Јас дефакторизиран

Груевски со изјавата дека тој како лидер и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволат дефакторизација на македонскиот народ и дека тие остануваат на браникот на унитарниот карактер на државата покажува дека тој заедно со фамилијата“ нема така лесно да се откаже од фактот дека ја губи позицијата на хазаин“ (газда) на државата.

Притоа оди дотаму да на меѓународниот фактор отворено го предупредува дека ако СДСМ и ДУИ направат влада тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со огромен притисок и незадоволство од членството и затоа не можат да гарантираат дека ќе обезбедат мир и стабилност.? Некој ќе рече дека оваа изјава е очајничка“. Можеби е така, ама секој психолог па без разлика дали клиничка или социјална психологија ќе ви каже дека и поединец но и општествени групи (без разлика со каков предзнак се) многу често во таква состојба знаат да направат многу радикални чекори. Лично мислам дека барем кога станува збор за Груевски и фамилијата не станува збор за очајнички потез туку многу свесно обмислени потези со кои ниту се брани македоштината ниту се брани унитарноста на државата туку сопствената кожа. Инаку Груевски многу вешто го користи зборот дефакторизира“, со што фактички употребува еден би рекол сленговски израз во смисла кога некој ќе ти рече абе кој фактор си ти“. Односно, создава перцепција но и се сомнежи и ако саката страв дека ако СДСМ и ДУИ направат влада тогаш Македонците нема да бидат никаков фактор во државата. Звучи смешно нели, ама во нашето политичко милје и со нашата политичка култура ова и те како пали. Со други зборови политичките елити кај нас во изминативе двесте и пет години на дефакторизација (да го употребам поимот на Груевски) врз нас граѓаните, наместо да се развиваме во вистински критични но и одговорни граѓани станавме овци. Овци, поделени во две големи етнички трла (македонско и албанско) а потоа секое од овие трла се дели на помали партиски трла. Нормално во едни вакви континуирани општествени процеси ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дефакторизацијата на граѓанинот ја донесоа до совршенство. И во една таква општествена атмосфера скоро два месеца го гледавме политиканскиот тријаголник на релација ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ – СДСМ. Го употребив терминот политикански а не љубовен тријаголник бидејки меѓу нив нема љубов туку само лични (лукративни) интереси. И одеднаш ДУИ после долго што би рекле думање“ донесе одлука во петокот вечер, дека ќе му ги даде потписите на Заев само да може да добие мандат ама тоа не значи барем во овој момент влегување во Владата на Заев. Баба ми полуписмена но бистра жена на ова ќе речеше кумендија“ (наместо комедија) и ќе додадеше чоек кога ги гледа и слуша што муабетат му доаѓа да се крсти со лева рока“.

Уште една интересна коинциденција. Додека ДУИ се думаше“ во тој политички тријаголник на која страна да ги стави своите дарови во вид на десет пратенички потписи Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ исто така заседаваше зад добро затворени врати. Како што изјави Антонијо Милошовски пред состанокот политичката ситуација се движи во непожелна насока, бидејќи не ја одразува волјата на гласачите. Но тој не навести кои мерки ќе ги преземе партијата. Но затоа сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ добиле проглас (според некои информации потпишан од Груевски) во кој од нив се бара да се организираат и да застанат во одбрана на националните интереси на Македонија. Па така во петокот вечерта дури и пред да дојде веста од Мала Речица дека потписите одат на Бихачка во повеќе градови низ Македонија пред седиштата на штабовите на ВМРО-ДПМНЕ се одржаа спонтани собири“ како израз на протест за федерализацијата на државата двојазичноста и цел куп други предавнички потези на СДСМ односно Заев и секако на ДУИ. Боже колку видовите биле овие од ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од Груевски па надолу по ппартиската структура. Во таа видовитост не заостанува ни СДСМ и Заев. Имено СДСМ за денеска (веќе е сабота) закажа седница на Централниот и Извршниот одбор на партијата на која ќе треба партиските органи и формално одлучат кој ќе биде мандатор на новата влада. Мислите дека ќе има изненадување? Јас мислам не, СДСМ ќе не усреќи“ со господинот Зоран Заев.

Секако сите се прашуваме како после скоро два месеца од изборите односно од почетокот на конститутивната седница на Собранието сега преку ноќ се создава парламентарно мнозинство а со тоа и можност конститутивната седница на Собранието да продолжи и да заврши со избор на Претседател на парламентот со што фактички Собранието е конституирано и може да работи. Една од причините може да биде и фактот дека на почетокот од март високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, ќе престојува Скопје што е во рамките на нејзината турнеја по државите на Западен Балкан. Можеби нашиве политички лидери сакаат пред доаѓањето на Могерини да покажат дека тие имаат демократски капацитет и политичка волја политичката криза да ја решаваат преку институциите, а парламентот секако е најповикана институција за такво нешто?? Можеби некој од нашиве странски пријатели“ им шепнал“ на нашиве тоа да го направат бидејќи Могерини по се изгледа ќе се обрати пред пратениците во Собранието. Можеби по одењето на Могерини новиот претседател кои според некои навестувања ќе биде од ДУИ, по изборот на новата Влада поаѓајќи од своите уставни надлежности ќе ги распише локалните избори, за во мај. До нивно завршување како што беше досегашната практика Собранието не работи за да не се злоупотребува преку своето работење да биде еден вид и алатка на предизборна кампања за претстојните локални избори??

Многу прашалници многу дилеми и шпекулации. Ама едно е сигурно барем јас така мислам. Процесот на дефакторизација на нас граѓаните за жал ќе продолжи. Затоа за крај ќе парафразирам еден пост на почитуваниот Арсим Зеколи. Албанците помогнаа во рушењето на македонското ВМРО, ама Македонците чинат се да ја спасат албанската ВМРО. (За да бидат појасни наместо ВМРО читај во првиот пример ДПМНЕ и фамилијата а во вториот ДУИ и Ахмети со своите следбеници).

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com