ПРСТ НА ЧЕЛО

И нормално, имајќи предвид какви сеирџии сме ние, сега прашање за „еден милион долари“ е кои се тие наши граѓани (тајкуни) кои имаат толку пари во Швајцарската подружница на ХСБЦ.

Јавното обвинителство, поточно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, отвори предмет по таканаречен допрен глас. Односно, по написите во многу медиуми дека Швајцарија, пред се’, под притисок на Германија, но и САД, објавила список на луѓе кои имаат сметки во нивните банки и нашиве обвинители се разбудиле. Станува збор за девет државјани на Македонија, кои на петнаесет сметки имале околу 164 милиони долари, а само еден од нив имал 54 милиони долари.
И нормално, имајќи предвид какви сеирџии сме ние, сега прашање за „еден милион долари“ е кои се тие наши граѓани (тајкуни) кои имаат толку пари во Швајцарската подружница на ХСБЦ. Ама никој не сака да се праша зошто Јавното обвинителство пред речиси две години не отвори предмет по таканаречен допрен глас, иако тогаш Утрински прв пишуваше за истрагата на Меѓународниот конзорциум на новинари – истражувачи кои пишуваа за Девствените Острови, како една од најпопуларните дестинации за таканаречениот „бег на капиталот“. Тогаш ако добро се сеќавам врз основа на истражувањето на овој Меѓународен конзорциум на новинари-истражувачи се објави информација дека од Македонија годишно се одлеваат околу 470 милиони долари. Патем, покрај „Утрински весник“ за ова пишуваше и веќе згаснатиот неделник „Граѓански“. Нашето Јавно обвинителство, кое веќе трета деценија е познато по својата „независност“ и „стручност“, тогаш ниту „под разно“ не се заинтересира за овој „допрен глас“.

Дека нешто, сепак, во таа негова независност и стручност не штима е фактот дека, на пример Србија сега ги објави имињата на свои граѓани кои имаат сметки во Швајцарските банки. Но тука, за жал, се покажа дека и македонското новинарство и медиумите се далеку од категоријата истражувачко новинарство. Имено, веќе споменатиот Меѓународен конзорциум на новинари – истражувачи е непрофитна организација која е отворена за секој медиум кој може да испрати свој новинар што ќе може да ги прегледа и користи сите сознанија и материјали со кои се располага, но и да учествува во истражувањата. А што се однесува до Јавното обвинителство, кога станува збор за предмети по таканаречен „допрен глас“, само да ја споменам аферата со македонски Телеком за која се водеше процес пред судот во Њујорк, а се зборуваше и за корупција и подмитување на државни функционери! Тогаш обвинителството остана „глуво“.

Зошто да се мачат овие од обвинителството, а и новинарите и медиумите и да трошат пари по странство за хотели и авиобилети кога дома веќе со месеци лидерот на опозицијата Заев пука бомби кои по својата содржина во секоја нормална држава би биле и повеќе од „допрен глас“ за Јавното обвинителство. Засега изгледа „пиштолите“ на Верушевски и „митото“ на Заев имаат приоритет. Понатаму, зошто да се зафркаваме со истражувачко новинарство кога дома на „тацна“ секој ден се добиваат најразлични докази. Од таканаречените пим-мерки, случајно објавени преку „Јутјуб“, па до аудиозаписи и транскрипции во стилот „Ало началниче“. Зарем за нашиот сеирџиски менталитет не е поважно да предвидуваме и шпекулираме дали Европската комисија ќе испрати посебен претставник и кој ќе биде тој, и како ќе ги „олеснува“ преговорите помеѓу власта и опозицијата. А овие еднаш преговараат во Скопје, па во Брисел, па во Стразбур, па повторно во Скопје. Па, еднаш олеснувачи се амбасадорите на САД и на ЕУ, потоа тројкта од ЕУ парламентот во состав Вајгл, Кукан и Ховит, потпомогнати со комесарот Хан, па потоа дома Груевски и Заев ги „брифираат“ Ахмети и Тачи, но и амбасадорите Ораф и Бејли за што се разговарало десет часа во Стразбур. Е, ајде сега речете дека сето ова да се следи медиумски, не е покомплицирано од истражувањата кој има сметки во Швајцарија или на Девствените Острови или пак фирма во Белизе преку која сака да купи плацеви на Водно… Да биде работата поинтересна и со поголема фолклорна драматургија се потрудија домашните „бизнисмени“. Посебно драматичен беше веќе бившиот претседателот на Стопанската комора на севернозападна Македонија кој изјави дека ако брзо не се реши сегашната политичка криза македонското стопанство ќе банкротира. Ашколсун господине Кучи. Ако е тоа така како што изјавивте, богами се прашувам која е разликата во условите за стопанисување пред да почне Заев да ги пука бомбите и сега. Да ги оставиме настрана трагичните случувања во Куманово.

Ако мислите на странски инвестиции, еве податоци од Народната банка. Минатата година во земјава влегле странски инвестиции од 262 милиони евра, што е за 10 милиони евра повеќе од 2013 година, кога се инвестирани 252 милиони евра. Ако се споредат ланските странски инвестиции од 262 милиони евра, со странските инвестиции во земјите во регионот, сликата за Македонија е катастрофална. Во истиот период, според податоците на Светска банка, во Црна Гора се инвестирани 450 милиони долари, во Косово 343 милиони долари, а во Албанија повеќе од 1,2 милијарди долари, додека во Србија влегле речиси 2 милијарди долари, а во Босна и Херцеговина 315 милиони долари. Овој негативен тренд продолжува. Годинава на пример во февруари влегле само 12,6 милиони долари. Тогаш уште ги немавме бомбите на Заев и настаните во Куманово. Од друга страна, иако знам дека такви паралели не се баш најрелевантни, сепак Белгија две години немаше влада, односно имаше вистинска политичка криза, ама не се сеќавам дека некој стопанственик или некоја стопанска асоцијација обвини дека бизнисот не им оди поради политичката криза.

Понатаму, слушаме дека имаме откажувања на туристички ангажмани. Добро, ама како ниту еден медиум не истражи колку аранжмани досега биле склучени, од кои држави се очекувале најмногу туристи, и на крајот да слушнеме податок колку заради актуелната состојба кај нас се откажани. Како и да е, политичката криза секако е сериозна и што побргу се реши, тоа ќе биде подобро за сите нас и како граѓани, односно за сите општествени и економски субјекти. Ама со некои драматични предупредувања, демек бизнисот е пред банкрот ако вие (политичарите) не ги средите политичките состојби според моето (елементарно) познавање на економијата само ја отсликува реалната состојба на целосната зависност на бизнисот од државата, односно од државните тендери. Тогаш не треба да сме изненадени од искреноста на министерот за финансии Зоран Ставрески кој во „креираните“, „сечените“ и „лепени“ разговори вели „ние немаме пари за леб, а купуваме чоколада“.

Како и да е, оваа драмолетка продолжува. Заев вчера испука нова бомба, ама за жал доцна да ја споменам содржината во колумнава. Камперите и оние од пред Влада и оние во паркот Жена-борец, остануваат и понатаму на своите позиции и определби. Првите да ја срушат Владата и да ја донесат демократијата, другите да ја заштитат демократијата, а со тоа и легално избраната Влада на чело со премиерот Груевски. А ние останатите ќе гледаме сеир и ниту малку нема да се замислиме зошто ни се случуваат вакви работи. Никој од нас нема да стави прст на чело и да се праша ако веќе се случуваат вакви нешта зошто не можеме сами да ги решиме. Напротив „експертите“ дури со извесна „мазохистичка“ сигурност и гласност предупредуваат дека мора да дојдат странци и да ни ги решат работите. Во спротивно, речено народски „се тури Дебар“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com