ШТО НАРОД ЌЕ БЕВМЕ?!

Навистина човек се прашува онака народски, што држава ќе бевме, што народ ќе бевме? Ама тоа што посебно треба да се прашаме е како е можно после 25 години на “самостојност“ на “политички плурализам“, “парламентарна демократи“ и после оние силни милијарди кои Отвореното општество на Сорос,  фондациите Конард Аденауер, Фридрих Еберт, потоа Вестминстерската Фондација од Британија НДИ од САД ( наброив само оние со најдолг стаж кај нас) ние сме на ова дереџе односно веќе две години живееме во целосна криза. Да потсетам кризата  започна со непризнавање на изборните резултати во 2014 година,  па преку бомбите на Заев и големите демонстрации лани стигнавме  до договорот од Пржино, а еве сега сме во фаза на Шарена револуција.  Ако ги погледате  (CV) биографиите на нашите политички елити ќе видите како поносно ги нижат сите “обуки“,  “воркшопови“, “шнел курсеви“ кои ги поминале во или преку споменатите фондации. Од друга страна  веќе дваесет и пет години сме сведоци дека за нив политиката е пред се и над се како да се освои власта, да се воспостваи  авторитарно владеење а преку него лично  богатење.  Авторитарното владеење се гледа преку целосната партизација на сите сегменти од општеството и државата, па така на листата на Фридом хаус “догуравме“ до групата на неслободни држави според сите параметри, од општите човекови права и слободи до целосна (не)функционалност или ако саката партизираност на институциите.

Но да се вратиме на актуелната состојба. Минатата недела кога беше најавено дека повторно ни доаѓа од Вашингтон Хојт Ли заменик на госпоѓа Викторија Нуланд но и специјалниот пратеник на Германија Јоханес Хајндл ДУИ поднесува иницијатива до Уставниот суд да ја преиспита одлуката за распуштање на парламентот. Во вторникот пратеникот на ДУИ господин Груби во телевизиската емисија Топ Тема изјавува дека тој е што би се рекло 99,9 проценти сигурен дека Уставниот суд ќе ја прифати иницијативата на ДУИ и дека ќе ја укине одлуката за распуштање на парламентот а со тоа станува и ништавна одлуката за предвремени избори закажани за 5 јуни. И види “точна“ прогназа на господин Груби. Во средта Уставниот суд носи привремена мерка со која се замрзнуваат сите активности околу изборите закажани за 5 јуни. А само два месеце пред тоа иста таква иницијатива, само од друг подносител Уставниот суд ја отфрли. Е ајде речете дека Уставниот не работи на даљинско..  И веќе попладнето во средата претседателот на Сбранието ја закажа 101 собраниска седница  на која под итна постапка беа  донесе измени и дополнување на Изборниот закон односно беше избришан датумот за избори. Пред тоа беа усвоени оставките кои ги имаа поднесено  уште пред распуштањето на парламентот дополнителните министри за Внатрешни работи Оливер Спасовски  и Министерот за Труд и социјала госпоѓа Ременски, а на нивните места повторно се вратија “старите“ министри Чавков и Спасов. И сега се поставуваат неколку дилеми. Прво, овие јас ги именувам фластер министри беа поставени според Договорот од Пржино а и актуелниот (технички) премиер  Емил Димитриев на оваа функција го замени Груевски токму врз одредбите од овој договор. Односно имавме некаква “техничка влада која требаше да органзира фер и кредибилни избори.  Сега кога веќе нема вакви фластер министри и исто така фластер заменици министри, останува отворено прашањето дали и понатаму  владата ја разбиравме како техничка која има за цел да подготви кредибилни избори кои ете сега ги нема. Дали Димитриев е и понатаму технички премиер или ова е повторно политичка коалициона влада со политички премиер од мнозинската партија ВМРО-ДПМНЕ? Шпекулацииите се најразлични од тоа дека Груевски полека но сигурно се враќа на премиерската (за две недели), додека според други шпекулации, дискретно со помош на странците се подготвува некаква влада на широка коалиција односно експертска која пред се ќе има задача да создаде услови и да почне да ги имплементира забелешките на Прибе кои се вградени и во догворот од Пржино, а потоа да се оди на избори. Интересно некои од самонаречените “првоборци“ на Шарената револуција ( до вчера беа борци за демократија) ала другарот Геро, сето ова што се случуваше неделава го оцени како голема победа на опозицијата. Јас (и не само јас) мислам дека не е така. Мислам дека опозицијата секогаш кога ќе влезе во институционално решавање на кризата едноставно се губи и во времето и во просторот. И богами според мене да не и се случи “Изгубени во свемирот“ односно да не се удават ги држи само Шарената Револуција односно граѓаните кои секојдневно со право протестираат, иако лично мислам дека треба малку да “забават“ со боењето. Сепак се поставува прашањето каде во сето ова се странците. Американецот Хојт Ли вчера изјави дека лидерите мора да ја поправат штетата предизвикана од аболицита, односно таа да се повлече во целост. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во четвртокот поднесоа некаков предлог на измени на законот за помилување. Предлог со кој се дава можност Иванов да ја повлече аболицијата за сите оние кои тоа го побараат а за другите кои тоа нема да го сторат тогаш тој ќе може по свое разбирање да го повлече или да го остави помилувањето. Значи имаме поединечно а не целосно укинување на аболицијата. Реално спротивно на она што го кажа Хојт Ли!? Ајде што ВМРО-ДПМНЕ (поточно Груевски и фамилијата) секогаш се обидува да ги “превесла“ странците а сметката за ова ја плаќаме ние граѓаните барем досега ДУИ беше “исполнителна“ кога стануваше збор за барањата на “америте“!   Но да се вратам на дилемата дали е ова еден чекор напред во решавањето на кризата или повторно опозицијата ќе остане со кратки ракави. На ова “кратки ракави“ на пример многу јасно предупредува Арсим Зеколи ама и професорот Фрчковски во својата најнова колумна. На пример со новостариот министер за Внатрешни работи Чавков треба да си навистина наивен да веруваш дека СЈО ќе може ефикасно да работи. Како и да е иако сето ова што се случува барем мене ми личи на делумно успешен потез  како “фамилијата“ (која сеуште има одлични односи со коалицискиот партнер ДУИ да се спаси.  На пример  како да се разбере господин Артан  Груби кој во вторникот најави дека ако нема датум за избори тогаш зошто да немаме регуларни избори во 2018 година?? Празните флоскули демек бетонот на Грујо пак попуштил кој доаѓа од  Заев ниту малку нема да ја подобрат положбата на опозицијата и во однос до граѓаните ниту до меѓународната заедница. Времето полека но безмилосно си врви  А ако навистина ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ успее изборите да ги пролонгира на пример до идните локални избори  дотогаш  ќе згасне и СЈО единствената институција која барем досега работи независно од власта односно “фамилијата“.  Институција во која сите гледаме спас за државата.  Дотогаш и “бојата“ ќе се потроши, а идеите и духот на Шарената револуција ќе се исперат.  Малку на сила, малку преку “успешни  владини реклами“(читај манипулации), малку со “нати-дајми“ односно модерно речено клиентизам.  А обоените згради и споменици??? Ајде ви се молам на ова одговор даде секако “спонтано “онаа  госпоѓа која излезе заедно со неколку свои “спонтани другачки“да ја чисти Портата од хулиганското однесување на оние кои ги уриваат своите “потомци“ Филип  Аце и слични. Ама нема проблем  тие имаа хемиски средства бојата да се измие и нашите “потомци“ ама и актуелни лидери повторно да светнат во целата своја беда.   Што народ ќе бевме?!

 

 

п.с  Алооо мајстори Црна Гора од идната година  станува членка на НАТО

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com