ЧЕКАЈЌИ ГО ПОНЕДЕЛНИК

По 24 години од независноста, ние се’ уште сме со референцата БЈРМ, а Словенија и Хрватска веќе ги остварија своите стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО

Неделава, поточно во вторникот, Словенија го славеше својот ден на независноста. Пред 24 години словенечкиот парламент донесе одлука за осамостојување на Република Словенија. Одлуката се темелеше на волјата на граѓаните на Словенија изразена на референдум во декември 1990 година. Со тоа фактички започна дисолуцијата (распаѓањето) на Југославија, но започна и војната на просторот на некогашната заедничка држава, а последиците и траумите се присутни и денеска.
Кај нас одамна како да сме заборавиле на овие настани кои, сакале или не, се дел од нашата историја. Можеби нашиве политичари кои се изредија во овие 24 години како да се срамат од фактот дека во јуни 1991 година кај нас од референдум за осамостојување немаше ни „р“. А и кога го направивме на 8 септември, најблаго речено беше „хермафродитен“, бидејќи во суштина имаше две прашања во едно – демек за самостојност, а другото за некаква конфедерација со другите Ју-републики. Кај нас, во тоа време, ја немаше онаа потребна интелектуална и политичко-државотворна критична маса, за разлика од една Словенија и Хрватска. Па затоа, како по обичај, и тогаш во тие процеси на распаѓање на некогашната СФРЈ, ние не само што доцневме, туку не знаевме јасно да ги артикулираме и реализираме нашите национални и државотворни интереси. Тоа најдобро се покажа преку фактот дека иако Бадинтеровата комисија, која беше формирана од страна на Европската унија, многу јасно кажа дека единствено Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање како самостојни и суверени држави, ние тоа не успеавме да го реализираме, односно моравме да ја прифативме референцатa БЈРМ за да добиеме меѓународно признавање.

И сега, по речиси четврт век, кога Словенија и Хрватска веќе ги остварија своите стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО, ние се’ уште сме со референцата БЈРМ. Иако заедно со Хрватска и Албанија требаше уште на самитот во Букурешт да станеме членка на НАТО, ама нашиот јужен сосед не’ блокира. Истата песна и за Европската унија, што би рекол нашиот ни „председник“ – ние сме заглавени во лифт. За оваа „заглавеност“ делумно и ние сме си виновни. Овие „нашиве“ изгледа заборавиле на Копенхашките критериуми. Па така грчкиот слаткоречив министер за надворешни работи Никос Козијас, кој во средата беше во прва официјална посета на Македонија (што е за поздравување) сепак не’ потсети на нив.

Значи, 24 години од распаѓањето на СФРЈ ние според некои економски критериуми и показатели сме полоши отколку во тогашната држава. Бидејќи нашето паметење е кратко дали некои се сеќава на какви маки и понижувања беа изложени нашите граѓани, што би се рекло, до вчера кога чекаа пред амбасадите за визи. Дури мораше и по некое оро да се сврти за некој „бирократ“ да се смилува и да ги прими документите за виза. Ние се’ уште сме во некоја почетна фаза на транзиција, како што милуваат да ни кажат нашите политичари, експерти, колумнисти, аналитичари и ред други ендемски видови… Во суштина ние 24 години сме во криза на која отрпнавме, односно се навикнавме да живееме. Во овој период никогаш не се оствари владеењето на правото и правната држава, ама затоа и најситното „шрафче“ во институциите, односно државата, го партизиравме. Исто толку страшен е фактот што дури и невладиниот сектор го партизиравме максимално, при што клучна улога на самиот почеток одигра Фондацијата „Отворено општество“, кај нас попозната како Соросова фондација.

Во една така поставена држава и така структурирано општество и граѓански сектор, не може да се зборува ниту за индивидуални човекови права ниту за слобода на медиуми. Наместо да се развива парламентарната демократија, а со тоа и законодавната власт, која денеска во развиениот свет се’ повеќе ја јакне својата надзорна функција врз извршната власт, кај нас имаме обратен процес. Резултат на ова е политичката криза која се влече од последните избори пред нешто повеќе од една година. И бидејќи ние самите никогаш не сме успеале да решиме ниту една сопствена криза, странците и овој пат ја презедоа улогата на медијатори и посредници. И така ни се случи на почетокот од месецот договорот од Пржино, па потоа имаше неколку средби во Брисел, па последната средба во Клубот на пратениците, каде што нашиве лидери се договорија да го почитуваат договореното, а во меѓувреме ни дојде и извештајот на нашиот стар познаник Рајнхард Прибе. Овој извештај, кој патриотските медиуми и „експерти“ го дочекаа на нож. Посебно патриотски остра („извештајот е криминален“) беше позната професорка од Правниот факултет, која во духот на хиперактивноста изразена преку формулата 24/7 покрај професурата се занимава и со новинарство, со членување во управни одбори, во разни комисии и така натаму. Останува само да видиме дали новинарите „патриоти“ во духот на „македонското истражувачкото новинарство“ ќе откријат дека Прибе има „конфликт на интереси“, да не речам дека е коруптивен, како што новинарите „демократи“ во својот истражувачки занес открија такво нешто кај еврокомесарот Хан!

Во меѓувреме премиерот Груевски преку својот профил на „Фејсбук“ не’ информира дека Владата, секако под негово водство, веќе има „акциски план“ како да ги имплементира препораките и да ги надмине забелешките наведени во извештајот на Прибе (кој е криминален, како што вели професорката). И, нормално, лајкови фрчат. Ама некој да праша зарем Груевски и Владата немаа таков идентичен „акциски план“ уште во времето на бившиот комесар за проширување Филе кога тој ни воведе т.н. дијалог на високо ниво? Ама како што реков нашиве политичари, односно политиканти, одлично играат на нашето „кратко паметење“.

Во понеделник по се’ изгледа главна тема на лидерската средба ќе биде дали во таа преодна влада ќе остане Груевски како премиер или не. Односно, ако остане тоа да биде само до октомври, поточно шест месеци пред изборите за кои е договорено да се одржат во април в година. По се’ изгледа дека е веќе договорено на сегашниве министри, опозицијата да стави уште по еден свој и без негов потпис да не може ништо да се донесе!? Богами, вакво нешто, би рекле кај мене во Дебар маало, нема ниту во Тунгузија. Наивно прашувам дали овие, ајде да ги именуваме „фластер министри“, ќе добиваат и министерска плата? Колку што знам ставка во буџетот за ова нема.

И кога веќе го споменав буџетот ме интересира ако опозицијата влезе во парламентот, односно ако лидерите се договорат в понеделник, каков ќе биде нивниот став за буџетот за идната година. Ако се има предвид дека буџетот за идната година веќе се подготвува, а како што беше практика изминативе две години да биде усвоен во парламентот до крајот на октомври (станува збор за препорака, односно практика од ОЕЦД) ќе биде интересно да се следуваат ставовите, забелешките од опозицијата и гласањето. Имено, според обвинувањата на опозицијата буџетот, односно одредени ставки се одлични алатки со кои власта манипулира со гласачите, посебно во годината на избори.

Како и да е, со договор меѓу политичките лидери или без него, односно со опозицијата во парламентот или пак во шаторите пред Владата (сфатено симболички) не сум убеден дека ќе започне вистински процес на демонтажа на сегашната реална состојба во државата која ја сведуваме на заеднички именител партиска држава и поделено општество. Кај актуелните политички елити нема вистинска волја и демократски капацитет за такво нешто бидејќи и едните и другите заеднички ја креираа и создадоа, а актуелниве ја зацементираа сегашната состојба. Некој ќе рече дека 24 години не се ништо за историјата на една држава. Точно ама 24 години и тоа како се доволни да се покаже дека ни недостасува државотворен капацитет според сегашните европски принципи и стандарди, па затоа и забораваме што се случи пред 24 години.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com