ЦЕЛОСНА „ОРБАНИЗАЦИЈА“

Лошото момче на европската политика, Виктор Орбан, уште еднаш убедливо победи во Унгарија и доби нов мандат да ја продолжи националистичката и авторитарна политика

Денеска на полноќ почнува изборниот молк пред првиот круг на претседателските избори и затоа нема да пишувам за домашниот предизборен амбиент. Ама бидејќи сме во некоја предизборна „еуфорија“ полна со големи ветувања повеќе информативно отколку аналитички ќе се осврнам на изборите во Унгарија и на големата победа на нашиот осведочен пријател Виктор Орбан и неговата партија Фидес, која во унгарскиот парламент кој има 199 пратеника освои 135 пратенички места. Куриозитет е во тоа што Орбан и неговата Фидес втор пат по ред добиваат двотретинско мнозинство во парламентот.
Овој правник, кој уште во времето на комунизмот во Унгарија во 1988 година со стипендија на Сорос оди на постдипломски студии во Оксфорд денеска е татко на пет деца, а од некогашен радикален либерал „созреа“ во конзервативен десничар со изразени национални, а на моменти и националистички ставови. Можеби кај нас е непознато дека е голем љубител на спортот, посебно на фудбалот, а бил и регистриран фудбалер. Припадник е на Реформаторската калвинистичка црква.
Одѕивот на изборите беше 63,8 проценти, а унгарскиот парламент во идните четири години ќе биде само со три партии. Победничката Фидес, потоа Здружената левица, која освои 39 пратенички места, но загрижува фактот што партијата Јобик, радикално десна партија со отворени фашистички идеи, особено во однос на Ромите, освои 25 пратенички места. Ваквата убедлива победа на Виктор Орбан и воопшто распоредот на силите на унгарската политичка сцена веќе предизвикуваат негативни реакции, претежно во државите на ЕУ. И пред тоа имаше отворени конфликти на релација Брисел – Будимпешта, посебно поради „реформите“ кои Орбан ги направи околу слободата на медиумите, но и во правосудството, со цел да воспостави контрола врз нив. Дури во минатиот мандатен период тој направи и уставни промени за да ги оствари овие цели. Но, сепак тие отворени конфликти на релација Брисел – Будимпешта завршуваа само со стерилни вербални закани од бриселската администрација и Европската комисија. А се покажа дека заканите од Брисел и отворените квалификации за Орбан дека владее авторитарно само ја зацврстија неговата и положбата на неговата партија на унгарската политичка цена.

Интересна е неговата изјава по победата во неделата. „Граѓаните потврдија дека на Унгарија и’ е местото во ЕУ само ако имаат силна национална влада“. Орбан и пред четири години, а и сега играше на картата на зачувување на унгарскиот национален идентитет. За таа цел, на пример, тој донесе одлука дека секој припадник на унгарското малцинство во соседните држави по автоматизам добива унгарско државјанство што посебно го искористија Унгарците од Војводина и така станаа граѓани на ЕУ.

Сепак, Виктор Орбан заштитата на унгарскиот национален идентитет ја гледаше, пред се’, во однос до странските корпорации и банки. Во минатиот период тој го воведе данокот за (странските) банки, со тоа што ако добивката ја реинвестираат во унгарското стопанство тогаш даночната стапка се намалува. Во исто време ги намали даноците за домашните мали и средни претпријатија. А со парите од приватните пензиски фондови (околу 14 милијарди долари) успеа државата и унгарското стопанство да ги извади од рецесија. Така, на пример, изминативе четири години бројот на даночни обврзници, кога станува збор за средни и мали претпријатија, се зголемил за двојно, а бидејќи на Будимпешта не и’ требаат споменици, ниту барок, а Унгарците со векови знаат кој се и што се, владата на Орбан собраните даноци ги реинвестира во националната економија.

Ако социјалистите (левицата) од 2002 до 2010 кога владееше во Унгарија водеше една крајно неолиберална економска политика и во целост отворена спрема странскиот капитал, Виктор Орбан со радикални конзервативни и национални економски политики и мерки успева да го привлече унгарското избирачко тело. Интересен е и фактот дека и покрај ваквите непопуларни мерки за странскиот капитал нема примери на намалувањето на странските инвестиции или, пак, повлекување на странскиот капитал. Понатаму иако се претставува како голем антикомунист, Орбан има многу добри односи со Русија (посебно во економијата), па така реконструкцијата на единствената атомска централа во Унгарија ќе ја прават Русите.

Орбан останува и во идните четири години да биде „црна овца“ во европскиот демократски простор, ама за тоа ниту тој, а ниту унгарското јавно мислење многу не се загрижени. А натамошната „орбанизација“ на Унгарија продолжува. Секако, Виктор Орбан и неговата влада и понатаму остануваат „големи пријатели“ на нашата држава и посебно блиски со владејачката партија.

И кога веќе зборуваме за наши странски пријатели ќе го споменам и почетокот на парламентарните избори во Индија. Не знам колку ни е Индија „пријател“, ама од таму доаѓа нашиот голем пријател заљубеник во Македонија и секако голем инвеститор кој во некоја недефинирана иднина ќе ја прероди македонската економија (поточно туризмот и земјоделството). Погаѓате дека мислам на Субрата Рој, кој „неоправдано“ лежи во притвор. Реков почнаа бидејќи во Индија има 814 милиони избирачи, па затоа гласањето трае повеќе од еден месец, поточно 35 дена. Само на овие избори на избирачкиот список има 100 милиони нови избирачи! И, замислете, барем досега нема никакви проблеми со избирачкиот список, односно некоја од партиите да го оспорува. Некој ќе рече – Индија беше британска колонија, а ние петстотини години дел од Отоманската империја. Жалам, ама ниту ова не држи вода. Бидејќи во отоманска Турција имало одлична евиденција на населението и имотот и во денешна Турција избирачкиот список не е проблем, иако на него има околу 56 милиони избирачи.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com