ЌОР-СОКАК

За жал, како и досега, власта и опозицијата повторно го читаат извештајот на ЕУ за напредокот на земјата како што ним им одговара

Ете и толку очекуваниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија дојде и ние по шести пат добивме препорака за почнување на преговорите. Убеден сум дека во декември од страна на Министерскиот совет на ЕУ, повторно поради грчкото вето, од датум нема да има ниту „Д“. Односно, како што во средата пред одборот за надворешна политика на Европскиот парламент рече комесарот во заминување Филе, Македонија поради проблемот со името кој се влече две децении е доведена во ќор-сокак.
Но, во тој ќор-сокак барем едната страна се нашите внатрешни состојби. Во рамките на тие внатрешни состојби, од кои некои се влечат речиси две децении (слободата на изразувањето и положбата на медиумите, независноста на судството, меѓуетничките односи, владеењето на правото, ниската политичка култура и така натаму), сега најактуелен е бојкотот на Собранието од страна на опозицијата, односно немање ниту елементарен политички дијалог.
Ќе се вратам повторно на Филе и неговиот последен настап пред европратениците. Оценувајќи го бојкотот како легален, но радикален потег и алатка во политичкото дејствување, еврокомесарот истакна дека сега во регионот Западен Балкан тој станува скоро секојдневје што негативно влијае како на состојбите во државите каде што го има, така и пошироко. Нејсе, да си останеме во нашиот двор и со „нашиот“ бојкот. Во извештајот е јасно запишано дека и Владата и опозицијата мора да преземат конкретни мерки и чекори за да се врати политичкиот дијалог кој треба да се води во институциите, односно Собранието. Појасно здравје.

Од завршувањето на летните одмори (барем за пратениците) па се’ до средата кога официјално е обелоденет извештајот, како јавност бевме постојано бомбардирани со дијаметрално спротивставени информации и предвидувања околу извештајот. Владата преку своите блиски медиуми и „експерти“ (машала, ги има бајаги многу) постојано не’ предупредуваше дека дури може да се случи да ја изгубиме препораката, ама за тоа ќе биде виновна само опозицијата. Нормално, за Владата слободата на изразувањето и независноста на медиумите, владеење на правото и јасно разграничување помеѓу партија и држава, независно судство, се веќе средени прашања и ако има некои „мали проблеми“, тие се решаваат во од!!??

Опозицијата, (која веќе само по некаква политичка инерција се нарекува опозиција) исто така до средата преку своите малубројни, но доволно грлати медиуми, не’ убедуваше дека ако воопшто добиеме препорака (нормално виновна е Владата), таа препорака ќе биде условена со воспоставување дијалог и прифаќање на петте барања на опозицијата!! Со тоа и да се оправда нивниот бојкот на Собранието.

За жал, како и досега, власта и опозицијата повторно си го читаат извештајот како што ним им одговара. За госпоѓа Шекеринска извештајот, односно препораката е „условена“, што реално гледано таа условеност ја нема. За ВМРО-ДПМНЕ Македонија е на вистински европски пат и ЕК затоа предлага отпочнување на преговорите. За владејачката партија има и теми за кои „Европската комисија очекува поголем ангажман од страна на домашните институции, но и на сите политички субјекти“!? Е, па, сега навистина не знам кои политички субјекти и како (читај опозиција) е можно да бидат одговорни за слободата на изразувањето независноста на медиумите, владеење на правото, поврзаноста на партијата со државата, а со тоа ставање на партиските интереси пред државните и така натаму. За сето ова одговорноста, барем во Европа, била и е само кај власта, од проста причина, Владата има механизми за „злоупотреба“.

Но, затоа опозицијата единствено преку институционалното дејствување може и мора да биде активен критичар (не критизер), па ако сакате и коректор на „самоволието“ на власта. За жал, актуелната опозиција се определи за бојкот, радикален политички потег кој кај нас за прв пат го имавме на вторите парламентарни избори, а ефектите беа катастрофални, пред се’ за државата.

Барем за мене, врв на таа тотално неефикасна политика на опозицијата е изјавата на лидерот на СДСМ дека тој и партијата имаат документи и докази кои ако ги објават, премиерот Груевски во рок од три дена засрамен ќе ја напушти премиерската функција, ама тоа не го објавуваат бидејќи и ние граѓаните ќе бидеме засрамени и со наведнати глави. Е, па, господине Заев, верувајте на нас граѓаните одамна ни е „пукнато пердето“. Зар не беше срамотно да станеме ФИРОМ и така две децении. Зар не беше срамотно да менуваме Устав и да се откажуваме од македонското малцинство кај соседите. Зар антиквизацијата и проектот „Скопје 2014“ како дел од процесот за менувањето на нашиот (мојот) словенски идентитет не е срамота.

Затоа, господин Заев не треба да се плаши дека и ние граѓаните ќе бидеме засрамени, бидејќи, како што реков, одамна ни е пукнато пердето. Напротив, мислам дека како партиски и лидер на опозицијата има обврска до нас граѓаните вакви документи кој би довеле до оставка на премиерот, а со тоа и на Владата, да ги објави, односно да добиеме влада од која нема да се срамиме!! Сепак, сама по себе се наметнува дилемата дали во својата немоќ и безидејност опозицијата се обидува повторно да манипулира со некакви „тајни документи“?!

За крај ќе се вратам на еврокомесарот Филе и неговиот настап пред Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент. Зборувајќи за идните односи на ЕУ со регионот Западен Балкан, Филе на својот наследник, на ЕК и секако на парламентот, а посебно на пратениците известители, им препорача поголема и почеста присутност во државите од регионот, но во исто време да почнат да посветуваат и да бараат нови политички субјекти кои ќе можат многу поефикасно да ја спроведуваат европската агенда. Со други зборови, Филе стави до знаење дека актуелните политички елити покажуваат истрошеност.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com