ЈАС НЕ СУМ ПАПАГАЛ – ЗБОРУВАМ СЛОБОДНО

Кампања до кампања, и странците се вклучија во нив, па стануваме кампањска држава

Токму така, поттикнат од кампањата на амбасадата на Соединетите Американски држави, плус владината кампања „Осмели се“ (малку надградена за моја употреба) еве „храбро“ ја пишувам оваа колумна. Сите знаеме дека кај нас кампањите (владини најмногу) станаа наше секојдневие па ако сакате и еден од лостовите на владеењето. Ама се плашам кога една странска амбасада прави кампања, демек, со цел да ја подигне свеста на граѓаните за „владеење на правото“ се’ повеќе заличуваме на „кампањска држава“, а кога нешто се прави кампањски знаеме добро каков е крајот. Како што објави „Утрински“ во американската амбасада истакнуваат дека кампањата има за цел да ја подигне јавната свест на граѓаните за општите начела од владеењето на правото. Понатаму, кампањата била двојазична, а згора на се’ во американската амбасада сите се среќни бидејќи кампањата ја поддржува и Владата, а некои министерства, меѓу кои и Министерството за правда, ќе ја промовираат оваа кампања на нивните веб страници!?

Навистина, како граѓанин се чувствувам навреден кога една странска амбасада (па макар тоа била и американската, нашите најголеми пријатели, сојузници и не знам уште што) ќе води кампања за подигање на мојата свест за правна држава. Во исто време сум гневен на мојата Влада која дозволува една странска амбасада да се однесува на начин кој во суштина е спротивен со сите конвенции и меѓународни документи кои го одредуваат однесувањето и работењето на дипломатските преставништва.

И сега да се осврнам на идејните концепти на оваа ступидна и навредлива кампања. Авторите, поаѓајќи секако од нивното сфаќање на уметничката слобода и креативност, се обидуваат преку најразлични животни да ни ја подигаат граѓанската свест. И така имате слоган „Ти не си прасе – почитувај го законот!“ За почиста Македонија.
Е, сега, претставете си на пример во Арачиново или во Дебар, во Лабуништа каде што населението припаѓа на исламската вера, да обесите огромно пано или билборд со овој слоган секако на албански јазик. И кога во раните утрински часови верниците муслимани одат на првата молитва во џамија поминуваат крај ова пано, какви се нивните чувства кога ќе прочитаат дека тие не се прасе и дека треба да ги почитуваат законите. Ајде што „генијалците“ од агенцијата „Футура“ немаат поим од исламот и не знаат дека за секој муслиман е навредливо на било кој начин да го поврзуваш со прасе (па макар и во негација) ама изненаден сум од оние во американската амбасада кои го прифатиле овој слоган имајќи предвид дека токму Американците заради вакви ступидни и непромислени потези имале цел куп проблеми со припадниците на исламската вера ширум целиот свет.

И навистина сум изненаден од министерот за правда, кој како што истакнуваат во американската амбасада, присуствувал на промоцијата на оваа кампања зошто, барем дискретно не им шепнал на Амриканците дека неговите сограѓани Албанци нема да бидат баш среќни со слоганот „Ти не си прасе“ (Ti nuk je derr).

Понатаму слоганот „Не криј се како змија! Пријави данок“. Сите знаеме дека за Американците почитувањето на правната држава почнува и завршува со плаќњето на данокот. Сите знаеме дека неплаќањето односно затајување на данок за нив е најголем грев, а богами и казните се тешки. Арно ама за христијаните, барем за оние кои го почитуваат и Стариот завет, змијата е симбол на изворниот грев кој го сториле Адам и Ева и човекот е избркан од Рајот.

Замислете, сега одите во Соборниот храм во Скопје и гледате од спротива билборд и читате дека „Вие не сте змија и ќе треба да го пријавите данокот“. А како се чувствуваат свештениците кои ниту фискална сметка не издаваат?

Ама да ги оставиме верските чувства кои се дел од интимата на секој поединец. Ако сте поминале барем еден ворк-шоп за кампањи, посебно за кампањи кои се намети за менување или надградба на јавната свест на граѓаните за одредено прашање (во овој случај владеење на правото) тогаш морате да знаете дека кога правите вакви кампањи морате да земете предвид еден цел куп фактори кои грубо можете да ги сведете на она што се вика политичка култура. Секој социјален психолог ќе ви каже дека треба да се биде максимално претпазлив кога во ваква кампања правите паралела помеѓу човек и животно. Секој комуниколог ќе ве предупреди дека ваква кампања во средина како што е нашата ќе има негативен фидбек.

Ама за агенцијата „Футура“ кој храбро смислила слоган „Ти не си прасе“ или „Децата не се телиња, запиши ги во училиште“ ти останува само да коментираш онака уличарски во нивен стил – „Абе, пушти ги, гледаш дека се волови“.

Сите ќе се сложиме дека кај нас владеењето на правото и функционирањето на правната држава е далеку од стандардите во многу европски држави. А со тоа и свеста кај нас граѓаните е далеку под свеста на граѓаните на овие држави. Зарем има поголема и поуспешна кампања за јакнење на свеста на граѓаните за владеење на правото од фактот дека министер во ?ладата на Шведска си даде оставка само затоа што заборавил еден месец да плати ТВ претплата. Со право американските граѓани се горди на владеењето на правото кога еден општински судија му нареди на претседателот Никсон да ги предаде материјалите од аферата „Вотергејт“ што доведе до негова оставка.

Верувам дека амбасадорот Волерс ќе се сложи дека до таа свест не се дошло со кампањи, а уште помалку со кампањи кои ги правеле странски амбасади во Вашингтон. Убеден сум дека тоа го знае и актуелната Влада, како и сите оние политички елити кои досега се изменија во власта. И што сега? А, што утре? Ништо, освен да очекуваме некои нови кампањи.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com