ЈАНША СИ ОДИ… ЗОКИ ЗАМРЗНАТ

Во длабоката политичка криза, каде што коалициските партнери бараат Јанша да си замине, сите политички субјекти ќе сторат се’ за да се задржат легалноста и легитимноста на сите институции

Во минатата колумна со сличен наслов напишав дека Владата на Словенија на чело со Јанша е клинички мртва, но по најновите настани веќе може да се рече дека таа се распаѓа. За ова малку подолу, а сега повеќе за штрајкот на словенечките чиновници. Во средата над сто илјади државни службеници штрајкуваа во Словенија. Полицајци, царинарници, пожарникари, вработени во културните институции, во образованието, здравствени работници, судската администрација излегоа на улиците низ Словенија организирани и предводени од Синдикатот на јавната администрација. Штрајкот беше еднодневен, но со многу јасна порака – реформи и мерки на штедење да, но тие мораат да бидат многу порамномерно и праведно насочени. Во вторникот штрајкуваа и вработените во метално-преработувачката индустрија, а полицијата и царинарниците штрајкот го продолжија, бидејќи покрај оние заеднички барања имаат и свои посебни кои произлегуваат од специфичноста на нивните службени обврски. Како што е веќе нормално за Словенија штрајкот беше многу добро организиран, а тоа што е најважно беше прифатен од јавноста. Единствено поголеми „непријатности“, ако може така да се рече, имаше на граничните премини каде што се создадоа долги колони, особено за товарните возила. Исто толку важен е фактот дека политичките партии, пред се’ оние од опозицијата, ама ниту со еден збор не се обидоа штрајкот да го искористат за некакво „билдање“ на своите рејтинзи или, пак, на кој било друг начин да се прилепат на синдикатите. Словенечките синдикати (ги има повеќе) без разлика на нивната блискост со одредени политички партии имаат многу јасна црвена линија каде завршува политичката „љубов“, а каде почнуваат интересите, пред се’ социјални и економски, на членството.

И токму тоа е и единственото објаснување и разбирање зошто во Словенија синдикатите се моќни и многу значаен субјект при креирањето и водењето на владините политики. Таа нивна моќ неколкупати во овие дваесетина години на самостојност, на своја кожа ја имаат почувствувано политичките партии и нивните елити и тоа кога биле во опозиција, ама и кога биле на власт. На пример, во Словенија би било невозможно, а во исто време и вистинско политичко самоубиство ако преку ноќ на навестен штрајк владата (која било) формира свој синдикат, кој потоа ќе рече – ние не штрајкуваме ние ја поддржуваме владата. На пример, во овој штрајк не учествуваше синдикатот на лекарите, ама јавно изјави дека го поддржува штрајкот на синдикатот на медицинските сестри и другите здравствени работници. Е сега направете паралела со синдикатите кај нас… заклучокот е многу едноставен кај нас вистински синдикати нема… ама затоа имаме трансмисиски синдикални ремени кои секогаш вртат на замаецот на власта без разлика која и да е.

А политичката криза во Словенија како што пишував минатата недела влегува во нова фаза. Во средата вечер претседателот на словенечкиот парламент и лидер на Граѓанската листа Грегор Вирант си даде оставка на функцијата, а со него дадоа оставки и министерот за финансии и министерот за правда и јавна администрација кои се од неговата партија. Во изјавата за словенечките медиуми Вирант изјави: „Владата не ја уривам јас и мојата партија, туку ја урива Јанез Јанша. Откако се обелодени извештајот на Антикорупциската комисија (Јанша нема покритие за 210.000 евра) Јанша зборуваше многу, пишуваше писма до своите европски пријатели, обвинуваше секого и за се’ и сешто, ама требаше да каже само една реченица: ’Се повлекувам од премиерската функција‘ и коалицијата ќе продолжеше“, изјави Вирант објаснувајќи ја својата оставка.

Лидерот на пензионерите и министер за надворешни работи на Словенија, Карл Ерјавец, изјави дека на првата седница на парламентот во почетокот на февруари тој, како и неговиот сопартиец, министерот за здравство, ќе си дадат оставки. И двајцата министри од Словенечката народна партија најавија дека до крајот на идниот месец ќе си дадат оставки. Што понатаму? Прво и секако најважно е дека и во ваква длабока криза сите политички субјекти ќе сторат се’ за да се задржат легалноста, а уште повеќе легитимноста на сите институции и тие да функционираат и во вакви услови. Така, словенечкиот парламент сега го води најстариот потпретседател, што е непишано правило. Веќе идната недела треба да се очекува избор на нов претседател на парламент. Потоа ќе следи иницијатива за гласање за недоверба на актуелната влада и откако и таа ќе помине формално започнуваат политичките игри дали ќе се оди на нови избори или ќе има нови коалиции.

Вирант веќе јасно изјави дека не е можна коалиција на неговата партија со Позитивна Словенија се’ додека лидерот на партијата Зоран Јанковиќ, кој исто така е прозиван од Антикорупциската комисија, не се повлече од својата претседателска функција иако сега тој ја замрзна. Сепак би било најчесно за граѓаните на Словенија ако одиме на предвремени избори, вели довчерашниот прв парламентарец. Сличен став имаат и словенечките социјалдемократи охрабрени од неодамнешната победа на Борут Пахор на претседателските избори, како и фактот дека нивниот рејтинг во словенечката јавност расте.

Позитивна Словенија, партијата на Зоран Јанковиќ, чии рејтинг паѓа, чека дали „замрзнатиот“ Зоки ќе се повлече и формално од претседателската функција или целата партија ќе се маргинализира. Во ваква реална политичка состојба голема улога и одговорност има и претседателот на државата, иако неговите уставни надлежности се многу ограничени. Пахор засега строго се држи до своите уставни ингеренции и барем јавно не излегува со конкретни ставови или предлози.

Дали оваа владина криза може да се прелее на улица, односно да се повторат оние граѓански немири и протести што се случуваа во Марибор, Љубљана и во други места? Мислам дека тоа нема да се случи, бидејќи тоа не му одговара на ниту еден политички субјект, освен на екстремната десница. Верувам во политичката свест и политичката култура на словенечкиот граѓанин кој знае што е демократија. Тој верува дека демократијата подразбира и протести и штрајкови, ама може да се практикува само во легални, легитимни и автономни институции, а тоа значи владеењето на правото и функционирање на правната држава. За жал, сето ова нас ни недостига во сите овие години на самостојност… иако некои велат дека транзицијата заврши!

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com