ЈАС (ЈУГО)НОСТАЛГИЧАР

Не треба да му се лутиме на Самарас, на Бугарите или на Србите, треба да се лутиме на самите себеси, бидејќи не научивме што е тоа државотворност

Одговор на текстот на Љупчо Георгиевски од 4.7.2014 „Зошто заедничка прослава“?

Ставовите на господин Љупчо Георгиевски со кои се обидува „научно“ и „политички“ да докаже дека јас грешам, односно дека ние треба Илинденското востание да го славиме заедно со Бугарите не ме изненадија бидејќи не се нови. Господинот Георгиевски по ова прашање секогаш бил „коегзистентен“. Георгиевски вели дека главните организатори на Илинденското востание, Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, биле учители на Бугарската егзархија и од таму добивале плата. Точно, сите еден дел од својот живот биле учители, ама Егзархијата не е држава туку црковна институција. Делчев бил унијат, како што биле 100 илјади Македонци во југозападна Македонија, па затоа не верувам дека нешто многу му значел бугарскиот егзарх.

Од каде е оваа бројка од сто илјади? Од Ватикан, каде што точно ги имаат податоците за верската структура, значи не се „југословенски фалсификат“. Георгиевски тврди дека историјата на македонскиот народ во рамките на некогашна СФРЈ е полна со фалсификати. Чудно, ниту еден Туѓман, ниту кој било друг сериозен политичар во новонастанатите држави по распадот на СФРЈ не рече дека во рамките на таа комунистичка држава нивните национални истории биле фалсификат. Се прашувам кој бил тој политички интерес на некогашните ју-структури да ја фалсификуваат само историјата на македонскиот народ? И како што напишав во колумната дека сега ќе треба и бугарската окупација од 1941 година да ја славиме како ослободување, Георгиевски тоа го потврдува кога вели дека во 1941 година бугарската фашистичка војска била дочекана во Македонија како ослободителна, а доказ за ова биле сликите, секако, од бугарските архиви.

Една паралела. Адолф Хитлер го посетил Марибор. Сум гледал документарни филмски материјали од неговото доаѓање во Марибор, каде што навистина е дочекан со цвеќе и со многу луѓе на улиците. Арно ама, никој досега ниту на Словенците во целост, ниту на мариборчаните не им рекол дека Хитлер го дочекале како ослободител од српската доминација. Сила бога не моли, вели народот. Наследниците на тие „ослободители“ не најдоа за потребно барем да отидат да клекнат на колена и симболично да се извинат пред спомен-обележјето на стреланите ваташки младинци.

Околу јазикот кои го користеле илинденците во официјалните документи. Јас не сум лингвист, тука Георгиевски е во предност, ама едно сум сигурен – Крушевскиот манифест (оригиналната верзија) не е напишана на литературен бугарски јазик. И кога сме кај јазикот малку сега јас да го „поучам“ експремиерот. Дефиниција „официјален јазик“ во меѓународната практика, кога станува збор за билатерални договори, нема, не постои. По правило се пишува дека билатералниот договор е составен во три идентични верзии и тоа на пример на бугарски јазик, македонски јазик и некогаш тоа се правеше на француски, но сега претежно на англиски јазик, со тоа што секогаш ако дојде до спор или арбитража, не се користат примероците на националните јазици туку на светскиот јазик кои бил употребен. Бидејќи во СФРЈ немаше еден службен јазик туку три (словенечки, српско-хрватски, односно хрватско-српски и македонски) господин Георгиевски ако сака, може да најде такви меѓународни договори склучени и на македонски јазик. Дури еден таков за ПТТ-сообраќај е склучен со нашиот јужен сосед. Ама ако едни попуштија за Уставот и ја избришавме уставната категорија со која како држава се обврзуваме да водиме грижа за македонското малцинство, па попуштивме за знамето, токму Георгиевски како премиер попушти и за јазикот. Тоа било за добрососедските односи!?

Господин Георгиевски тврди дека овие мои ставови (против заедничко славење на Илинден со Бугарите) се темели на мојот емоцијален однос вграден преку југословенскиот образовен систем и пропагандата. Или кажано едноставно, југоносталгија. Да го потсетам господинот Георгиевски. Јас и колешката Мира Василева во далечната 1991 година го промовиравме Георгиевски во словенечките и хрватските медиуми како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партија која се зазема за самостојна македонска држава. Јас сум тој југоносталгичар, кој заедно со покојниот д-р Стефанија и брат Љубе ги формиравме задграничните комитети во Словенија. За ова ниту барам ниту сум барал признание, награда или што било, бидејќи токму преку образовниот систем (дипломирав во Словенија на политички науки) научив дека прво треба да си национално свесен, во мојот пример Македонец, како непроменлива константа. Дури и Кардељ, најголемиот комунистички идеолог, има јасно речено дека Југославија не е дефинитивна државотворна творба на словенечкиот народ. Господине Георгиевски, јас ова го учев уште далечната 1972 година. Нема да ме изненади ако сега некој рече дека тоа сум го правел по нечии (УДБА) налози. За жал, во својата матична држава во овие 23 години едни се обидуваат да ме убедат дека сум Бугарин, други дека сум Србин, актуелниве сега не’ учат дека сме антички. А јас само сакам да бидам Македонец со словенско потекло.

Е, сега, ние се лутиме кога Самарас ќе рече дека македонскиот јазик не постои. Не треба да му се лутиме на Самарас, не треба да се лутиме на старата бугарска теза дека ние сме производ на Коминтерната, ниту да се лутиме на Србите кои не ја признаваат автокефалноста на Македонската православна црква. Треба да се лутиме кога наши експремиери меѓу редови и преку некакви полемики на мала врата пласираат вакви тези. Треба да се лутиме кога наши владици за 30 сребреници сакаат на глава да стават туѓа бела пана. Односно треба да се лутиме на самите себеси, бидејќи се’ уште не научивме што е тоа државотворност, како се прави сопствена држава и како таа се чува и развива. Ама затоа сме преплавени со кичест патриотизам.

Господинот Георгиевски на крајот од својот напис ми препорачува да читам оригинални историски книги, вели дека ги има на стотина. Јас би му препорачал само едно. Да ги прочита изјавите и говорите на бугарскиот премиер Александар Стамболиев, кој 1923 година беше соборен со воен удар и свирепо ликвидиран.

п.с. „Утрински“ уште еднаш како многупати досега се покажа како медиум кој секогаш бил отворен за спротивставување различни мислења и ставови. Лично чувствувам привилегија и задоволство што со мојата дребност како дел на весникот придонесувам во остварувањето на едно од основните човекови права, а тоа е слободата на мислење и изразување.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com