ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА

Во минатата колумна напишав дека по се изгледа нам ни треба нов АСНОМ ако навистина сакаме да имаме држава. Настаните што деновиве поточно оваа недела ни се случуваат се повеќе барем мене ме уверуват дека ние не сме способни да најдеме институционално решение за кризата. Онаа „павлиха“ (словенечки израз за дворски шут) од претседател продолжува со своите потези државата, општеството а со тоа и сите нас како граѓани да не влече кон дното, ако општественото пропаѓање воопшто има дно. Па така сега вели дека тој со своите „врвни правни експерти“ барал ама не можел да најде форма како да ја повлече аболицијата која всушност беше глоговиот колец на Пржинскиот договор кој и така беше сведен на „зомби“. Замислете сега оваа „павлиха“ од претседател ги кани лидерите на четирите партии потписнички Пржинскиот договор да му помогнат за да се изнајде решение како да се повлече аболицијата. Е по моронска изјава навистина не сум слушнал. А патем да ја потсетам односно да ја прашам оваа личност дали ја слушнал или го поканил академикот Камбовски да му објасни  како да ја повлече аболицијата. Но да не се залажуваме, сето ова не е оригинална идеја и автохтони потези на оваа персона туку типично балканска фолклорна политичка игра со една единствена цел, да се спаси фамилијата. Патем со еден не многу  дипломатски јазик ова директно ни беше кажано како од ЕУ и Вашингтон, а во средата многу остра опомена дојде од Берлин. Заеднички иментил на сите овие ајде да речеме предупредувања од меѓународната заедница е Иванов да ја повлече аболицијата.

И што сега? Денеска во Виена требаше еврокомесарот Хан и тројката европратеници Кукан Ховит и Вајгал да се сретнат со нашата „голема четворка“ демек да се преговара сите да се вратат на обврските од Договорт а со тоа земјата да се врати на евроинтегративниот колосек. Во суштина ако се одеше денеска во Виена барем оние кои ги познаваат техниките на преговори ќе ви кажат дека в немаше да има никави преговори, туку на нашиве четворица балкански политиканти ќе им беше даден документ околу кој немаше да се преговара туку нашиве „поглавици“ ќе беа соочени со земи или остави (take or leaving).

Интересно е дека ЕУ и еврокомесарот Хан кој изразија жалење дека до средбата не дошло бидејки немало услови за тоа. Странците не ја лоцираат директно вината но мислам дека е јасно, дека аболицијата на Иванов е главната причина која странците ја оценија како ретроградна и во спротивност на Договорот од Пржино. Како и да е сега од Брисел ќе следат санкции. Веќе во јуни може да ни биде одземен статусот на држава кандидат, понатаму може да се замрзне имотот и сметките на политичарите, ако ги имаат во државите членки, или забрана за патување на политичарите во државите членки на ЕУ односно она што го рече Бугарскиот премиер Борисов, јас не сакам на Груевски ниту добар ден да му кажам. Како и да е се ајде да се надеваме дека Брисел нема да оди и чекор понатаму па повторно да ни воведе визен режим.

Сето ова покажува дека Брисел и Вашингтон сериозно ја сфаќаат тешката политичка состојба во која се наоѓа Македонија, но исто така се свесни дека наместо морков сега ќе го употребат стапот за да не вратат во евроинтегративниот процес. Секако кој е виновен за сегашната состојба е јасно дека најголемиот виновник е власта односно владејачката елита. Делумно е виновна и опозицијата која за жал не ја искористи онаа огромна енергија од граѓаните која доаѓаше минатата година во мај. Едно е факт дека актуелните политичките елити кај нас нема да можат да ја решат актуелната политичка криза посебно не преку институциите. Граѓаните и невладиниот сектор уште помалку. Имено во сегашната состојба кај на се развива во правец кој води кон преврат како решение на политичката криза. На пример ако власта тврдоглава остане на ставот дека избори мора да се одржат на 5 јуни и тоа го стори, а верувајте нема да и биде тешко да најде политички субјекти кои ќе глумат демек опозиција, тоа ќе биде типичен класичен преврат. Каде тоа ќе води мислам дека не треба да елаборирам. Целосна изолација на државата а дома отворен авторитарен режим кој на моменти ќе поминува и во класичен тоталитаризам. Дали е можен преврат кој би го наравилеграѓаните и опозицијата. Да ако меѓу нас како граѓани се најде доволна критична маса и ако во исто време барем сегашната опозиција направи квалитетна смена на нивната актуелна политичка елита. За жал во моментов не гледам дека меѓу граѓанските протести се создава таа критична маса, а уште помалку може меѓу нив да се најде лидерство. Да потсетам студентските немири од 1968 (патем јас тогаш имав 18 години и мој идол беше Ел команданте Че Гевара) имаа свои лидери. Добро не треба сега ова да се разбере како повик на оружена револуција ама барем ајде уште еднаш, да се навратиме како на Ерих Фром посебно на неговото дело Бегство од Слободата а можеби уште повеќе на Хербет Маркузе кој со право го нарекуваа татко на новата левица и неговите дела посебно Едно димензионален Човек. Ама да не се правам многу паметен за почеток би требало сите ние во кои останало барем трошка од она што се вика граѓанска одговорност да ги следиме размислувањата и ставовите на Владиката Пимен дека е дојдено време да ја напуштиме онаа погубна максима или стил на живеење „наведната глава сабја не ја сече.“ Напротив, вели отец Пимен ова се моменти кога мора да се оди со крената глава и да победи вистината.

Во спротивно Шарената револуција, ќе заврши како шарени лаги кои дваесет и пет години политичките елити ни ги продаваат а ние како кленови на дудинка редовна се фаќаме на нив.

Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com