Шарената револуција – goes on

И така нашиот „павлиха претседател“ (павлиха е словенечки израз и најблизок превод би било дворски шут) продолжува со своето однесување како павлиха. Трагично е дека во четвртокот при постухумното доделувањето на одликувањата на загинатите припадници на безбедносните сили на МВР најбезобразно се обиде трагичната смрт на овие осуммина храбри луѓе да ја инструментализира во актуелната длабока политичка криза. Повторувајќи, веќе не знам по кој пат дека ни треба единство и да се сплотиме околу државните интереси оваа павлиха од човек ќе рече “Оттука нивната жртва е влог кон иднината и помирувањето на Македонија“. Да ја прашам оваа персона (за која без трунка скромност уште кога прв пат го кандидираа за претседател напишав дека е една потпросечна личност и политикантски конвертит),  дали овие осуммина храбри полицајци како и оние над триесетина ранети не се жртви на неспособноста на одредени институции задолжени за безбедноста на државата. Како е можно среде еден град да ви се уфрлат толкава група на терористи и од неколку куќи направат фортификациони објекти а Агенцијата за разузнавање која е директно под ингеренции на претседателот ништо не открила. Исто се однесува и за ДБК. Понатаму да го прашам овој дворски шут дали овие осум жртви треба да не сплотат околу аболицијата на целокупната „фамилија“ која ако не директно (има и такви шпекулации) индиректно е виновна за нивната трагична смрт. Само посебе се наметнува прашањето дали „Фамилија“ која фактички го инсталира за претседател на државата, па сега тој со незаконската аболиција им го враќа долгот. Дали да се обединиме околу фактот што со аболицијата беше опфатен и јавно разоткриен сведок на Специјалното Јавно Обвинителство кој минатата недела исто така загина под се уште неразјаснети околности. Само една компарација. Колегата Кежаровски беше осуден и одлежа затвор затоа што демек открил заштитен сведок за кој потоа се покажа дела бил лажен, а овој, демек наш претседател мува не го лази што можеби индиректно е виновен за неразјаснета смрт на сведокот на СЈО. Зарем да се обединиме околу неговите плитки лаги дека аболицијата ја направил самоиницијативно со цел да ја спречи натамошната „поделеност“ и „политичката криза“ која ја доведува во прашање нашата стратешка определба за членство во ЕУ и НАТО и воопшто иднината на државата. Е па нека си го прочита писмото кое вчера ни го испрати претседавачот на ЕУ и министер за надворешни работи на Холандија господин Берт Коендерс во кое јасно пишува дека токму аболицијата не оддалечува од ЕУ и НАТО. Овој “дворски шут“ од претседател уво не го боли што една Германија самоиницијативно именува свој „специјален пратеник“ иако ние како држава тоа не сме го побарале. Абе зарем ако до вчера бевме губернија со која дискретно „командуваат од скопското Кале и помалку од Пржино сега стануваме вистинска колонија. Односно во очите на меѓународната заедница ние се повеќе стануваме целосно нефункционална а со тоа и неодржива држава. Причина за ваквото однесување на меѓународната заедница и поедини наши пријатели, е политичката криза која трае веќе една година и за која најголемата вина е кај власта поточно кај „фамилијата“ која токму преку демек претседател на државата договорот од Пржино повторно го сведе на Палома хартија. Јас дури донекаде го разбирам и однесувањето на „фамилијата“ на чело со Груевски. Односно го разбирам нивниот инстинкт и борба за спас на својата кожа што не значидека и го прифаќам. Но во истовреме не ми е јасно како пред се кај членовите на ВМРО-ДПМНЕ посебно во органите на партијата ја нема онаа критична маса која ќе може политички да ја неутрализира „фамилијата“. Дали е тоа стравот што во овие десет години го наметна Груевски со своето авторитарно владеење, или е нешто друго не знам.

За жал се чувствува дека и кај „Шарената револуција“ се уште не е создадена онаа критична маса потребна за создаваше на услови да започне процесот на враќање на државата, институциите, општеството а со тоа и ние граѓаните во колку толку нормална состојба. Дали е во прашање некаков генетски код кој најдобро се гледа на онаа народна поговорка „наведната глава сабја не е сече“? Да потсетам неодамна отец Пимен јавно повика дека крајно време е да ја надминеме оваа наша историска а не биолошка генетика.

Токму заради фактот што ја немавме потребната критична маса ние дури во септември 1991 година едвај се решивме да одиме на референдум за самостојност и тоа со едно најблаго речено чудно референдумско прашање. А да потсетам Словенија референдум имаше 1990 година а истата година во рамките на СФРЈ и тогашниот Устав одржа повеќепартиски избори и влада врз изборните резултати состави коалицијата ДЕМОС, додека Сојузот на Комунистите на Словенија достоинствено се пресели во опозицијата. Скоро идентично се случи и во Хрватска со ХДЗ. Понатаму се прашувам ако имавме вистинска критична маса и потребен интелектуален потенцијал дали ќе дозволивме да се прифати референцата ФИРОМ, која тогаш ни се пласира како шарена лага дека ФИРОМ ќе трае само три до шест месеци. Или ако имаше критична маса пред се на интелектуалци и вистински експерти дали ќе дозволивме лустрацијата да прерасна во најгруба пресметка со политичките опоненти па дури лустриравме и умрени лица. Факт е дека сега имаме владеење на целосен автократски систем кој пред се преку развиен лукративен клиентелизмот се одржува цели десет години. Ама факт е дека автократски обиди за владеење среќаваме од 1991 односно во целиот период на самостојност. Поставувам само хипотеза ако уште тогаш имавме вистинска критична маса која ќе се спротиставеше на првиот обид за автократско владеење дали денеска ќе дојдевме на ова дереџе во кое целата држава е во заложништво на една „фамилија“ која е подготвена и државата и сите нас да не турне во бездна само тие да се спасат. Некој ќе рече дека сега се обидувам да релативизирам. Не, барем не ми е тоа целта. Напротив мислам дека е крајно време овој зародиш на критична маса која се појави за време не студентските немири организирани во студентскиот пленум и кога се појавија „неки нови клинци“ (што би рекол Балашевиќ) а еве сега преку Шарената Револуција се шири низ државата да им се придружиме сите без разлика на нашите политички убедувања. Притоа основниот мотив треба да биде еден. Прво да го испратиме во историското буниште режимот на фамилијата. Во истовреме како граѓани, да испратиме јасна порака па ако сакате и јасно предупредување до сите идни политички елити, дека секој обид за непочитување на принципите на демократијата, владеењето на правото, кршењето на човековите права и слободи како индивидуални така и колективни од страна на владејачките елити без разлика дали се леви десни или ако сакате и од Марс, секогаш ќе излеземе на улиците и тие политички елити едноставно ќе завршуваат во историјата. Ако тоа не го сториме сега  се плашам дека и како држава и како граѓани ќе завршиме многу брзо во историскиот заборав.

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com