ЈАНША, ОДИ СИ ДОМА, ЗЕМИ ГО И ЗОКИ

Словенечкиот премиер Јанез Јанша не ја надмина најлошата особина за секој политичар – а тоа е реваншизам и тврдоглавост без чувство за компромис

Овој слоган го позајмив од насловот на еден коментар во еден словенечки дневен весник, а се однесува на актуелниот премиер Јанез Јанша и градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ, лидер на Позитивна Словенија, најголема опозициска партија. Повод, минатонеделното соопштенија на словенечката Комисија за спречување на корупцијата, во кое се наведува дека Јанша не пријавил и нема покритие за околу 210.000 евра, додека Зоран Јанковиќ „скрил“ милион и кусур евра.
Разликата е донекаде и разбирлива, Јанша цел живот бил политичар, па затоа и неговиот грев е номинално помал, додека Јанковиќ цел живот е бизнисмен, па затоа е нормално да заработил многу повеќе. Но, гледано од политички аспект, гревот на двајцата е подеднакво тежок, што многу сликовито го покажува и насловот.
Извештајот на словенечката антикорупциска комисија предизвика вистинска и многу сериозна владина криза, па затоа нема да се претера ако се рече дека коалициската влада на премиерот Јанез Јанша е клинички мртва. Интересен а богами и поучен е фактот дека токму коалициските партнери на Јанша се најгласни во барањето тој да си поднесе оставка на премиерската функција. Јанша кој, за жал, поради својот политички бекграунд (од дисидент, затвореник, па министер кој беше избркан од првата влада на Јанез Дрновшек) не ја надмина најлошата особина за секој политичар – а тоа е реваншизам и тврдоглавост без чувство за компромис. Тој и сега го прави истото. На своите коалициски партнери им постави ултиматум да се одлучат дали остануваат во коалицијата со него или не. Претседателот на словенечкиот парламент и лидер на партијата Граѓанска листа, Грегор Вирант (таа во парламентот е четврта партија по бројот на гласови и токму со нив Јанша пред една година состави влада), му одговори исто така со ултиматум. Или во рок од десет дена Јанша ќе си поднесе оставка, а коалицијата останува но со друг премиер или ќе се оди на гласање за доверба на владата во парламентот. Сличен став имаа и лидерот на пензионерите и министер за надворешни работи Карл Ерјавец, како и Словенечката народна партија, која е првата политичка партија во Словенија, формирана уште во времето на стариот еднопартиски систем и бившата ни СФРЈ. Сите коалициски партнери бараат Јанша да си поднесе оставка, коалицијата да остане во сегашниот состав, а неговата партија (Словенечката демократска партија) да предложи нов премиер, односно мандатор.

Јанша кој во моментов е во Азербејџан, но денеска треба да се врати дома, ова го одбива и во својот стил изјави дека трите мали партии сакаат да владеат на сметка на неговата партија. Посебно е остар кон Вирант, кого го обвинува дека уште од декември минатата година тајно шурува со Јанковиќ и неговата партија Позитивна Словенија за да состави нова владина коалиција. Во моментов Јанша има целосна поддршка од својата партија.

Од друга страна, Зоран Јанковиќ, исто така, не признава дека нешто згрешил, јавно ја замрзна својата претседателска функција и најави дека на конгресот на партијата ќе се повлече и формално од лидерската позиција (останува градоначалник). Тој изјавува дека неговата партија ќе подржи кој било друг мандатар на влада ако е квалитетен и човек со доверба во јавноста. Словенечките аналитичари оценуваат дека има многу мали шанси сегашната владина коалиција со или без Јанша да опстане. Идеите за некаква техничка или експертска влада која би ја „протуркала“ барем оваа година (за која сите, не само во Словенија туку во ЕУ истакнуваат дека ќе биде тешка) се мали и речиси неверојатни. Социјалдемократите, кои се задоволни дека во декември нивниот бивш лидер Борут Пахор победи на претседателските избори, сега отворено зборуваат за нови парламентарни избори, а исто така и некои од помалите партии, на кои според анкетите им расте рејтингот, зборуваат за предвремени избори.

Според најновата анкета на љубљанско „Дело“, словенечките социјалдемократи уживаат најголема поддршка во јавноста (17,1 отсто). Интересно словенечките демократи на Јанша се на второ место (11,7 отсто), но затоа Јанша како политичар заедно со Зоран (Јанковиќ) го дели последното место. Партијата на Јанковиќ, Позитивна Словенија, е на трето место, но од ноември мината година, па до денес таа загубила речиси половина од својата поддршка кај граѓаните и сега за неа би гласале само 7,7 проценти. Ништо подобри не се и оценките за работењето на владата и парламентот. Над 77 процент од анкетираните мислат дека владата води лоша политика, додека 67 отсто негативна оценка даваат и за словенечкиот парламент.

Словенија е во сериозна политичка криза. Но, за разлика од кај нас, таму нема посредувачки, олеснувачи или медијатори од надвор или од ЕУ. Тоа што е најважно институциите функционираат, без разлика дали станува збор за Антикорупциска комисија или чистење на снегот. Медиумите како и досега пишуваат професионално, без разлика на политичката определба.

На пример, во моментов покрај политичката криза топ тема е финансирањето на партиите. Советот на Европа, поточно ГРЕКО, уште за време на претходната влада на Пахор утврдил и ја опоменал Словенија дека ги нема уредено според европските стандарди финансирањето на партиите и дека токму тоа е едно од главните жаришта на корупцијата. Ниту бившата влада ниту актуелната на Јанша досега не направи ништо за ова да се надмине, дури овие заклучоци не ги превела и не ги направила достапни за јавноста, за што сега Словенија се соочува со санкции. Кога сме кај корупцијата уште еден податок. Во ЕУ таа се проценува на околу 120 милијарди евра, односно 1 процент од БДП на ниво на ЕУ. Во Словенија се оценува дека таа е околу 1,5 проценти од БДП. Каква било паралела со состојбите кај нас не е можна бидејќи сето ова кај нас е табу-тема… Ете затоа во Словенија веќе од ноември се случува „граѓанин“ кој протестира на улица против политичките елити, кај нас се случува народ… затоа Словенија на листата на Фридом хаус е во групата на слободни држави, а ние и по 21 години во групата на делумно слободни.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com