Што сега??

 

 

И така помина рокот за состав на новата влада, мандатарот Никола Груевски ете не успеа да собере мнозинство иако неговиот досегашен коалициски партнер Али Ахмети, и со руки и ноги (како што викаат кај мене у Дебар мало) се обидуваше да ги убеди своите сопартијци дека треба да се оди во коалиција со Груевски и да се почитува таканаречениот „Мајски договор“ според кои коалициски партнери и владата ќе ја составуваат победниците од етничките трла (македонското и албанското). Но овој предлог на Ахмети на претседателството на ДУИ не помина а иако Ахмети има статутарна можност да сам одлучи сепак тоа не го стори. Интересно Груевски и ден денес тврди дека таков договор не потпишал!! Онаа павлиха (словенечки израз за дворски шут) кои со нашите гласови живее во претседателската палата на Водно, сега од Собранието бара известување дали мандатарот Груевски доставил предлог за состав на нова влада, и секако програма на таа нова влада. Наместо  преку својот кабинет да го повика, Груевски кои ќе го извести дека не успеал да состави влада и дека го враќа мандатот што е нормална и стандардна демократска процедура  сега бара собраниската администрација да го информира. Тоа што фактички ние немаме конституиран парламент бидејќи не беше избран претседател на Собранието, за оваа павлиха не е важно. Сепак Собраниската администрација која и во вакви услови функционира го извести кабинетот на Иванов дека Груевски како мандатар до 29 јануари до 24 часот не доставил предлог за состав на нова влада. А бе да се крстиш со лева рака.

Како и да е сега се поставува прашањето дали Иванов сега мандатот ќе му го додели на Заев?? Оние патриоти експерти поаѓајќи од своите квази патриотски побуди поткрепени со лукративни бенефити се утепаа докажувајќи дека Иванов под ниеден услов не смее да го даде мандатот на Заев односно на втората по број на пратеници партија. Тоа што според мене е најтрагично е фактот дека вакви персони по факултети образуваат идни правници, политиколози и слични профили. Само еден пример за овие големи експерти. На претпоследните парламентарни избори во Словенија најмногу гласови а со тоа и пратеници освои партијата Позитивна Словенија на Јанковиќ, патем актуелен градоначалник на Љубљана. Нормално претседателот на државата нему му го даде мандатот но Јанковиќ не успеа да состави влада и го врати мандатот. Потоа мандатот го доби Јанез Јанша бидејќи неговата партија беше втора по освоени пратенички места. Јанша се покажа успешен во преговорите со другите парламентарни партии состави парламентарно мнозинство со тоа и влада а тој стана премиер. Во Словенија ниту еден политички субјект а уште помалку експерти рекоа дека претседателот на државата го прекршил уставот а Јанковиќ ниту еднаш не спомена дека не се почитува волјата на народот. Ама кај нас вакви позитивни  и основни демократски стандарди и практики не се почитуваат.

Интересно е и нешто друго. Зошто Тирана и Приштина многу јавно и гласно да не речам и малку агресивно навиваа за коалиција помеѓу Ахмети и Груевски односно помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. На пример сете се дека Груевски во сите анкети во изминативе години па без разлика дали тие анкети ги правеше ИРИ или некоја наша агенција кај Македонците имаше висок позитивен рејтинг кај Албанците имаше многу низок односно негативен рејтинг.

И сега прашањето е како и со кого Заев, ако го добие мандатот ќе прави влада. Едно е сигурно мора да коалицира со ДУИ и неговите десет пратеници но тоа не е доволно и ќе мора да вклучи барем уште една албанска партија. Одеднаш барем кај македонските медиуми се заборави дека до вчера за коалицијата Груевски Ахмети се пишуваше дека таа се темели исклучиво врз тендери. Ако Груевски и фамилијата се сомничат за криминал (оправдан сомнеж произлезе од бомбите) но и за други кривични дела, дали заборавивме дека дел од тие сомнежи се однесуваа и на ДУИ односна на Ахмети и неговите најблиски соработници. И одеднаш повторно двојни аршини Ахмети во коалиција со Груевски е „тендер коалиција“ ама ако оди со Заев е тогаш тоа е демократија и израз на волјата на народот. Но тоа е нашата ниска политичка култура во која нема ниту трунка од основните принципи и демократски стандарди туку исклучиво се сведува на борба за власт а преку власта бенефити или речено народски богатење.

Ако би можеле со некакво чаробно стапче Груевски и фамилијата, Заев со своите најблиски, како и Ахмети со својата тајфа да ги префрлиме на некои егзотичен остров на Карибите или можеби некаде на Јужен Пацифик и таму во мир и среќа да ги уживаат своите со пот заработени пари навистина би било најдобро и за државата ама и за нас граѓаните. Ама свесен сум дека ова ја надминува и научната фантастика и сите овие персони ќе треба или да ги трпиме и понатаму, или да ги испратиме некои во политичкото буниште а некои можеби таму каде што ќе одреди правдата и законите. Ама за ова како граѓани би требало да имаме gats би рекле  америте.

Затоа колку да звучи во овој момент херетички во Македонија многу тешко ќе може Заев или кој било друг да направи вистинска политичка влада без разлика колку таа ни е потребна во моментов. Мислам дека многу подобро е да се направи пред сѐ вистинска експертска влада која во еден период од минимум година дена ќе ги реши приоритетни прашања и проблеми за кои патем зборуваат и очекуваат меѓународните фактори од Брисел па до Вашингтон. А тоа се нашата интеграција во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ па до започнување на процеси кои подразбираат вистинска парламентарна демократија, целосно почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, владеење на правото а со тоа функционирање на правната држава и функционални државни институции. Влада која ќе ги започне вистинските процеси на реформи во судската власт, потоа реформи во образованието и образовниот процес, економски развој а не “Потемкинови“ села во таканаречените слободни индустриски зони, вистинско функционирање на социјалната димензија на државата, а не  злоупотреба и еден вид на клиентелизам  Односно враќање на државата на еден нормален колосек кој секако на почетокот не може да обезбеди не знам каков динамичен економски раст кои ќе го чувствуваме ние граѓаните. Но, кои на самиот почеток ќе донесе и ќе покаже дека може да се владее и поинаку дека граѓанинот не треба да се плаши и да живее во некаков страв. Односно ќе почне да се создава општествена атмосфера во која младиот човек ќе може да ја види но и да почувствува својата иднина токму тука, во својата држава. Знам некој ќе рече дека и јас се занесувам. Можеби, не на крајот многу психолози ќе ви кажат дека кај постарите луѓе се појавува таканаречениот инфантилизам, односно подетинување, а во таа постара категорија спаѓа и мојата дребност

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com