ПАНТА РЕИ – АМА СЕ’ Е ИСТО

Во овој мандатен период опозицијата ја смени тактиката на своето дејствување. Сега оди на поднесување закони

Не знам дали сте забележале, ама нашава опозиција (читај СДСМ) како да ја менува тактиката на своето дејствување. Еве мала ретроспектива. Во мандатниот период 2006-2008 најголем „адут“ на опозицијата и’ беше блокадата на законодавниот процес, а ако тоа не одеше тогаш се бојкотираше парламентот. Во мандатниот период 2008-2011 бојкотирањето на парламентот продолжи (пред се’ ДПА). Со усвојувањето на новиот Деловник законодавниот процес беше деблокиран, улогата на опозицијата во парламентарниот систем доби на квалитет, но таа во тој период повеќе беше концентрирана на организирање демонстрации пред Собранието отколку на вистинско институционално дејствување. Повеќе

СО „БАЈ ПАС“ ВО ЕВРОПА

Бидејќи нашиот јужен сосед се противи и на почнувањето на таканаречениот скрининг, бриселската бирократија сега ни нуди дијалог на високо ниво

Откако сите во Брисел сфатија дека Грција нема да попушти кога станува збор за да добиеме датум за преговори со ЕУ иако Европската комисија веќе три пати ни даде препорака, плус најновата резолуција на Европскиот парламент, а исто така нашиот јужен сосед се противи и на отпочнувањето на таканаречениот „скрининг“, бриселската бирократија сега ни нуди таканаречен „дијалог на високо ниво“.

Со ова Брисел го бајпасира скринингот (колумната е напишана вчера кога пристигна еврокомесарот Филе задолжен за проширувањето на ЕУ). Во суштина Брисел со ова сака да покаже дека проширувањето како принцип продолжува и сега воведува нова метода која ќе ја испроба кај нас, за да може потоа да ја употреби и во другите држави кои останаа во „Западен Балкан“, ако работата „запне“ како што е во нашиот пример. Брисел веќе ги одреди и темите за „дијалог на високо ниво“ и тоа судството, државната администрација, слободата на медиумите, и изборниот просец односно законот за избори и избирачкиот список. Неспорно дека за некои од овие теми нам ни е потребно дури и нешто повеќе од дијалог на високо ниво, но тоа што барем мене ми боде очи е изборниот закон.

А богами и кај нас не седат со скрстени раце. Минатата недела во повеќе медиуми излегоа платени огласи во кои речиси експлицитно се зборува за промена на изборниот закон плус ново „чешлање на избирачкиот список“. Огласите беа потпишани од неколку наши „врвни експерти“ за изборното законодавство. И за на сето ова да му се даде соодветна тежина, во огласот е наведено дека за ова стојат ОБСЕ, ЕУ, американската амбасада, британската амбасада, потоа Независниот демократски институт (НДИ) значи меѓународниот фактор и секако невладините организации односно „Мост“.

Навистина се прашувам дали како држава не можеме да го уредиме избирачкиот список односно дали треба ОБСЕ и други да не опоменуваат дека нашиот список е малку подолг од фактичката состојба. Само еден пример. Словенија која според бројот на население е нешто помала од нас има еден милион и седумстотини дваесет илјади избирачи, ние имаме барем на последните избори еден милион осумстотини дваесет и една илјада избирачи. На сите ни е јасно дека за реален избирачки список со денешната компјутеризација не ви треба ништо друго освен политичка волја која за жал ја немаме цели 20 години. И бидејќи странциве решиле да ни помогнат да заличиме на држава наместо да организираат некакви јавни трибини ворк-шопови и слични глупости нека ги соберат политичките лидери и претставници на соодветните институции на еден затворен ворк-шоп и со методот на морков и палка нека ги убедат на пример во рок 3-4 месеца да имаме вистински и реален избирачки список. Што се однесува до можните промени во изборниот закон „експертите“ и невладиниот сектор („Мост“) сега предлагаат да се воведат таканаречени отворени листи (досега сме промениле три изборни модели).

Имено, има три типа на отворени листи. По се’ изгледа нашиве ја предлагаат таканаречената полуотворена листа. Тоа значи вие гласате за вашата партија но го заокружувате кандидатот на пример под број петнаесет бидејќи тој ви е случајно сосед или роднина или едноставно го познавате. Практиката покажува дека на овој начин многу малку се менува партиската листа (барем за првите пет-шест луѓе) која е скроена во партиските штабови. Вториот тип на отворени листи е кога на избирачкото ливче вие како гласач за секој од предложените дваесет кандидати ставате реден број. На пример вие мислите дека кандидатот под број петнаесет треба да биде број еден, а кандидатот кој е прв на листата го ставате на седмо место и така натаму. И третиот тип на отворени листи е кога вие како гласач во својата изборна единица избирате дваесет имиња од понудените кандидати на сите партии. Во практика тоа значи дека на пример од партијата „А“ заокружувате дванаесет имиња, мислите дека од партијата „Б“ заслужуваат четворица кандидати да влезат во парламентот а на листите на партиите „Ц“ и „Д“ сте нашле по две имиња на кои им давате доверба.

Е сега можете ли да си замислите што би се случило кај нас да се воведат овие отворени листи а посебно вториот или третиот тип. Со еден збор катастрофални избори со огромен број на неважечки ливчиња со пребројување кое ќе трае со месеци..и така натаму. Ако веќе експертиве нудат измени тогаш зошто не ја искористат европската практика. Имено во најголем дел од европските држави кои имаат пропорционален изборен систем има таканаречен изборен праг кој се движи од 3 до 5 проценти ( патем за ова не треба државата да биде една изборна единица) со кој се обезбедува на помалите партии да влезат во парламентот.

Понатаму, во Европа не познаваат предизборни коалиции од типот на нашиве. Дури во некои држави ако има предизборни коалициски листи за нив изборниот праг се зголемува пропорционално на бројот на партиите вклучени во вакви коалиции, а може да достигне и до 20 проценти. Добар пример за ова е Словенија која токму преку изборниот праг обезбедува во парламентот да влезат повеќе партии кои и кога влегуваат во владејачката коалиција сепак го задржуваат својот политички идентитет и имаат своја тежина. Кај нас формално во парламентот (во македонскиот блок) имаме околу дваесет партии ама освен двете најголеми кои имаат свои политички па ако сакате и програмски идентитет, се’ друго помалку или повеќе се само гласачка машина „за“ односно „против“. Секако исклучок од ова е онаа веќе антологиска политичка изјава „им дадов гол со пета“. Како и да е „дијалог на високо ниво“ добивме први, како што и први потпишавме Пакт за стабилност и асоцијација…. И тогаш ако се сеќавате нашите „експерти“ не’ удавија со своето експертско знаење, секако обоено со партиски предзнак, а богами невладиниот сектор и во квантитет и во пари процвета. А резултатите, секој нека си оцени самиот за себе.

ЈАС НЕ СУМ ПАПАГАЛ – ЗБОРУВАМ СЛОБОДНО

Кампања до кампања, и странците се вклучија во нив, па стануваме кампањска држава

Токму така, поттикнат од кампањата на амбасадата на Соединетите Американски држави, плус владината кампања „Осмели се“ (малку надградена за моја употреба) еве „храбро“ ја пишувам оваа колумна. Сите знаеме дека кај нас кампањите (владини најмногу) станаа наше секојдневие па ако сакате и еден од лостовите на владеењето. Ама се плашам кога една странска амбасада прави кампања, демек, со цел да ја подигне свеста на граѓаните за „владеење на правото“ се’ повеќе заличуваме на „кампањска држава“, а кога нешто се прави кампањски знаеме добро каков е крајот. Како што објави „Утрински“ во американската амбасада истакнуваат дека кампањата има за цел да ја подигне јавната свест на граѓаните за општите начела од владеењето на правото. Повеќе

БЛАГОДАРАМ, AМБАСАДОРE ВОЛЕРС

Разочарувачки – тоа е најблаго што може за изјавите на претседателот Иванов

И така, по речиси деветнаесет години (од 1993 кога станавме членка на ОН) требаше да излезе актуелниот амбасадор на САД во Македонија и да ни каже дека ако сакаме да бидеме членка на НАТО (а по аналогија, тоа важи и за ЕУ) мораме да го решиме спорот со Грција околу нашето „уставно име“. Со други зборови, Резолуцијата на ОН, Привремената спогодба и најновата пресудата на Хашкиот трибунал можеме веднаш да ги заборавиме.

Амбасадорот Волерс како искусен дипломат притоа искажа цел куп пофалби за значењето на Меѓународниот суд во Хаг како многу респектабилна институција која е дел од Обединетите нации. Ама, потоа, истиот Волерс во стил на позната американска дипломатска доктрина на „стап и морков“ истакна дека нам не’ ни треба самит на НАТО за да станеме членка, туку треба со Грција да најдеме заедничко решение, а потоа и без самит стануваме членка. Се надевам дека по ова на сите ни е јасно дека и под референцата ФИРОМ не можеме да станеме членка на НАТО (а по аналогија нема да добиеме ниту датум за започнување на преговорите со ЕУ),

За жал, ваквата изјава на Волерс, потоа потврдена и од генералниот секретар на НАТО, како и од портпаролот на француското министерство за надворешни работи и некогашен амбасадор кај нас, Бернар Валеро (кој рече дека за Македонија нема план „Б“), само потврдува дека грчката дипломатија уште еднаш успеа да ги оствари своите (непринципиелни) интереси. Во суштина сега веќе не можеме да речеме дека Грција ни става вето, туку НАТО како алијанса ни стави вето кое ќе трае се’ додека не го решиме спорот со името. Волерс појасни дека пресуда на меѓународниот суд не може на НАТО да му налага како да се однесува. И токму тоа е она што се вика „реална политика“ која Американците уште од времето на Вудворд Вилсон ја спроведуваат како политика на „стап и морков“.

Тоа што НАТО како асоцијација е формиран врз основа на Повелбата на ОН поточно глава 7, или тоа што НАТО за своите „мировни акции“ низ светот бара да добие зелено светло од Обединетите нации не е битно во нашиот пример.

САД поаѓајќи од својата реална моќ често пати покажувале најблаго речено игнорантно однесување до ОН, нејзините одлуки, документи и резолуции. Само да потсетам, Вашингтон не дозволува нивни граѓани или странци кои работат за нив да бидат кривично процесирани пред Меѓународниот кривичен суд ако тие некаде во светот во текот на својот ангажман го кршеле меѓународното хумано или воено право. А судот е дел од системот на ОН. За тоа да го оствари Вашингтон токму преку својата политика на „стап и морков“ потпиша цел куп билатерални договори со многу држави со кои обезбеди овие лица ако бидат фатени на територијата на нивните држави наместо да бидат предадени на Меѓународниот суд во Хаг ќе бидат предадени и процесирани во САД. Таков договор САД има потпишано и со Македонија. Тоа значи дека ако утре на наша територија се открие американски државјанин кој се бара од страна на Судот во Хаг ние нема да го предадеме на Меѓународниот суд туку на американската амбасада во Скопје.

Да биде трагикомедијата уште поголема ако такво лице се фати во Грција или во која било друга држава членка на ЕУ, тогаш тоа ќе заврши во Хаг. Ова нам ни го забележа и Европската комисија па така, ако еден убав ден, ги започнеме преговорите со Брисел ќе мораме со посебен закон овој договор со Вашингтон да го поништиме. Не би сакал ова сега да се сфати дека јас го злоупотребувам просторот на нашиот „Утрински“ или пак вашето време почитувани читатели и го истурам својот гнев против САД и меѓународната заедница, која грубо ги крши меѓународните норми. Напротив, лично ми се допадна изјавата на амбасадорот Волерс бидејќи за прв пат без дипломатски речник беше јасно кажано каде сме во сета оваа папазанија која ја започнавме со прифаќањето на привремената референца ФИРОМ, со што дефинитивно го изгубивме нашето уставно име. Тоа го мислев и пишував и пред 18 години и сега.

И што понатаму? Ако судиме по првата изјава која ја даде претседателот на државата изгледа дека ние и понатаму остануваме да се повикуваме на Пресудата од Хаг и на Привремената спогодба. Ова веќе не пали и за домашна употреба. Тоа што ме изненади беше фактот дека претседателот Иванов со ниту малку дипломатска вештина изјави дека НАТО мора да ја почитува одлуката на Судот и го обвини Вашингтон дека тој е гарант на Привремената спогодба и тој мора да ја реализира. Дури јавно се праша дали САД ја менуваат својата политика кон Македонија. Демек Грција на последниот самит на НАТО ги излажала државите членки а тоа ете го потврди и Судот во Хаг, па затоа сега на претстојниот самит во Чикаго НАТО, под палката на Вашингтон, треба да си ја поправи оваа грешка.

Разочарувачки – тоа е најблаго што може да се рече за ваквите изјави.

Од друга страна комични се оние патриотско настроени новинари кои се обидуваат да направат глупава паралела со постигнатиот договор помеѓу Белград и Приштина, па предлагаат со некаква „фуснота“ Скопје и Атина да го решат спорот и ние да станеме членка на НАТО на престојниот самит. Македонија со своето уставно име е во „фуснота“ во сите документи на НАТО, бидејќи така бара Турција, која беше и остана наш вистински принципиелен пријател.

Други не’ плашат со радикализмот на албанската опозиција (ДПА) и тоа го поврзуваа со најновата иницијатива во парламентот на Косово за здружување со Албанија. А притоа како да забораваат дека уште мадам Олбрајт јавно се праша „зошто би се плашеле од голема Албанија“. А во меѓувреме ете и Србија доби кандидатски статус. По се’ изгледа и идниот претседавач со Генералното собрание на ОН ќе биде од Србија, а исто така Србија наскоро треба да го превеземе и претседавањето со ОБСЕ. Арно ама нашиве северни соседи не прават од ова циркуси и фала богу ја напуштија теоријата дека тие се небески народ и затоа никој не ги сака. Ние остануваме папокот на светот.

pendarov2000@yahoo.com