Ѓаволска работа

Според досегашниот тек на преговорите околу Пржино, опозицијата речиси по правило останува со „кратки ракави“. Власта е онаква каква што е сите овие десет години, но опозицијата е недорасната, да не речам неспособна
И ете „злогласната“ „Фридом хаус“ го објави најновиот извештај за состојбата со демократијата во светот и состојбата со човековите права сфатено во најширока смисла на зборот. Во извештајот на оваа „злогласна“ меѓународна организација (злогласна ја прогласија медиумите и новинарите кои кај нас се самоименуваат како патриотски) вообичаено има и дел за Македонија, во кој се вели дека ние продолжуваме со надолен тренд кога станува збор за демократијата и човековите права. Дури јасно е запишано дека во нашиот регион (Западен Балкан) Македонија бележи најголем пад кога станува збор за демократијата, владеењето на правото, слободата на медиумите и така натаму. Со други зборови, имаме нефункционална држава и државни институции. Па така и понатаму остануваме во групата на таканаречени „делумно слободни“ (Partly Free) држави.

На пример, Хрватска, која имаше вистинска војна и режим на Туѓман е веќе во групата на целосно слободни држави, а за Словенија и да не зборувам. Србија, исто така, е подобра од нас. Интересен е уште еден податок. За време на првата влада на ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски, Македонија беше во групата на делумно слободни држави, но на многу подобро место од денеска. Понатаму, во периодот од 2002 до 2006 Македонија паѓа надолу, најлоша е во 2005 година. Во 2006 година бележи мал, но сепак позитивен тренд, кој трае заклучно со 2008 година. Да потсетам, таа година започна „серијалот предвремени избори“ кој сè уште трае, а тогаш опозицијата, поточно СДСМ, на чело со Радмила Шекеринска доживеа и најголем пораз, дури поголем од последните вонредни избори од 2014 година, кои СДСМ не ги призна.
ВМРО-ДПМНЕ по сè изгледа „осоколено“ токму од оваа победа во 2008 година тргна во офанзивна партизација на државата и државните институции, а потоа на целосна контрола на медиумите и така на листата на „Фридом хаус“ од 2009 година ние постојано тонеме по сите критериуми од демократија, правна држава, слобода на говорот, па сè до општите човекови права. И денеска сме најлоши во регионот.
Зошто? Ако ја следиме логиката од говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред Унијата на жените тогаш и ова е работа на ѓаволот, кој преку опозицијата, соросоидите и нивните медиуми ја остварува својата демонска цел. Во таа група, според Груевски, се некои си ванхаутовци, понатаму некакви технички министри, некоја Катица, кои сеат магла. Но, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на 24 април народот повторно нему и на неговата партија ќе му ја даде довербата да ја води државата, а потоа на клоци ќе бидат избркани сите овие сејачи на магла или разбрана во поширок контекс слуги на ѓаволот.
Груевски не сакаше да каже кој е ѓаволот. Е, туку има една „мала“ грешка. Според мене, ако има избори на 24 април ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе победи. По победата сигурно „на клоци“ (ова сфатете го симболично) ќе ги избрка сите сејачи на магла, а секако Катица Јанева и нејзиното специјално обвинителство. Но за да го истераш ѓаволот, односно шејтанот (како што го именуваат нашите сограѓани припадници на исламот), не е доволна само изборна победа, туку треба посебна постапка позната како егзорцизам. Ама тоа кај нас сè уште не е под капата на партиите, па затоа процесот на истерување на ѓаволот Груевски ќе треба да го препушти на клирот од двете најголеми конфесии кај нас.
Ама, бидејќи што би рекол народот, ѓаволот одамна ја однел шегата, да се обидеме на целокупната состојба да погледаме реално. Факт е дека основната цел на договорот од Пржино кои ни го скроија Брисел и Вашингтон имаше една единствена цел – да се обезбеди стабилност во државата, а со тоа и во регионот. Груевски и Ахмети дискретно потпомогнати од Тачи тоа во овие десет години докажаа дека можат да ја обезбедат стабилноста и меѓуетничка каква-таква толеранција и соживот. Затоа овој договор, кој по својата содржина е ниту риба ниту девојка, не дава можност за започнување на вистински процес за демократизација на целокупното општество, за започнување на владеењето на правото и функционирањето на правната држава, за враќање на професионалните стандарди во медиумите, а со тоа и слободата на изразувањето. Ако тука го додадеме и фактот дека СДСМ, поточно неговото водство на чело со двоецот Заев-Шекеринска, се покажа навистина недораснат на реалната состојба, тогаш е јасно дека договорот од Пржино ќе биде само уште една фарса во низата наши историски грешки.
Некој ќе рече, зошто ја прозивам опозицијата, а не власта. Па, власта е таква каква што е и таа сама по себе нема да се смени, а кога ќе се почувствува и најмалку загрозена, тогаш настапува онака како што беше кажано во последниот говор на Груевски. Затоа и оваа оркестрирана канонада против Катица Јанева и специјалното обвинителство. Ако судиме според досегашниот тек на преговорите околу имплементацијата на договорот од Пржино, опозицијата речиси по правило останува со „кратки ракави“. Иако делумно за ова вината лежи во таа хермафродитноста на договорот од Пржино (овластувањата на техничките министри и на „фластер министрите“), сепак во голема мера се должи на недорасноста, да не речам неспособноста на опозицијата. Се има впечаток дека сега опозицијата, а богами и јавноста, очекуваат Катица Јанева како добра самовила со своето волшебно стапче да реши сè. Да ја оствари десетгодишната желба на опозицијата да се врати на власт, да почне да дејствува правната држава и на институциите кои веќе дваесетина години се партизирани. И да ги доведе пред лицето на правдата оние кои во овие десет години грешеле и правеле криминал. Ако притоа успее и да врати барем нешто од оние 450 милиони евра, кои според некои меѓународни институции секоја година од Македонија „заминуваат“ во егзотични држави како што е Белизе, тогаш навистина ќе ја прогласиме за добрата самовила.
Ама, за жал, тоа го има само во бајките. Како што сега стојат работите изгледа опозицијата повторно се изгуби во времето и просторот. Ако добро го разбрав потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, тие ќе се откажат од предложените амандмани на методологијата за пречистување на избирачкиот список ако власта ги прифати предлозите на посредникот Ванхауте за реформа на медиумите. Кој е овде збунет, кој е луд, а кој е Фауст и сè продал на ѓаволот. До вчера СДСМ инсистираше на амандманите, со кои суштински ќе се подобри методологијата за пречистување на избирачкиот список, а без пречистен избирачки список нема кредибилни избори. Дури опозицијата, а и некои експерти јавно тврдеа дека до 24 април не може да се пречисти Избирачкиот список. И сега како на пазар ќе се ценкаме – ја тебе амандманите за Избирачкиот список, ти мене реформата на медиумите. И се повторува фарсата.
Генералниот директор на МРТВ јавно го промовира етичкиот кодекс за покривање на изборите, кој ете го направиле заедно со Британската амбасада, а по образец на Би-Би-Си. Последниот сдсмовски директор на МРТВ, Гордана Стошиќ, исто така, правеше реформи со експерти од Би-Би-Си и сетете се до кое дереџе дојде тогаш јавниот сервис. Потоа, сетете се на оној Словенец, кој го донесе оваа влада со помош на ОБСЕ, па сетете се колку јавни расправи, разговори и воркшопови се направија додека се донесе сегашната законска регулатива за медиумите. Зарем се заборави на госпоѓа Мијатовиќ од ОБСЕ, која дојде и рече дека нашите закони за медиумите се добри и според европски модел.
И така, додека власта си го тера своето, а опозицијата талка изгубена во времето и просторот од државата, само за една година си заминале околу осумдесет илјади граѓани, односно околу 4 проценти од целокупната популација. Зарем ова не е некаква форма на државен егзорцизам врз сопственото население? А, бидејќи ова е пред сè морална дилема, ќе се послужам со мислата на Мартин Лутер Кинг, која колегата Поповски навистина ефектно ја цитира во својата вчерашна колумна „Најжешкото место во пеколот е резервирано за оние кои останаа неутрални во времињата на голем морален конфликт“. Времето на гледање сеир и на сеирџиите кај нас одамна е поминато, ама изгледа дека не сме свесни за тоа.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com