ЈАС ТЕБЕ ЦЕНТАР ТИ МЕНЕ КАРПОШ

Дали историскиот проект за независна и слободна Македонија полека во овие 24 години на бесконечна транзиција, со лидери какви што самите ги избираме, се исцрпува и се ближи кон крајот

Ете ова е суштината од аудиоснимката, односно „бомбата“ која беше објавена по „грешка“, а од која се заклучува (секако, ако не е „креирана“) како Црвенковски и Мијалков се обидуваат да направат „дајмиго-натиго“ на последните локални избори.
Навистина не би навлегувал во мотивите како ова „по грешка“ дојде во јавноста, но би сакал да се задржам на некои други аспекти кои многу добро ги отсликуваат карактеристиките и нивото на политичката култура на политичките елити кои две децении владеат со државата и за жал, ни ја кројат судбината и на нас граѓаните. Имено, Црвенковски кога го прави овој алаш-вериш со Мијалков, за општините Центар и Карпош, пред се’, ја покажува својата огромна, но повредена суета. Се сеќавате дека Стевче Јакимовски не го послуша Црвенковски околу бојкотот на локалните избори и сам тргна во изборна трка и затоа Црвенковски се пазари да го продаде дури и на својот најлут непријател. Зошто овој алаш-вериш не успеал кога добро се знае што се’ не направи ВМРО-ДПМНЕ за да ги добие изборите во Центар. И тука, барем јас така мислам, во прашање се суетата и опиеноста од моќта, но овој пат кај другата страна, односно кај водството на ВМРО-ДПМНЕ, но и големата нетрпеливост која Груевски многу транспарентно ја покажува кон Бранко Црвенковски.

Друг аспект кој произлезе од оваа „по грешка“ објавена аудиоснимка е односот на медиумите. Имено, уште од првата „бомба“ на Заев, самопрогласените патриотски медиуми предводени од господинот „Ало началниче“ не ги објавуваат аудиозаписите, туку само бегло ги прераскажуваат и како папагали го повторуваат официјалниот став на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за странски служби и дека Заев работи со нив и ги загрозува интересите на државата. Опозициските, односно самопрогласените демократски новинари и демократски медиуми оваа снимка од неуспешната политичка „зделка“ помеѓу Црвенковски и Мијалков веднаш ја повлекоа и за неа нема ниту еден ред коментар. Е, каде се сега професионалните новинарски стандарди за кои токму овие „демокративе“ нонстоп трубат. Изгледа дека сум бил во право кога постојано тврдам дека и демокративе и патриотиве се само две страни од една иста паричка.

Но, да не биде ова погрешно сфатено дека за се’ во државата се виновни медиумите и новинарите. Во суштина, тие само ја надополнуваат „големата“ слика на нашата политичка реалност која во овие дваесетина години ја креираат и ја водат горедолу исти луѓе и на кои единствена цел им се власта и привилегиите што ги носи власта. А во духот на нашата фолклорна политичка култура, еве сега почнаа да се прават и митинзи или што би рекле кај мене во Дебар Маало, сега Заев и Груевски си ги мерат, кој има поголем секако митинг, а не нешто друго.

И тука Груевски е во предност. Минатата недела Скопје беше преплавено со автобуси од цела Македонија. Салата „Борис Трајковски“ беше „крцата“, а богами и надвор се случуваше „народ“. Но се прашувам дали некои од тие стотина автобуси кои дојдоа во Скопје беа пресретнати од полицијата на некоја наплатна рампа и во името на сигурноста во сообраќајот беа испратени на вонреден технички преглед?

И така, полека но сигурно, „бомбите“ на Заев и контраударите од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Груевски ги добиваат вистинската димензија и содржина, а тоа е првите да дојдат на власт додека вторите грчовито се борат за да останат. Притоа, ниту власта ниту опозицијата не ја боли уво какви се’ последици за државата и нас граѓаните може да има оваа нивна битка. И секако, да бидам барем малку принципиелен, иако ние сите заборавивме што е тоа принципиелност, а уште повеќе заборавивме да ги почитуваме принципиелноста и принципите. Одговорноста за ова, пред се’, ја носи власта, иако не ја амнестирам ниту опозицијата. Но власта направи еден цел куп грешки и сега како давеник се држи за тезата дека ова е дело на странски служби, а СДСМ и Заев се предавници кои за да дојдат на власт се продале на некоја си „странска служба“.

И одеднаш бум, бомба, и тоа од сопствените редови. Господин Павле Трајанов, коалициски партнер, кој сепак е квалификуван, вели дека вакво прислушување може да го направи само нашата служба, а не странци. Понатаму, иако разврска на сето ова може да има пред се’ политичка, ВМРО-ДПМНЕ и Груевски зборуваат само за правна разврска. И повторно бомба од сопствените редови – Лилјана Поповска од ДОМ бара јавниот обвинител да си оди бидејќи го загубил кредибилитетот, дури и предлага неколку имиња кои би можеле да го заменат. Имиња за кои верувам дека на водството на ВМРО-ДПМНЕ им се крева притисокот кога ќе ги слушнат. А на сето тоа јавниот обвинител Зврлевски бара од Брисел помош да испратат експерти (сигурно мисли обвинители) кои не е јасно како ќе се вклучат во сето ова.

Овие ставови на водството на ВМРО-ДПМНЕ за правна разрешница се’ помалку поминуваат во пошироката домашна јавност, а уште помалку ги прифаќа меѓународната заедница. Ние некако се научивме во последниве 15 години Брисел да ни „помага“ во се’ и сешто како ние да сме недоветни, ама сега дури и Обединетите нации изразуваат загриженост за политичката криза кај нас и бараат да се расчисти прислушувањето, бидејќи има грубо кршење на човековите права и слободи. И како капак на сето ова доаѓа веста од Брисел кој формира посебна „тројка“ составена од европратениците Иво Вајгал, Ричард Ховит и Едуард Кукан.

И за да биде работата се’ поинтересна, ова на нашиот вицепремиер Бесими му го соопшти Ален Лероа (беше посебен претставник на ЕУ во 2001 година), а сега е генерален секретар на Европската служба за надворешна политика. Сето ова ме потсетува на далечната 1991 година на процесот на распаѓањето на СФРЈ. Тогаш Брисел испрати министерска „тројка“, која имаше за цел не да ја спаси СФРЈ (бидејќи на сите им беше јасно дека не може да се спаси ) туку тие процеси на десолуција на федерацијата да се одвиваат колку-толку мирно. За жал, во тоа не се успеа.

Се прашувам дали историскиот проект или ако сакате и сон за независна и слободна Македонија полека во овие 24 години на бесконечна транзиција со лидери какви што самите ги избираме се исцрпува и се ближи кон крајот. Се надевам не. Ама мое скромно мислење е дека оваа навистина длабока општествена и политичка криза нема да може да се надмине со сегашните актуелни политички елити, без разлика колку оваа бриселска тројка се труди да воспостави политички дијалог. Изјавата на Груевски „преодна влада да, ама без ВМРО-ДПМНЕ“ јасно ја покажува рововската позиција на владејачката партија и елита. Од друга страна, пак, преодна влада со Заев навистина тешко би поминала кај јавноста. Заминувањето на сегашните политички елити не е работа на бриселската тројка туку на нас граѓаните.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com