно судство се одамна апсолвирани прашања, па затоа не може да се прави паралела со нас.

За жал, нашата опозиција својата немоќ ја покажува токму преку предизборната кампања. Обелоденување на таканаречените корупциски афери на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ стари десет години едноставно не палат кај граѓаните. Да се сведеме на балканска реалност. Ако јас сум заглавил со кредит и со сметка за струја, а детето ми бара компјутер, дали нема да гласам за ВМРО-ДПМНЕ кој нуди плаќање на сметките за струја и таблет за детето, а богами и за моите родители, со чија пензија во суштина преживуваме. Или ќе гласам за опозицијата која ќе ја враќа средната класа, па ќе враќа од ДДВ-ето и која ме „дави“ со некакви аудиозаписи, кои, според законот, бидејќи се направени неовластено од приватни лица не можат да бидат доказ. Некој ќе рече дека тоа е корупција, односно купување гласови. Да, во некоја нормална држава, ама не во држава во која 30 проценти од населението живее во сиромаштија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ се перцепира и се доживува како партија со силна социјална програма, со високо чувство за социјална сигурност и која владее со државата за добро на граѓаните.

РЕЗУЛТАТ ШТО ЌЕ ОТРЕЗНИ МНОГУМИНА

Заев и СДСМ можат до идниот петок да не’ засипуваат со уште два милиони афери, ама сега е доцна и не пали кај избирачите

Реално гледано, резултатите од првиот круг на претседателските избори не се некое големо изненадување. Пред две недели токму тука ги навестив и како „локал патриот“ галичанец напишав дека ме боли што една иста персона која ете си намигнала со Обама и се „фура“ на „разумен компромис“, два пати по ред не’ победува нас галичаните на претседателските избори (Фрчкоски и Пендаровски имаат галички корени). Дури ниту отвореното писмо на професорот Шкариќ полно со разочарувачки емоции од својот пулен, кому тој пред пет години прв му ја потпиша иницијативата, ниту за еден процент не ја намали „популарноста“ на Иванов. Повеќе

ЦЕЛОСНА „ОРБАНИЗАЦИЈА“

Лошото момче на европската политика, Виктор Орбан, уште еднаш убедливо победи во Унгарија и доби нов мандат да ја продолжи националистичката и авторитарна политика

Денеска на полноќ почнува изборниот молк пред првиот круг на претседателските избори и затоа нема да пишувам за домашниот предизборен амбиент. Ама бидејќи сме во некоја предизборна „еуфорија“ полна со големи ветувања повеќе информативно отколку аналитички ќе се осврнам на изборите во Унгарија и на големата победа на нашиот осведочен пријател Виктор Орбан и неговата партија Фидес, која во унгарскиот парламент кој има 199 пратеника освои 135 пратенички места. Куриозитет е во тоа што Орбан и неговата Фидес втор пат по ред добиваат двотретинско мнозинство во парламентот.
Овој правник, кој уште во времето на комунизмот во Унгарија во 1988 година со стипендија на Сорос оди на постдипломски студии во Оксфорд денеска е татко на пет деца, а од некогашен радикален либерал „созреа“ во конзервативен десничар со изразени национални, а на моменти и националистички ставови. Можеби кај нас е непознато дека е голем љубител на спортот, посебно на фудбалот, а бил и регистриран фудбалер. Припадник е на Реформаторската калвинистичка црква. Повеќе

ЗДОДЕВНИ КАМПАЊИ

Некои од „патриотите“ го прогласија Пендаровски за предавник бидејќи на некој митинг прозборел две-три реченици на албански јазик, иако премиерот тоа го правеше повеќе пати досега

Идниот петок на полноќ почнува предизборниот молк пред првиот круг на претседателските избори. Досега се покажа дека кампањата за претседателските избори е класична партиска предизборна кампања. ВМРО-ДПМНЕ, како и пред пет години така и сега ја води целокупната кампања на Иванов. СДСМ воведе некоја новост, па така нивниот кандидат Стево Пендаровски патува сам низ Македонија и така ако е тој, на пример, во источниот дел од државата, двоецот Заев – Шекеринска некаде во западниот дел им кажуваат на граѓаните како на Пендаровски не му треба тутор и како СДСМ е вистинското решение. Демек, сето ова им го советувале експерти од САД. Не знам само дали „Америте“ им ги кроеле и партиските листи на кои ги нема токму првите луѓе на СДСМ.
Повеќе

pendarov2000@yahoo.com