ЅВЕЧКАЊЕ НА ОРУЖЈЕТО ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ

Никој не сака војна во Персискиот Залив, но некогаш е тешко да се спречи развојот на настаните

Тензиите помеѓу САД и Иран кои траат повеќе од триесет години на почетокот на 2012 година прераснаа во вистинско „ѕвечкање со оружје“. Американскиот претседател Барак Обама неодамна во својот настап во Пентагон многу јасно го посочи Персискиот Залив како еден од приоритетните национални и безбедносни интереси на САД. Од друга страна, секогаш непредвидливиот ирански претседател Ахмадинеџад најави дека како одговор на најавеното економско ембарго ќе го затвори Ормускиот Мореуз преку кои дневно поминуваат околу 15 танкери кои на светските пазари испорачуваат околу 15,5 милиони барели нафта. Станува збор за иранска нафта (4 милиони барели дневно), како и на другите држави во регионот, а пред се’ нафта од Саудиска Арабија, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и така натаму. Вашингтон одговара дека со сите сили ќе го отвори Ормускиот Мореуз и ќе обезбеди слободна пловидба на супертанкерите

Поводот за ваквото ѕвечкање со оружје е иранската нуклеарна програма. Претседателот Махмуд Ахмадинеџад тврди дека таа нема цел производство на атомска бомба, но сите информации навестуваат дека Иран релативно брзо може да го постигне тоа. Најголема загриженост од иранската атомска програма (читај бомба) покажува Израел, но таа загриженост е присутна кај сите држави во регионот и кај членките на нуклеарниот клуб – САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија, Индија и Пакистан. За жал, и во овој случај се покажува непринципиелноста на меѓународната политика, посебно на големите играчи.

Да сакаа навистина, големите сили можеа на почетокот да го спречат Иран да направи атомска бомба, ама сите знаеме дека наместо принципи, големите сили секогаш на прво место ги ставаат интересите. Така, Русите му продаваат на Иран комерцијални реактори, а на сите им е јасно дека од мирнодопска употреба на атомската енергија до производство на атомска бомба се потребни само неколку чекори. Кинезите кои се најголеми потрошувачи на иранската нафта имаа свои интереси, тука се интересите на Индија. Свои интереси имаат и државите производители на нафта…

И така, интерес по интерес, одеднаш, најблаго речено, сите ги боли глава. Некој ќе рече зошто сега толкава врева и ѕвечкање со оружје, а тоа го немаше ниту кога Индија или Пакистан својата „мирољубива“ атомска програма ја заокружија со атомски боеви глави. Зошто никој не се буни дека, на пример, Израел, кој никогаш ниту потврдил ниту негирал дека има атомски бомби, според релевантни сознанија, поседува околу 160 боеви глави. Политичките и воените аналитичари на ова одговараат многу едноставно. Објаснувањето дека атомското оружје им служи, пред се’, како средство за одвраќање некој друг да не го употреби звучи цинично, но тоа е реалноста. Ова во поново време го потврдуваат Индија и Пакистан кои се во долгогодишен конфликт и воени судири, но никогаш не помислиле да го користат својот нуклеарен потенцијал. Тука е вклучена и Северна Кореја, која е на прагот да направи своја атомска бомба, постои многу јасна и цврста хиерархија на носење одлуки и, секако, одговорност за атомски напад. Во Иран не е така. Фактички, функционираат два тотално одделни система на власт и одлучувања. Едниот е државно институционалниот систем на чело со актуелниот и непредвидлив Ахмединеџад, а вториот е верскиот кој го водат ајатоласите на чело со големиот ајатолах Али Хамнеи, кој е и највлијателен човек во Иран. Овој систем кој го воспостави имамот Хомеини и кој првите години функционираше без внатрешни превирања сега може да се рече дека има борба меѓу владејачките елити, па дури и отворен судир помеѓу претседателот Ахмединеџад и ајатолахот Хамнеи. Додека првиот својата политика сака да ја темели на некаков нов ирански национализам (со многу популизам), но надвор од верските догми, Хамнеи се зазема за уште поголемо влијание и власт на верските водители и целосна присутност на верските догми во сите сфери. Неодамна, под притисок на верските лидери, Ахмадинеџад мораше да го врати министерот за надворешни работи кој пред тоа тој го разреши. И токму од тоа се плашат не само соседите на Иран, туку и пошироката меѓународна заедница утре иранските верски лидери да не добијат атомско оружје.

Колку да звучи тоа сериозно и злокобно, и Техеран и Вашингтон се свесни дека каков било оружен судир моментно нема да му користи никому. Факт е дека американската воена морнарица многу брзо може да се пресмета, односно да ја потопи иранската морнарица, но американските адмирали се загрижени од брзите ракетни чамци на иранската Револуционерна гарда. Станува збор за елитни воени формации кои се под директна контрола на иранските верски водители, а кои во името на верата се подготвени и за непредвидливи самоубиствени акции. Eкономско ембарго врз Иран најмногу ќе го почувствуваат неговите граѓани, но, пред се’, Западна Европа, која за разлика од САД, премногу е зависна од нафтата што доаѓа од Персискиот Залив. Од друга страна, Европската унија, која по долги години успеа да воспостави доста значајни економски односи со Техеран, во време на сегашната криза не сака тие односи да ги наруши или да ги препушти на Москва, Пекинг или, пак, на други азиски или латиноамерикански држави кои чекаат таква шанса.

Понатаму годинава имаме избори во САД и во Франција, а војна во Персискиот Залив не им одговара ниту на Обама ниту на Саркози. Дали прифатената иницијатива на Анкара за средба на претставници на Иран со претставници на САД, Русија, Кина, Велика Британија Франција и Германија за крајот на месецов може да доведе до повторна меѓународна контрола врз иранската нуклеарна програма – останува да видиме. Во секој случај, иако моментно никој не сака војна во Персискиот Залив, сепак, тоа не е некоја гаранција дека развојот на настаните не можат да ескалираат до точка кога војната многу лесно почнува… а тешко се запира.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com