19 МИСЛЕЊА ГРЕМО НАПРЕЈ ФАНТЈЕ

Додека кај нас коалициските преговори се вртат околу министерските места, во Словенија главната битка се води околу партиските програми

Големо изненадување – вака сите политички аналитичари, ПР-експерти и други познати фаци на словенечката политичка сцена ги оценуваат минатонеделните предвремени парламентарни избори во Словенија на кој победи градоначалникoт на Љубљана, Зоран Јанковиќ, и неговата партија Позитивна Словенија. Во суштина, најголем победник е телевизијата, изјави познатиот словенечки комуниколог Верчич (кој добро заработи за своите услуги и кај нас). И оваа констатација донекаде држи вода.

Предизборната кампања во Словенија не е онаква како што е кај нас. Нема големи митинзи и колони од автобуси што ги пренесуваат симпатизерите од една на друга локација, туку, пред се’, телевизиски дебати и соочувања на партиите, нивните лидери и нивните програми. Последните две ТВ-дебати Јанша ги одбегна и не се појави. Се претпоставува дека го направи тоа поради аферата со неговите станови во Љубљана, плус земјоделски имот, плус градежна парцела во еден од најатрактивните национални паркови во Словенија, а јавноста досега не знаеше за ова.

Според неофицијалните резултати, во идниот словенечки парламент Јанковиќ и неговата партија ќе имаат 28 пратенички места. Јанез Јанша и неговата партија ќе имаат 26 места. Во суштина, Јанша веќе по втор пат за влакно ги губи изборите. Едно е сигурно, словенечките граѓани гласаа за промени или подобро речено гласаа за влада која во својот мандат ќе обезбеди надминување на сегашните проблеми, а тоа е, пред се’, невработеноста која изнесува над 11 проценти.

Јанковиќ, кој за себе вели дека не е политичар, туку, пред се’, стопанственик, во програмата, а и во кампањата ветуваше две клучни работи. Економски развој – предвидува за четири години да обезбеди стапка на пораст на БДП од 4 проценти што нема да биде лесно ако се има предвид дека Словенија само 18 проценти од БДП го остварува дома додека 82 процента на странските пазари, пред се’, во ЕУ. Во исто време, Јанковиќ се зазема и за јакнење на социјалната димензија на државата. Тој планира даночна реформа, која поаѓа од принципот оние што имаат повеќе да плаќаат поголеми даноци. Понатаму, намалување на трошењето на државата и рационализација на бројот на министерства од сегашните 16 на само 11, додека намалувањето на администрацијата со темпо од 2 процента годишно, исто така, е дел од неговата програма.

Јанез Јанша во својата прва изјава, честитајќи му ја победата на Јанковиќ, изјави дека распределбата на гласовите и новиот состав на парламентот не даваат гаранција за стабилна влада што ќе издржи четири години, затоа, според него, „за жал, повторно ќе имаат предвремени избори“.

Тука е и првиот многу тврд орев кој Јанковиќ треба да го скрши и да направи стабилно парламентарно мнозинство и стабилна влада. Јанковиќ веќе имаше средба со лидерот на социјалдемократите, Борут Пахор, кој со десетмина пратеници е трета политичка партија во новиот парламент. По средбата, Пахор изјави дека тие како партија се’ уште не одлучиле дали ќе одат во владата на Јанковиќ, ама ќе го поддржат и како мандатар, а и сите негови реформи што ќе водат во надминување на кризата и развој на државата. Треба да се очекува дека социјалдемократите на Пахор ќе бидат дел од владината коалиција. Старите и се’ уште значајни авторитети од левицата на чело со Милан Кучан, секако, ќе поттурнат во таа насока.

За Јанковиќ ќе биде многу значајно во неговата влада да влезе Грегор Вирант, кој на изборите настапи како Граѓанска листа и освои осум пратенички места. Вирант, кој важи за еден од најголемите експерти за државната управа и кој во почетокот на кампањата се заземаше за класичен неолиберализам, продавање на сето она што е во сопственост на државата, при крајот ретерираше и се зазема и понатаму државата да остане сопственик во инфраструктурата, но и како акционер во големите словенечки фирми, како што е, на пример, „Крка“. За Вирант е многу битно да влезе во владината коалиција за да може да оствари барем дел од својата изборна програма. Во спротивно, како опозиција може да му се случи на идните избори да го снема.

Јанковиќ не крие дека, исто така, во владата сака да ја има и Словенечката народна партија, која има шест пратенички места, но и ДЕСУС, партија на пензионерите (исто така, има шестмина пратеници). Нејзиниот лидер досега се покажа како човек кој лесно ги менува страните.

Во Словенија во овие дваесет години на самостојност секогаш имало коалициски влади, без разлика кој е победник. Но, факт е дека секогаш имало тешки преговори околу составувањето на коалицијата. Додека кај нас фактички коалициските преговори се вртат околу министерските места, па потоа места за вториот ешалон, па за третиот и така натаму до последниот лепач на плакати, во Словенија главна битка се води околу партиските програми кои треба некако да се инкорпорираат во програмата на владата, а оттука се распределуваат и министерските места. Токму затоа нема да му биде лесно на Јанковиќ да состави влада која ќе има солидно парламентарно мнозинство.

Втора работа, која, исто така, е различна од кај нас, е фактот дека во Словенија според Уставот претседателот на државата предлага до парламентот кандидат за мандатар и речиси по правило тоа е победникот од изборите. За да станете мандатар, прво мора да поминете на гласање во парламентот, односно да добиете минимум 46 гласа. Ако помине тоа, тогаш сте мандатар, кој во одреден рок на парламентот му предлага состав на министри. Кандидатите за министрите прво одат на таканареченото сослушување пред надлежните парламентарни матичните тела, па ако таму се добие „пас“, тогаш на пленарна седница се гласа за целата листа.

Според уставот, Словенија има чист парламентарен систем. Некаде до божикните празници (декември) новиот парламент се очекува да биде конституиран, а некаде во втората половина на јануари и новата влада.

Новата влада на Словенија ја чека тешка работа и болни реформи. Ако е нешто позитивно, тоа е фактот дека јавноста, стопанските субјекти, а и сите политички субјекти се свесни дека во минатото Словенците и државата трошеле повеќе отколку што биле реалните можности. Понатаму, словенечкиот граѓанин е подготвен да прифати затегнување на ременот ако знае колку тоа ќе трае и кој е идниот бенефит и за него како граѓанин, но и за општеството во целост. Другите социјални партнери (синдикатот, стопанската комора), исто така, навестуваат дека ќе прифатат сериозни и болни реформи.

Затоа за очекување е дека релативниот победник на изборите во Словенија, Зоран Јанковиќ, ќе успее да состави стабилна влада без разлика на големата раздробеност на политичките сили во парламентот. Но, ако таа идна Влада за година или максимум две не покаже конкретни резултати, кои фигуративно речено ќе се почувствува на ременот на секој граѓанин, но и на општеството во целост, тогаш Јанша рече дека е голема веројатност да има повторно предвремени избори.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com