ЧЕКАНОТ КАКО АЛАТКА НА „ПРАВНАТА ДРЖАВА“

Ако ја следиме логиката на оние што маваа со чекан врз царот Душан, дали тоа значи дека треба сега да се уриваат сите споменици од времето на Отоманската Империја

Речиси молкум кај нас помина 10 Декември – Меѓународен ден на човековите права. Се прашувам каде се оние „силни“ невладини организации кои знаат да бидат и многу гласни да организираат најразлични „трибини“ со домашни и странски „експерти“ и да ломотат за човековите права, за правна држава демократија и за што уште не! Ама само ако за тоа добијат средства од некои странски донатор. Каде се новинарските асоцијации барем со соопштение да потсетат на слободата на изразување, како едно од темелните човекови права, кое кај нас одамна е избришано од општествено-политичката реалност. Каде се синдикатите и да потсетат за правото на работа, зашто социјалните права, исто така, се дел од човековите права.
Навистина, поединечно се огласија Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и Алијансата за позитивна Македонија, ама мене ова ми личи како капка вода во нашата општествена пустина. Годинава Меѓународниот ден на човековите права на светско ниво помина во знакот на комеморацијата на еден од најголемите борци за човекови права Нелсон Мандела. Ама и тука ние како држава затаивме. На комеморацијата, која се одржа токму на 10 декември, се собраа над 90 шефови на држави од целиот свет, а од кај нас не отиде никој. Покрај инспиративниот говор на американскиот претседател Обама, светот го виде и неговото ракување со кубанскиот претседател Раул Кастро. Во Јоханесбург беше и претседателот на Србија, Томислав Николиќ, кој не само што се поздравил туку успеал дури да се слика со Обама и првата дама Мишел, па така во средата српските медиуми беа преплавени со овие слики.

Тоа ти била голема работа! Па нашиот претседател Иванов уште пред неколку години рече дека со Обама си намигнувале на молитвениот појадок во Вашингтон!

Но, затоа кај нас веќе десетина дена топ тема е споменикот на царот Душан, кој „мистериозно“ беше поставен на Мостот на цивилизациите. Никој во државата, демек, не знае кој го нарачал, кој го платил, кој го поставил и дали сето ова е во рамките на законите. И се’ почна според веќе видено сценарио од пред речиси три години на скопското Кале. И овој пат високи претставници на ДУИ на нецивилизиран и вандалски начин со чекани се обидоа да го урнат споменикот. Според мене, уште пострашно е кога овој вандализам се оправдува со приказната дека царот Душан бил окупатор на Албанците, убивал и насила ги присилувал од нивната католичката вера да преминуваат во православието. И сето тоа пред јавноста го објаснува и го оправдува пратеник. Нема да се занимавам со историја, ама знам дека Душан многу повеќе безмилосно ги прогонувал богомилите отколку католиците.

Ако ја следиме оваа логика, дали тоа значи дека треба сега да се уриваат сите споменици од времето на Отоманската Империја, бидејќи Турците биле окупатори на овие простори пет века, а во тоа време најголемиот број Албанци преминуваат во исламот, односно ја губат својата оригинална вера. Ама кога се обидувате еден обичен, но груб вандализам да го оправдувате со искривени историски факти, тогаш апсурдноста станува безгранична. Само да потсетам, ДУИ на почетокот приговараше и околу споменикот „Воин на коњ“, ама откако „научно утврдија“ дека неговата мајка била Илирка, си го прифатија нашиот (антички) Аце! Ама, како што реков, на апсурдноста кај нас и’ нема крај. ДУИ, ако навистина не знаел дека „некој“ (читај власта) незаконски ќе поставува споменик на цар Душан, сега наместо со чекан да го спроведува владеењето на правото, може да го стори тоа со легални демократски и законски механизми. Наместо ноќни вандалски походи, нека иницира надзорна расправа во Собранието на која надлежните министри, претставници на локалната власт и други државни институции ќе треба да одговорат околу сите контроверзии не само за споменикот на цар Душан, туку за сето она што се случува околу проектот „Скопје 2014“. Зар министрите од ДУИ не можат да го постават ова прашање на седница на Влада? ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија со штуро соопштение го осуди ова нецивилизациско однесување и побара надлежните институции да ги преземат сите законски мерки и сторителите да се откријат и санкционираат, според законот, се разбира. И, нормално, од МВР ќе речат дека „истрагата е во тек“.

За жал, и опозицијата се вклучи во оваа „чекан демократија“. ДПА донесе на собраниската говорница пластичен чекан. Можеби сакајќи пластично да ја покаже неуспешната акција на ДУИ за уривање на споменикот. Пратеник на СДСМ пред „акцијата“ на ДУИ од собраниската говорница праша кој го поставил цар Душан, кој, според нив, бил окупатор!

И, како што реков, веќе видено сценарио од пред повеќе од две години на Калето во Скопје. Епилогот тогаш беа предвремени избори, на кои актуелната владина коалиција (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) победи по втор пат. Резултатите од тие избори ги чувствуваме секојдневно и тоа на сите полиња. Од почитување на човековите права, функционирањето на правната држава и правната сигурност, преку сиромаштијата и иселувањата на млади, или речено со еден збор „Остваруваме“. Ако се сомневав дека со претседателските избори ќе имаме и повторно предвремени парламентарни избори по овие настани, убеден сум дека ќе имаме уште едни парламентарни избори. Имено, по последната седница на своето претседателство, ДУИ одлучи својот партиски конгрес да го одложи за јуни (кој досега неколкупати е одложуван). Од ова е јасно дека на интегративците им треба уште една победа за потоа внатре да си ги уредат односите, бидејќи одамна се шушка дека не им оди се’ мазно.

И каде сме во целата оваа ујдурма ние, граѓаните. За актуелните политички елити ние сме само бројка. Останува на нас токму на изборите да покажеме дека не сме „бројка“, туку активен субјект кој ќе може да направи „reset“ и со тоа општеството, државата, но и нашата сегашност и иднина да ја вратиме на вистинскиот колосек. Во спротивно, ако сега чеканот станува алатка на правната држава, нема да изненади ако утре не ни се случи „delete“ (бришење) на владеењето на правото.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com