ЧОВЕКОТ И ПРИРОДАТА

Несреќата во Тетово уште еднаш покажа дека секогаш ни е виновна природата, ама никогаш не е виновна државата, државните институции и ние граѓаните

Се прашувам дали некој многу покомпетентен ќе направи вистинска анализа за последната трагедија во Тетово која однесе и човечки животи па да се види колку сето тоа е резултат на силината и непредвидливоста на природата, а колку на она што го именуваме човечки фактор. Кога велам човечки фактор мислам како на однесувањето и потезите што ние како граѓани ги правиме, но пред се’ на институциите без разлика дали станува збор за локалната самоуправа или државата во целост.

На пример, свлечиштата кои сега се појавија во Тетовско. Колку е ова резултат на незаконското, ама и нестручното сечење на шумите. Или зошто повторно не функционираат одводните канали, речните корита или атмосферската канализација. И сега да се прашаме сите: дали одлуката на локалната самоуправа да се прогласи ден на жалост во Тетово ја намали болката на семејствата. Сигурно не. Понатаму, повикот на госпоѓа Арифи како градоначалник за солидарност со настраданите сограѓани, пред се’, да помогнат во достава на вода за пиење е во ред, ама некој треба да понесе одговорност зошто Тетово веќе 15 години се соочува со недостиг на вода за пиење. Зошто петнаесет години се гради водовод, односно петнаесет години не може да се обезбеди нормално водоснабдување на Тетово. Еднаш е виновно сушното лето, па потоа невремето, како што беше ова последново, па потоа ќе нема доволно снег и така натаму. Односно, секогаш ни е виновна природата, да не речам Господ, ама никогаш не е виновна државата, државните институции и ние граѓаните.

И во стилот на оној најригиден соцреализам по вакви настани веднаш започнува политичката пропаганда. На пример, ДУИ во првото соопштение, изразувајќи сочувство за настраданите, не заборави да потсети дека тие редовно следат се’ што се презема за надминување на последиците и дека водството е тука (демек меѓу тетовци) и е подготвено во секој момент да помине. Во исто време, ДУИ повикува несреќата да не се користи во собирање на дневно-политички поени. Ако ова соопштение (освен изразеното сочувство) не е собирање на дневно-политички поени не знам што друго би било.

Имено, што има ДУИ или која било друга партија да следи што се презема за надминување на последиците. За тоа се надлежни институциите, а не партиите. Понатаму, демек водството било тука заедно со тетовци и е подготвено да помогне!? Ако ДУИ, односно водството, со ова мисли дека тие ќе земаат лопати и метли и ќе помагаат во читањето на тетовските улици во ред, ама не верувам дека тоа се случило. Ова ме потсетува на ланската зима кога во Скопје падна голем снег па младите на ВМРО-ДПМНЕ организираа некакво чистење на тротоарите на улици. Па видовме цел куп млади дами во убави кожни чизми и богами високо потпетици како демек нешто чистат, секако додека камерата ги снима.

Ниту државата не заостанува во тоа дневно-политикантско рекламирање. Секако, Владата веднаш одржа вонредна седница и донесе одлука како првична помош на настраданите да им се додели еднократна помош од 500 евра. Браво влада, ама и невремето не дојде планирано, а патем по она што се случи во Тетово е нормално да се одржи седница на влада. Понатаму, Дирекцијата за заштита и спасување (според Македонското радио) ангажирала дури седумнаесет булдожери и не знам уште колку камиони за расчистување на последиците од поплавите во тетовскиот регион. Се прашувам, што е овде „вест“ и што е тука голем успех. Ако Дирекцијата ангажирала седумнаесет или седумдесет булдожери, едноставно е нејзина работа, односно нејзина примарна задача е да се справува со последиците од вакви настани. Верувам дека граѓаните од Тетово и околните села, а и мене лично ме интересира само едно кога состојбите ќе се вратат на ниво пред невремето. А ние граѓаните да можеме подобро да разбереме, односно да имаме претстава колку нашиве се добри, Македонското радио во првата половина од неделава не заборави во сите информативни емисии веднаш после Тетово да спомене дека во Индија, во Западен Бенгал, монсунските дождови предизвикале поплави, свлечишта, надојдената вода однела некој мост на локален пат и околу 200 луѓе ги загубиле животите, а десетици илјади останале без домови. Аман, со сиот пиетет за секој човечки живот, но е најблаго речено невкусно да се споменува Западен Бенгал и монсунските дождови. Колку е виновен човечкиот фактор и (не)делувањето на институциите за она што на почетокот на неделава се случи во Тетово а колку природата. На ова прашање не верувам дека ќе добијам одговор.

Но затоа слушнавме дека проектот „Македонија вработува“ продолжува со несмален интензитет, без разлика дали поради високите температури се прогласува портокалова зона или пак имаме поројни дождови. Убаво, ама не знам зошто Македонското радио не го објави последниот извештај за миграции на Државниот завод за статистика во кој се вели дека Охрид после Скопје е втор град во државата од кој најмногу луѓето се иселуваат, секако надвор од државата. Веста ја слушнав на охридското локално радио, а според цитираните податоци за една година над 600 граѓани се иселиле од Охрид. Замислете од град кој за актуелната Влада веќе одамна е прогласен за духовен, археолошки, туристички и уште не знам каков „бисер“ не само во државата и регионот, туку и многу пошироко, луѓето, што би се рекло на охридски дијалект од „убавини“ (убавини) ете се селат надвор од државата. Веднаш по Охрид е Струга, вториот односно помалиот „бисер“во овој регион.

И одеднаш ми стана јасно зошто премиерот Груевски во својот говор на Илинден меѓу другото рече: „Додека некои се залагаат да се укине правото на дијаспората да гласа, мене некој да ме прашува јас би го триплирал бројот на пратеници од дијаспората“. Станува збор за ситно извртување на фактите, никој не бара дијаспората да не гласа (како што е секаде во Европа) туку да нема пратеници од дијаспората (што го нема никаде во Европа). Но како што тргнале работиве со иселувањето на млади луѓе премиерот Груевски речиси да е во право. Се плашам ако овој тренд на иселување продолжи да не ни се случи за десетина години една третина од пратеничкиот состав на Собранието да ја избираме од нашата дијаспора ширум светот.

И на крајот, некој ќе се праша зошто во оваа колумна му се „навртив“ на Македонското радио. Имено, како секој август и овој, колумните ги пишувам и испраќам од под самиот врв на планина Јабланица, каде што од мојот прадедо имам една мала речиси би се рекло колиба. До оваа година, иако ете сум некаде далеку од цивилизацијата, благодарение на мобилниот телефон и интернетот и секако лаптопот можев да комуницирам со светот, а меѓу другото и со редакцијата на „Утрински весник“. За жал, годинава откако мојот мобилен и интернет провајдер Т-мобиле МК не’ усреќи со 3Г-интернет, во овој дел на државата не само што на мојот телефон нема интернет конекција, иако редовно ја плаќам, немам воопшто мрежа па не можам ниту на некого да му се јавам ниту пак некој да ме побара. Ова не се случува само со мојот телефон, туку со сите оние кои во овие краишта го користат овој мобилен оператор. Ама затоа албанскиот мобилен оператор веднаш го добивам.

И замислете иронија, во тој момент Т-мобиле МК ми испраќа смс-порака во која ми посакува добар пат и ме поучува како поевтино да разговарам во роамингот и да го користам мобилниот. Алооо, јас сум, сепак, во Македонија! И така, за да ја испратам колумната морав вчера во раните утрински часови да се спуштам 14 километри по еден лош шумски пат до селото Јабланица и да најдам некој од мештаните кој користи некој друг интернет провајдер за да ја испратам колумната. И да прашам – што работи АЕК кој нонстоп со разни небулозни реклами се рeкламира, пред се’, кај патриотските медиуми Нормално одговорот е „Остваруваме“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com