ЕРГА ОМНЕС ЗА ДОМАШНА УПОТРЕБА

Корените на неволјите и дома и со соседот, претседателот Иванов ги гледа во Букурешкиот мировен договор, а сметките и денес ги плаќа Македонија. Браво!

Ете и ние си имаме ерга омнес, барем така ни кажа минатата недела претседателот на државата – а тоа е нашето уставно име. Убаво звучи, ама би сакал да потсетам на кратко како се развиваат работите околу сета оваа апсурдност која ја плаќаат Република Македонија и нејзините граѓани.

Кога под притисок на нашиот јужен сосед, ЕУ и САД ни ја „плеснаа“ референцата ФИРОМ, тогашното актуелно државно и политичко водство ни ја продаваше шарената лага дека ова е привремено решение кое ќе трае од 3 до 6 месеци. И во духот на класичниот соцреализам ова „прекрстување“ на државата го прославивме како голема победа на нашата самостојност, независност и уште не знам што.

И тогаш, за разлика од сегашниве новинари „патриоти“ кои тогаш еуфорично го поддржуваа ова решение, јавно реков дека е тоа грешка и дека многу тешко, односно никогаш, барем во меѓународната заедница ќе го вратиме нашето уставно име Република Македонија. Не е ова дека јас сум нешто многу паметен или голем визионер. Овој мој став го градев врз разговорите кои ги имав тогаш со некои од врвните луѓе на словенечкото министерство за надворешни работи, инаку мои професори на Факултетот за политички науки во Љубљана. Добро се сеќавам дека еден од нив ми објаснуваше дека врз основа на извештајот на Бадинтеровата комисија, можеме условот ФИРОМ наметнат од Обединетите нации, поточно Советот за безбедност, да го ставиме пред Меѓународниот суд во Хаг.

Откако овие 3 до 6 месеци се растегнаа во година, две…. ни се понуди нова зашеќерена лага преку небулозата „двојна формула“. Демек, Грците можат да не’ викаат како што сакаат, ама за сите останати држави и меѓународни институции ние си остануваме со нашето уставно име. Убеден сум дека и оние „генијалци“ кои ја смислија оваа шарена лага не’ веруваа дека тоа ќе помине кај нашиот јужен сосед, а во домашна употреба беше барем 5-6 години. Едно време ни се сервираше дека ни недостигаат уште една или две држави да не’ признаат под нашето уставно име и тогаш по некаков „автоматизам“ во ОН ќе го прифатат нашето уставно име? Па потоа течеа преговорите под превезот на Обединетите нации…

Минатата недела во емисијата на познатиот и најгабаритен „новинар патриот“ (оној што ужива да беси слики) претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов многу јасно кажа дека во разговорите околу решавањето на спорот со името за него црвена линија ерга омнес на нашето уставно име. Од еден од учесниците во емисијата, во својот уметнички и интелектуален „занес“ што е, ете, со претседателот (што би рекле кај мене во Дебар Маало, „потпикнување“), дознав дека нашиот претседател е најголемиот интелектуалец од сите досегашни претседатели, но тоа што ме разочара беше кога истиот тој учесник рече дека е среќен бидејќи претседателот е поголем антиглобалист од збирот на сите останати учесници во емисијата. Претседателот Иванов ова не го негираше. Се сеќавам на неговата предизборна програма во која спротивно на оваа „констатација“ Иванов многу позитивно зборуваше за процесите на глобализацијата, а интегрирањето во ЕУ и НАТО како наша единствена стратешка определба и интерес ќе бидат негов приоритет. Со други зборови, сосема спротивно на тоа што беше речено во емисијата. Самиот настап беше полн со патетика, дека сите (од соседите, па до ЕУ) се „уортачиле“ против Македонија, па така и неодамна пропаднатиот самит на врвот во Охрид е резултат на тој „заговор!?“

Корените на ова претседателот Иванов ги гледа во Букурешкиот мировен договор, а сметките и денес ги плаќа Македонија. Браво. Ете по сто години го откривме овој меѓународен заговор против Македонија и македонскиот народ! Ама претседателот Иванов се пофали дека македонското општество и грчкото одлично соработуваат. Тој се среќавал со грчки интелектуалци, а најдобар доказ е фактот дека македонските граѓани летуваат во Грција.

Е, тука нешто не ми штима. На социјалните мрежи се разви остра полемика по написот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, кој негативно го оцени токму патувањето на 25 илјади Македонци минатиот продолжен викенд во Грција. Според неговата груба пресметка, тоа значи околу 2,5 милиони евра за Грција, а толку во минус за Македонија. Ајде сега биди паметен и биди вистински патриот.

Според претседателот Иванов, во разговорите што се водат околу спорот со нашето име под покровителство на Обединетите нации за него црвена линија е Република Македонија ерга омнес. Сите знаеме што се случи неделава во Луксембург и денеска во Брисел околу добивањето датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Република Македонија ја нема на дневен ред. Европаратеникот Ричард Ховит, како известувач за Македонија, во својата изјава од пред два дена вели дека ние имаме и други проблеми и уназадувања, посебно кога станува збор за слободата на медиумите, парламентарната демократија и политичкиот дијалог и изразува загриженост дека можеме да го изгубиме дури статусот на држава кандидат. Претседателот Иванов вели дека тој нема да дозволи, ако веќе некој друг дозволил, да ни го сменат името во меѓународните организации и идентитетот и додека е тој на сегашната функција тоа нема да се случи. Одлично, јас се надевам дека и во иднина никој нема да дозволи да ни се негира или менува нашиот национален идентитет. И што сега? Да ги прекинеме разговорите што се водат под превезот на Обединетите нации, а со тоа и преговорите за членство во ЕУ.

Во последно време се’ повеќе е присутна оваа идеја, формално кај една група интелектуалци новинари или речено со еден збор – патриоти. Евроскептицизмот е легална и легитимна определба на секој поединец група или политичка партија. Дури и во парламентот на ЕУ има мала пратеничка група на евроскептици, што само го покажува демократскиот капацитет на современиот европски парламентаризам. Претседателот Иванов во споменатата емисија иако не беше дециден барем јас го сфатив дека таа опција му е поблиска, секако мотивирана дека сега Грција сака да го смениме и нашиот национален идентитет како услов за влез во ЕУ. Ако тоа е така, тогаш ние како граѓани очекуваме од него да излезе во јавноста и тоа отворено да го каже, а во исто време и во координација со Владата да понуди алтернатива.

За жал, иако во емисијата срамежливо ова му беше поставено како прашање, Иванов одговори дека 90 проценти од јавното мислење е за НАТО и ЕУ и затоа тој ќе продолжи да работи на изнаоѓање компромисно решение. Јасно е дека сите овие изјави и ставови на претседателот Иванов се само за домашната јавност. Дури убеден сум дека амбасадорите кај нас, во нивните редовни извештаи до своите влади, на настапот на Иванов нема да потрошат повеќе од десетина реда. Но, дома работите веќе добиваат многу посериозна димензија. ДУИ како коалициски партнер бара последниот предлог на Нимиц да се стави на маса и до декември да се најде компромисно решение, инаку ќе биде доведена во прашање нашата безбедност и економскиот развој. Вакво сериозно предупредување од ДУИ барем досега немаме слушнато. Ако тука ја додадеме и изјавата на вицепремиерот Бесими дека македонските институции се одговорни зошто на Советот на министри на ЕУ не сме добиле датум, јасно зборува дека внатрешните разлики околу застојот во процесот на нашето евроатланско интегрирање се многу поголеми. Ако е тоа така и ако до декември не се изнајде компромисно решение околу спорот со Грција, тогаш веројатно ќе имаме жешка зима, а нема да ме изненади ако албанските партии побараат и некакво проширување на Охридскиот договор во правец на федерализација на државата. Ама, нели, Букурешкиот договор е виновен за се’ што ни се случува?

ГЛОБАЛИЗАЦИЈА – НЕ, БАРОК – ДА

Банално е кога ќе слушнеш од министер дека „топката е во рацете на Атина“. Тоа го знаеме и го слушаме веќе 20 години. Проблемот е што не можеме да ја земеме „топката од Атина“ и да одиграме барем нерешено

Самитот на Г-8 заврши. Додека сите учесници (лидери) веќе се вратија дома, американскиот претседател од Северна Ирска, каде што се одржа самитот, замина во Берлин во официјална посета на Германија. Последен пат Обама беше во Германија пред пет години, ама тогаш како претседателски кандидат. И еден куриозитет од тоа време. Обама тогаш побара да зборува пред берлинците, ама сакаше собирот да се одржи пред Бранденбуршката порта. Тогашната и сегашна канцеларка госпоѓа Ангела Меркел тогаш го одби Обама, со објаснување дека не може секој кој ќе посака да зборува пред Бранденбуршката порта. Обама одржа говор, на кој се собраа двесте илјади луѓе, во еден берлински парк.
Сега Обама не е кој било и затоа овој пат му се дозволи да се обрати, навистина пред избрани посетители, на плоштадот пред Бранденбуршката порта. Повеќе

СПОНТАНОСТ

И кога актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го покани Заев на кафе, „спонтано“ помислив дека, сепак, е направен навистина мал, но позитивен чекор кон едно нормално политичко и демократско милје во кое политичкиот опонент не е непријател кој треба да се уништи, туку само противник кој на изборите со волјата на народот се победува.

Не знам дали само јас или и вие, почитувани читатели на „Утрински“, имате чувство дека кај нас одамна е етаблирано „спонтано случување на народ“. Граѓанските протести и демонстрации се составен дел од демократијата и општите човекови права и слободи, ама „спонтаното случување на народ“ кај нас е далеку од тие демократски принципи и секогаш зад нив стои многу јасен предзнак. Еднаш етнички, друг пат идеолошко партиски, потоа верски, иако во суштина организаторите на овие „спонтани случувања“ најчесто вешто ги вклопуваат сите овие елементи.
За овие последниве, во Општина Центар, колку се тие вистински верски и спонтани најдобра дефиниција даде владиката господин Пимен, па затоа какво било натамошно анализирање, мудрување и слично од моја страна би бил вистински грев. Повеќе

ИЗВОЗ НА „ПРЕРОДБАТА“

Според известувањата од Белград, српскиот министер за здравство бил одушевен од реформите на нашиот министер, но, сепак, ние ќе испраќаме лекари на обуки во српските здравствени установи. Кој е луд, а кој збунет

Навистина самитот на шефовите на држави во рамките на ПСЈИЕ пропадна, ама со „посветеноста“ и „упорноста“ на Владата покажавме дека не само што декларативно сме за регионална соработка туку Владата активно работи на нејзино продлабочување и, секако, „надградување“. Резултат, првата заедничка седница на владите на Македонија и на Србија во Белград. Најавено е дека вакви состаноци нашата Влада планира да оствари и со другите држави во регионот. Ваков тип средби или ако сакате алатка во билатералните или регионалните односи не се нешто ново, а уште помалку дел од „Преродбата во 100 чекори“. Но, тоа не ниту битно. Важен е фактот дека ова е добра можност за продлабочување на билатералните односи и нивен развој со конкретни содржини и на сите полиња. Повеќе

pendarov2000@yahoo.com