ШЕСТ МЕСЕЦИ ПОДОЦНА

Од сите потези на двоецот Заев – Шекеринска од денот на изборите, па до денес се забележува само една константа – како да се зачува лидерска позиција во партијата

И додека во Европа се одбележува 25 години од паѓањето на Берлинскиот ѕид (повеќе за ова во колумната на колегата Поповски објавена во четвртокот), ние веќе шест месеци се занимаваме со инаетот на СДСМ и нивниот бојкот на Собранието, затоа што не ги признавале резултатите од „криминалните“ парламентарни избори. Во суштина овој инает го води, пред се’, двоецот Заев – Шекеринска зад што се крие нивниот лидерски неуспех. Ако се направи и површна анализа на сите потези на двоецот Заев – Шекеринска од денот на изборите пред шест месеци, па до денеска, се забележува само една константа – како да се зачува лидерска позиција во партијата. Веќе на самиот почеток од бојкотот кога го поставија условот за формирање техничка влада, која ќе има само една задача – да организира нови парламентарни избори – се виде дека целта не е ниту демократија ниту правна држава, туку гола борба за власт.

Сетете се како на почетокот пратениците од СДСМ ги поднесоа оставките до ДИК. Претседателот на ДИК, предложен од опозицијата, го почитуваше до крај законот и оставките не ги прифати бидејќи ДИК не е надлежна за ова, туку Собранието. Претседателот на Собранието со цел да овозможи политички дијалог ја „замрзна“ седницата на која требаше да се констатираат оставките, потег кој го дозволува Деловникот. Но претседателот на Собранието мора да го почитува Уставот, а според член 65 ако пратеник 6 месеци неоправдано не доаѓа на седница, се поведува постапка за одземање на мандатот која мора да биде донесена со двотретинско мнозинство. Одговорот на СДСМ на ова е, демек, претседателот на Собранието не треба да поведува постапка, туку нека ги констатира оставките.

Интересно, неделава во една телевизиска дебата професорот Спасов, некогашен генерален секретар на СДСМ, изјави дека со „замрзнувањето“ на седницата претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, направил добар потег бидејќи дал можност на дијалогот. Во која вистински демократска и правна држава се прави некаква техничка влада на три месеца пред избори, со цел да се обезбедат фер и демократски услови?! Белгија речиси две години немаше политички дијалог, ама никој не рече дека нема демократија. Зошто СДСМ не бара измени на изборниот закон со кои ќе се воведе изборен праг како што е скоро во сите држави кои го користат Донтовиот изборен модел и во исто време не се воведе забрана за предизборни коалиции, односно чешкиот модел, според кој за предизборна коалиција од 5 и повеќе партии изборниот праг е 20 проценти, додека за индивидуален настап на партија само 3 проценти. Одговорот е јасен. Ниту на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ не им одговара вакво нешто бидејки тогаш во Собранието и малите партии ќе имаат реална моќ, како што е, на пример, во Словенија, Хрватска, Италија и ред други држави.

Она папагалско повторување од страна на водството на СДСМ дека Вељаноски манипулира и ги чува во фиоки оставките на пратениците во суштина е нивна евтина манипулација. Ако веќе редовно си земаат плата, тие можат во секое време да дојдат на седница, секој од нив да побара збор без разлика што е на дневен ред и од собраниската говорница треба само да изјави дека си поднесува оставка на функцијата пратеник. Во тој момент според Уставот (член 65) мандатот му завршува. Ама демогагогија плус една илјадарка (евра исплатени во денари) богами не е лошо.

И сега што? Повторно ни се најавува бомба, која никако да пукне. Знаеме како заврши првата. За ВМРО-ДПМНЕ, за Груевски како лидер, но и за другите функционери, ќе беше многу поефикасно ако во тужбите бараат некакви симболични казни од едно евро, а не во десетици илјади. Навистина водството на СДСМ се’ уште е на ниво на салонски револуционери и левичари, ама прашувам дали нивните аналитичари, нивните спин-доктори не сфатиле дека дури и кај нас во нашето општество се менуваат состојбите. Ако се погледне последното истражување на ИРИ, јасно се гледа дека кај нас веќе не се гласа „против“ туку се гласа „за“. Тоа водството на ВМРО-ДПМНЕ добро го сфати, а нивните спин-доктори со помош на странски експерти (Институтот „Конард Аденауер“, ама и други) секој ден ни се пласираат нови успеси и достигнувања. Дури и тогаш кога овие чести виртуелни успеси ќе пукнат како меур од сапуница се сервираат зашеќерени небулози дека Владата, односно надлежниот министер не е виновен, туку некои друг.

Еве неколку примери. Мојот „омилен“ и хиперактивен министер за здравство се „пожали“ како над четириесет илјади закажани прегледи преку „мој термин“ пропаднале. Пред тоа се фалеше како ќе ги казнува докторите кои доцнат на „мој термин“, а најави и тоа дека секој лекар ќе добие и ГПС, па ќе се знае каде е во секој момент. Браво, ама да признае дека неговиот „мој термин“ му е голема „утка“ дека лебарки и натаму шетаат по клиниките, дека наградувањето по „учинок“ едвај само еднаш помина и тоа токму заради спинување. Е тоа нема да го доживееме, бидејќи тоа во нормални држави подразбира и оставка.

Или фијаското со братот Субрата Рој и неговите 20 илјади крави молзници кои ќе го оживеат земјоделството во Овчеполието. Од сето ова остана само телевизиските снимки како министерот за финансии седнува во оние големи (позајмени) трактори и прегратките со братот Субрата Рој. Нормално нема оставка. Нема оставка ниту за ладните радијатори во училиштата, нема оставка за „чистиот“ воздух во Скопје, Тетово, Битола…

Од 2008 година кога се одржаа првите предвремени парламентарни избори и кога СДСМ предводена тогаш само од Шекеринска доживеа најголем пораз, ние само формално имаме опозиција. ВМРО-ДПМНЕ во овој период успеа преку легални „демократски“ потези, но и со методи кои припаѓаат на „политичкото подземје“, како што е, на пример, контролата на медиумите, судската власт, организираната „диференцијација“ на патриоти и предавници, но, сепак, благодарејќи на неспособноста на водството, од СДСМ направи „зомби“ опозиција која талка на политичкиот простор. И сега кога сепак се даде каков-таков простор за дијалог опозицијата, поточно лидерскиот двоец Заев-Шекеринска, и тоа го уништуваат. Зар Шекеринска не може да разбере дека ако француските социјалисти и’ дале поддршка, тоа обичниот гласач не го импресионира.

Како што вели францускиот политиколог Доминик Моаси, дека сега, 25 години по падот на Ѕидот, можеби е поприкладна дефиницијата дека „влегуваме во крајот на крајот на историјата“, парафразирајки го насловот од познатиот есеј на Фукујама (цитатот е преземен од споменатата колумна на Поповски), се плашам дека ако вака продолжиме како општество тогаш влегуваме во некој друг многу понепријатен крај.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com