ИЗБОРИ – ИЛИ УШТЕ ЕДНА ПОЛИТИЧКА ФАРСА

Како што сега стојат работите, во идниот парламент ќе немаме вистински силна опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пак ќе бидат убедливи победници

Кога господинот Ахмети пред речиси два месеци јавно изјави дека актуелниот претседател Иванов не е лош човек, ама ништо корисно не направил за државата, па затоа тие нема да го поддржат за втор мандат и бараат да имаат консензуален кандидат, тогаш во колумна поставив две тези, односно тврдења. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со Иванов на претседателските избори, бидејќи во спротивно ќе треба да признае дека Иванов навистина ништо не направил во својот петгодишен мандат. Втората теза беше дека оваа толку јавно истакната „разлика“ меѓу коалициските партнери, кои веќе шест години така успешно владеат ќе биде повод за предвремени парламентарни избори.
ДУИ во средата најави дека тие во Собранието ќе предложат гласање за предвремени парламентарни избори ако утре на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ се потврди актуелниот претседател Иванов за кандидат на партијата. А во исто време најави и дека ќе ги повикаат своите гласачи да ги бојкотираат претседателските избори. Повеќе

„СПОНТАНИ“ ЕКОЛОШКИ ПРОТЕСТИ

Нашето политикантско разбирање на екологијата само ја покажува општата политичка и општествена реалност во која живееме

Некаде при крајот на СФРЈ (1986 година) како еден од поголемите енергетски проекти беше планирано да се гради хидроцентрала на реката Тара во Црна Гора. Хидроцентралата и акумулациската брана целосно ќе го променеа познатиот кањон на Тара, кој е најдлабокиот кањон во Европа и кој од 1977 година е под заштита на УНЕСКО. Тогаш прво се побунија екологисти од Словенија, а потоа се вклучија и други исклучиво неформални друштва и организации (денеска би рекле невладин сектор) од Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија. Од кај нас, по обичај, немаше никој, бидејќи во некогашна СФРЈ ние се држевме до поговорката „молчењето е злато“.
Тогашното раководство на Црна Гора, но и водството на сојузно ниво, се откажаа од овој проект и денеска кањонот на Тара е едно од најубавите места за рафтинг и сплаварење, познато во Европа и светот. Не заборавете дека тоа се случува во времето на еднопартиското владеење и едноумие! Повеќе

БРОЈКИ И ПРЕБРОЈУВАЊА

Во 2013 година е постигнат „историски рекорд“ на извоз на вино – 885.331 хектолитар во вредност од 50 милиони евра. Браво, сме успеале нашето вино да го продадеме за 56 евроценти за литар, односно околу 35 денари

Ете, Владата, поточно надлежното Министерство за информатичко општество ги изброи новинарите. ЗНМ вели дека тие имаат 512 члена, но на Министерството му го доставиле регистарот со број на членови, но не ги доставиле личните податоци на членовите. Другото новинарско здружение, МАН, изброило 440 члена. Ова „пребројување“ се прави според новиот сет закони кои ја уредуваат проблематиката со информирањето, новинарите и медиумите. Закони кои во средата госпоѓата Дуња Мијатовиќ од ОБСЕ ги оцени како одлични, а за положбата на новинарите и медиумите таа умно порача дека не може да ја води нивната битка бидејќи ОБСЕ не е меѓувладина организација! За неа и пребројувањето е нешто нормално!?
Да се задржиме малку на оваа госпоѓа која во ОБСЕ е задолжена за медиумите и која до скоро кај нас беше „миленик“, пред се’ на самонаречените новинари „демократи“, невладиниот сектор и опозицијата. Повеќе

ХЕРОИТЕ ОД БИТОЛСКОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ

Со објавувањето на сторијата за хоророт во Музичкото училиште, Си-Ен-Ен ни покажа дека професионалното новинарство и маркетингот се две тотално различни работи

Во целокупната општествена и политичка бизарност, во која веќе со години живееме, сепак, се случуваат и убави, или подобро речено, позитивни работи. Барем за мене, неделава вистински херои (ова го мислам без трошка патетика) се учениците од Средното музичко училиште во Битола, кои навистина храбро излегоа да протестираат, барајќи елементарни услови за одвивање на наставата и ништо повеќе. Нивната сторија дојде дури и на Си-Ен-Ен, каде што условите во ова средно училиште беа споредени со условите на ментална установа (читај лудница) од времето на Втората светска војна.
Така, Битола, градот на конзулите, градот во кој учел и според некои и „ашикувал“ Кемал Ататурк, градот на Филмскиот фестивал „Браќата Манаки“, ама и на ТАТ, сега светската јавност ќе го запознае и преку ужасни средни училишта. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com