ЧАСОТ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА

Зошто премиерот, министерот за финансии или некој друг од владиниот економски „дрим тим“ не „тркна“ до Давос, па таму да им ги претстават графиконите за успешната економска политика

„Тимот на светската волонтерска акција ’Часот на планетата Земја‘ денеска официјално го промовираше глобалното видео од светската маркетиншка кампања во кое првпат се појавуваат и инсерти од Македонија. Двеминутното видео во кое главна музичка тема е интернационалниот хит ’Pompeii‘ на британскиот бенд ’Bastille‘ ја прикажува потребата да се променат климатските промени со моќта на секој поединец. Поради актуелноста и успешноста на акцијата ’Часот на планетата Земја‘ минатата година во Македонија, глобалниот тим реши да вметне инсерт од исклучувањето на осветлувањето од плоштадот во Скопје во рекламата која ја гледа целиот свет. Тоа може да се види во 58. секунда од видеото (https://www.youtube.com/watch?v=4OJgv1_cz54)“.
Ова е официјална вест која ја објави МИА во средата, а се однесува на најголемата светска волонтерска акција, со цел да се подигне еколошката свест кај секој поединец. Многумина ќе речат – па што има тука интересно или чудно. Навистина, нема ништо чудно. Можеби интересно за некои. Веста, барем за мене, има голема доза на цинизам, бидејки токму тој ден (среда) во Скопје загаденоста на воздухот беше единаесет пати поголема од дозволената, додека во Тетово и Кичево загаденоста на воздухот беше уште поголема. Ама тоа не е важно. Важно дека ние сме на „youtube“, а тоа секако ќе влијае позитивно врз привлекување на странските инвеститори и богами и на туризмот, а притоа нема да плаќаме реклами на Си-Ен-Ен.

Дека работите ни одат одлично, во средата потврди и министерот за финансии на прес-конференцијата, на која ги претстави извештаите на ЕБРД и Светската банка. Според извештаите, Македонија во минатата година имала економски раст од 3,8 проценти, што е подобро од Полска, Словенија, Латвија, за државите од регионов не треба ниту да се споменува. Според овие графикони, и 2015 ќе биде успешна и се предвидува економскиот раст да изнесува 3,5 проценти. Затоа во иднина министерот за финансии нема да одговара на критиките од политичарите и експертите за владината економска политика туку ќе ги упатува да „тркнат“ до Вашингтон, односно Лондон, каде што се седиштата на Светската банка и ЕБРД и таму на самото место да ги видат овие графикони и извештаи.

Едно наивно прашање од моја страна. Зошто премиерот, министерот за финансии или некој друг од владиниот економски „дрим тим“ не „тркна“ до Давос на Светскиот економски форум на кој, како и секоја година, и овој пат се собра светската политичка и економска елита од Бил Гејтс преку директорот на „Гугл“ и многу други милијардери, па таму да им ги претстават овие графикони и успешната економска политика. Можете да си замислите по „успешните“ виртуелни проекти, какви што беа „Вардарската долина“ или, пак, идејниот проект на братот Субрата во Охрид, сега еден Били Гејтс да рече дека на охридското крајбрежје ќе прави нова силиконска долина. Ние не отидовме ниту во Париз, каде што лидерите од Европа и од светот маршираа заедно со десетици милиони луѓе, изразувајќи ја на тој начин својата почит до убиените новинари на „Шарли ебдо“, но и својот пркос и безрезервна поддршка за слободата на изразување.

Кај нас, за жал, каква ни е слободата на изразување и како власта ова го разбира, се виде преку сето она што се случуваше со Кежаровски. Ајде што од една страна се покажа како власта си ја замислува слободата на изразување, туку во исто време „блесна“ со сета своја трагикомичност независноста на „судската власт“. Замислете и тие (судството) биле Шарли, бидејки се протестирало против пресудата на Апелациски која ја „квачеа“ од октомври лани и со која Кежаровски беше правосилно осуден. Донекаде и го разбирам министерот за финансии кој во иднина на оние што ја критикуваат економската политика нема да им одговара, туку ги испраќа во Вашингтон и Лондон, ама каде да ги испратиме судиите за да разберат што е тоа независна судска власт. Никаде! За почеток нека ја прочитаат вчерашната колумна на колегата Поповски, па потоа извештаите на Европската комисија кои се однесуваат на судството и така по ред. И така проектот „Остваруваме“, зад кој стои владејачката партија, односно извршната власт, продолжува да се остварува. Државниот испит од вчера стана законска обврска, откако претседателот на државата „државнички“ го потпиша.

Околу штрајкот на СОНК – Владата преку веќе испробаниот и успешен метод на „подели и владеј“ преку ноќ организираше „контра-штрајк“ и така успеа, ако не во целост, барем во најголем број основни и средни училишта наставата сепак да се одвива. Во овој најнов владин „успех“, мора да се „истакне“ и улогата на локалната самоуправа, особено на градоначалниците, кои освен два-тројца се од владејачката коалиција.

Во секое колку-толку нормално општество и уредена држава, секој ќе се праша, а каде е тука опозицијата. Е кај нас одамна ја нема, односно како што повеќе пати имам напишано, таа е на ниво на „зомби“. Откако бомбата ја замрзнаа, сега повторно се вратија на „откривање“ на „проневери“ и „корупција“ поврзани со проектот „Скопје 2014“. Па така, сега на јавноста им се презентираат информации, податоци и документи од таканаречените анекс-договори со кои, на пример, изградбата на театарот од првобитната сума со која е добиен тендерот се зголемила за речиси десет пати. Точно, ама опозицијата, поточно Шилегов, како да забораваат дека овие „податоци “ и овие корупциски афери не се нешто ново или непознато. За нив, во парламентот од парламентарната говорница зборуваа и ги покажуваа овие анекс-договори повеќе пратеници од СДСМ во минатиот мандат. Да потсетам на госпоѓа Бендевска, потоа координаторот на нивната пратеничка група Игор Ивановски, Јани Макрадули и други. Разликата е во тоа што тогаш ова беше изнесено од говорницата на Собранието и пренесувано во живо, а за тоа никој не можеше пратениците да ги тужи за навреда или клевета. Сега сите гледаме како и колку се пренесуваат прес-конференциите на СДСМ, а Шилегов и овој пат „ќе попие“ тужба за навреда и клевета, а нашето судство во духот „И јас сум Шарли“ ваквите предмети, по правило, ги пресудува во корист на тужителот.

И сега речете дека „нема разлики!“ А тие „разлики“ да бидат уште појасни, барем за нас граѓаните, владејачката партија на свои прес-конференции ни ја презентира „имотната картичка“ на Шилегов со многу јасна инсинуација како тој ( незаконски) го стекнал сето тоа.

И повторно се враќаме на есенцијалното прашање за (не)функционирањето на правната држава. Зар требаше СДСМ да го обелодени договорот за издавање на куќата на министерот Јанакиески, па Антикорупциска да изјави дека ќе испитува дали во сето тоа имало конфликт на интереси. Малку доцна Јанакиески, како што изјави, го раскина договорот со „кираџииите“. Истото се однесува и за Шилегов. Ако својот имот го стекнал незаконски, зошто досега надлежните не реагирале туку повторно партија, која е во исто време на власт. Ако сте на власт, прашајте се што ви прават „вашите“ надлежни органи.

И да се вратам на почетокот, односно на акцијата за заштита на човековата околина. Обама, кој исто така е дел од гореспоменатиот спот, вели: „Ние сме првата генерација која го чувствува влијанието од климатските промени и последната генерација која може да го промени тоа“. Е па, ајде де!

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com